ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН Според Стив Пљакас треба да се нагласи следното: „Националниот состав на населението во Егејска Македонија има претрпено големи етнички промени, особено по Балканските војни и поделбата на Македонија. До Балканските војни македонското население во Егејска Македонија било најбројно. Македонците под грчка власт биле и сè уште се изложени на асимилаторска тортура и присилна емиграција, со единствена цел да се измени етничкиот состав на Македонија. Меѓутоа, Македонците не само што постоеле, постојат, туку и ќе постојат, зашто не е лесно да се искорени еден народ, таму каде што живеел со векови и покрај сите мерки на насилство и денационализација. На Македонците им давале најразлични национални имиња, настојувајќи негативно да се влијае врз нивната свест, наречувајќи ги: Словени, каури, рисјани, македонски Словени, Македослави, Славомакедонци, Бугари, бугарски Словени, македонски Бугари, Срби, Јужносрбијанци, Грци, македонски Грци, гркомани, бугарофони, славофони. Но, како и да биле нарекувани, тие биле и си останале Македонци, а сите имиња со кои Македонците биле нарекувани поради историските, општествените и политичките услови, можат и треба да се асптрахираат, бидејќи тоа се само многу имиња за еден ист поим, кој означува еден напатен, разделен народ со трагична судбина, народ којшто може да се сретне насекаде по светот. Македонскиот народ, според своите карактеристики и обичаи, јазично и етнички и е туѓ на Грција. Од тие причини грчката буржоазија од првиот момент кога ја проширила својата власт над Егејска Македонија, изградила политика на физичко истребување на македонскиот народ и менување на етничкиот состав во своја корист. Тоа го прифатила како основно средство, уште повеќе што обилните материјални средства дотогаш вложувани преку Патријаршијата и училиштата во Македонија, не го дале бараниот резултат. Грчката буржоазија, со цел да го избрише секој белег што потсетува на македонскиот карактер на Егејска Македонија, во ноември 1926 година донела Закон за замена на македонските топоними со грчки имиња на селата и градовите, називите на планините, полињата, реките итн. Тој Закон е објавен во службениот весник на грчката влада “Elimeristis kivemiseos” бр. 332 од 21 ноември 1926 година, а во истиот весник бр. 346, објавени се новите грчки имиња“, заклучува овој човек од Егејска Македонија. Таму, во Егејска Македонија, се наоѓа селото Зелениче, родното место на Стив Пљакас, каде тој како дете поминал пријатни и тажни времиња. Таму денес владее национално и политичко ропство, таму грчките националисти и шовинисти прават големи заложби да го обезличат македонскиот национален дух и да го уништат и длабоко да го закопаат богатото историско и културно минато на македонскиот народ од Егејска Македонија |
Потресните приказни за присилата на 28.000 деца, на возраст од 2 до 15 години, во 1948 година кога беа разделени од родителите, допреа до многу срца. Самите страдалници раскажуваа за патувањата до југословенската граница исцрпени, уплашени, гладни и жедни, многумина и болни. Од средбата во Скопје беше упатено барање до Атина и таа, како останатиот цивилизиран свет, да ги тргне рампите кои ги спушти за Македонците родени во Егејска Македонија. Да ги тргне разноразните методи на присила и закани и апсурдните изговори, само да не им биде дозволено на Македонците да појдат во своите родни места |