ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Поводот за нашето патување за Загреб (на свештеникот Ѓорѓи Кацарски, ѓаконот Александар Цандовски и авторот на овие редови како потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија) беше формирањето на црквата „Света Злата Мегленска”. Таа е првата македонска православна црковна општина во Република Хрватска, која припаѓа на Европско-македонската епархија, како дел од семејството на осумдесетината македонски духовни, културно-просветни и национални центри надвор од Република Македонија.
Често со право се вели дека Македонците во светот оставаат бројни траги, некаде во сенка, некаде како привид, а некаде како живот кој тече. А трагите на Македонците во Загреб се повеќе од тоа: тие се значаен дел од културното и духовното наследство на Македонија и парче од мозаикот, културата и обичното живеење на суверена Хрватска. Убавиот Загреб, една од европските метрополи на културата, широко ги отвори пазувите за Македонците кои времено или трајно свиле гнездо на тие простори. Според некои податоци во Загреб живеат околу 4.000 Македонци од сите краишта на Македонија, а од 12.000 до 15.000 во цела Хрватска; ги има од фурнаџии до универзитетски професори, но сите се со една мисла – за подобри врски со Македонија.
Во Загреб стасавме во еден сончев и убав зимски ден. Градот беше обвиен во дебела снежна покривка, а глетката беше прекрасна. Како и да не биде прекрасна кога зимата како временски период е мошне присутен мотив во хрватската литература и уметност. Беше сабота, кога патиштата за голем број Македонци водеа кон музејот „Мимара” во строгиот центар на Загреб, прекрaсно здание спроти Хрватското казалиште, формирано од донаторство на хрватскиот сликар и реставратор, познавач на уметноста и колекционер – Анте Топиќ Мимара. Во една од салите на овој значаен загрепски музеј се одржа изборното собрание на Македонската православна црковна општина „Света Злата Мегленска”.
Беше прочитана Одлуката на Светиот архијерејски синод на Македонската православна црква, потпишана од архиепископот охридски и македонски г.г. Михаил, со која формирањето на македонската православна црковна општина во Загреб се здоби со благослов. Потоа, одржавме предавање на тема „Улогата и вистината за Македонската православна црква”, кое беше следено со големо внимание и наградено со аплауз.
Напладне во преполнетата црква „Свети Рок” во Загреб, се одржа богослужба на македонски јазик. Присутните ги поздрави и старешината на црквата, а како и на предавањето во „Мимара” присуствуваа неколку новинари од Загреб и дописници на странски новински агенции. Тоа беше прва недела по Денот на Свети Климент. Затоа и литургијата беше посветена на тој наш голем учител и отец, просветител и црковен столб, родончалник на Охридската архиепископија и првиот охридски епископ.
Огромно беше задоволството што богослужбата се одржа на македонски јазик, тоа се читаше на лицата на присутните на кои тој свечен чин им остави белег на нивните души. Тоа особено се чувствуваше кога опојниот мирис на емјанот ја исполни црквата, ги возбуди, ги обедини и ги стопли душите на собраните Македонци во тоа, инаку студено, загрепско утро.
Тој опоен мирис, кој многу од присутните не го почувствувале можеби и со децении, им ги замати главите и ги врати сеќавањата на оние далечни денови во родната земја Македонија, во која со години Црквата играла важна улога, ако не и најважна, зашто успеа да ги зачува македонските традиции, обичаи, јазикот, културата и другите обележја на македонскиот народ во еден подолг период.
По одржувањето на богослужбата, заедно со членовите на новата црковна управа на чело со познатиот диригент Тома Прошев, заедно со надбискупот на Католичката црква господинот Кокша, со кого се знаевме уште од Ватикан, имавме срдечна средба, гозба и неколкучасовно другарување на падините на планината Сљеме. Оттаму, од еден прекрасен ресторан со поглед кон градот, ја гледавме и се насладувавме на убавината на околината и убавите предели на овој рекреативен центар кој по многу нешта наликува на Водно крај Скопје.
Токму тие сличности на овие две планини кои се издигаат над двата главни града од двете држави ги прават Загреб и Скопје блиски и ја намалуваат далечината што постои меѓу нив. Во текот на разговорите се правеа споредби меѓу Сљеме и Водно, се дискутираше за убавините што мајката природа ни ги дала и за можностите за искористување на тие дарови од природата. На моменти заборавивме дека сме на Сљеме, туку само зборувавме за Водно, за деновите од детството и од студентскиот период, за сè она што ги поврзува скопјани со Водно, како и загрепчани со Сљеме.
Ќе останат незаборавни и средбите со поголем број претставници и активисти на црковната општина, на Македонско-хрватската заедница и на Друштвото „Хрватска-Македонија”, со кои разговаравме за бројни прашања и проблеми во врска со организираното живеење на Македонците во Загреб. Притоа, соговорниците беа едногласни во желбите да се зачува единството меѓу Македонците низ нивното заедничко, црковно и национално живеење во рамките на Македонската православна црковна општина „Света Злата Мегленска”.
Беше убав, сончев и пријатен ден кога требаше да прошетаме низ Загреб. Времето за разгледување на некои културно-историски споменици во градот и околината го искористивме за посета на Самобор, градот каде што едно време живееше и твореше големиот македонски поет и револуционер Кочо Рацин.
Тука, пред споменикот останавме подолго време, разговарајќи за животот и делото на еден од најголемите македонски поети – Кочо Рацин. Тие мигови на радост оставија трајни белези кај нас, кои за првпат го посетивме ова значајно гратче кое на најдобар начин се оддолжило на поетот.

Света Злата Мегленска во Загреб
Во тој прекрасен дел од Хрватска, уште пред Втората светска војна, Кочо Рацин дошол во овој град и тука ја отпечатил својата позната стихозбирка „Бели мугри” и тоа на македонски јазик. Тоа зборува за постоењето на македонскиот јазик кој, покрај тоа што не бил кодифициран во тој период, сепак, македонските преродбеници од предминатиот и минатиот век го пишувале и го употребувале македонскиот јазик што денес е литературен и официјален јазик во Република Македонија. Во дворот на Музејот во Самобор, кој е сместен на десната страна на брзата планинска река, се издига бистата на Кочо Рацин.
Нашата посета во Хрватска ја искористивме и да ја посетиме Истра – најголемиот и најубавиот полуостров на Јадранското Море, што го заплискуваат морските бранови на Трстјанскиот, Кварнерскиот и Риечкиот Залив. Тоа е карсно, планинско, поморско, индустриско и туристичко подрачје на Република Хрватска. Нејзиниот брег е благ со многу заливи, канали, со високи и стрмни брегови на источната и ниски и рамни брегови на западната страна. Истра е многу значајно поморско, индустриско и стратешко подрачје на Хрватска и пошироко.
Меѓутоа, се чини дека Истра, по воздухот, климатските и другите услови, е привлечен рекреативен центар, или како често ја нарекуваат „туристичка мека”. Во текот на годината, ова привлечно и по многу нешта карактеристично подрачје го посетуваат туристи од цел свет, претежно од Италија, Германија, Австрија и други земји.
Првите Македонци на Истра се доселиле по Втората светска војна, а нивниот број се зголемува од година во година. Така, денес во Пула, најважниот центар на југозападниот брег на полуостровот формиран во 178. година пред нашата ера и во кој има бројни римски и средновековни споменици, живеат околу 4.000 Македонци. Нив ги има од сите региони на Македонја, вклучени, главно, во мешани бракови со Хрвати. Поголемиот број од нив се во Истра, а и во другите приморски градови. Вработени биле претежно во морнарицата и војската, а голем број се афирмирале како деловни луѓе и интелектуалци.
Сите тие уживаат голем авторитет во тамошната средина, а со својата лојалност, трудољубивост и честитост имаат постигнато видни резултати на економски, општествен и културен план, со што претставуваат значаен фактор во севкупното живеење. Нивната организираност на национален и културен план е изразена преку активностите на Македонското културно-уметничко друштво „Кочо Рацин”, кое многу години е средиште на најголемиот број активности на Македонците во Истра.
Нашиот престој на Истра го искористивме да го посетиме градот Риека и околните туристички места. Патот кој води од Пула до Риека, прекуморски Котор, е нов и претставува вистинска врска на Истра со светот. Ние ја одбравме делницата преку најдолгиот тунел Учка, кој претставува големо градежно остварување, а во исто време го скратува патниот правец кон Риека и поврзува голем број населени места на Истра. Таму, од излезот на тунелот, како на дланка се гледа Риечкиот Залив кој е испреплетен со поголем број острови, меѓу кои најголемите и најпознатите -Крк и Црес, покрај кои пловат и најголеми прекуокеански бродови, зашто Риека е најголемото морско пристаниште во Хрватска и еден од најразвиените градови на Јадранското Море. Риека е раскрсница за средниот дел на Европа, од каде многу поморски патишта водат кон светот.
Во Риека се прошетавме низ центарот, што сега е шеталиште и пријатно катче и за домаќините и за туристите. А, во Риека има туристи во текот на целата година и од сите земји на светот, бидејќи големите бродови чекаат за растовар и утовар подолг период, токму во риечкото пристаниште. Градот, пак, со својата стара и нова архитектура може да се рече дека е приморска метропола со најмногу архитектонски и други контрасти. Тука се измешало и старото и новото; донесени се бројни новитети од светот, тука се зборуваат сите јазици на светот…
Во попладневните часови се упативме по делницата што ги поврзува приморските излетишта: Волско, Опатија, Ловран, Мошчевишка Драга, па потоа преку Лабин и Рашка продолжува кон Пула. На патот застанавме во климатското лечилиште од светски глас – Опатија, градот што е сместен во Кварнерскиот Залив, а во подножјето на Учка. Се смета дека Опатија е најдобро уредено летувалиште и туристичко место на јадранскиот брег. Опатија има суптропска вегетација и блага клима. Тука, бројни морепловци донеле различна флора од сите меридијани. Затоа, човек се чувствува како да е со целиот свет. Ние застанамве на главната улица до морето и имавме среќа да пиеме кафе во ресторанот „Скопје”, сопственост на еден нашинец. Се чувствувавме како да сме во Македонија.
Но, ниту од далеку не е кажано сè за градовите на Хрватска – Загреб и Риека, како и за другите приморски центри. Она што ќе се каже како порака по сè што ќе се види таму е дека треба да се дојде во тие градови и да се почувствува нивното 24-часовно пулсирање, со сите нивни карактеристики пренесени од минатото и оние што ги донесе времето од војната во Босна. Зашто, со секое ново доаѓање во нив посетителот гледа нови нешта, различија во однесувањето и живеењето на граѓаните и, се разбира, многу изненадувања што градовите ги прават интересни и возбудливи за секој посетител.
Затоа, нашата посета на Истра беше многу интересна, возбудлива и исполнета со многу нешта коишто ни ги збогатија нашите знаења, сознанија и видици за тој дел на Хрватска. Во исто време, се запознавме со животот, активностите, со културното и црковното живеење на Македонците во тој дел од Хрватска, каде тие за првпат се организираат на црковен план на поранешните југословенски простори. Тоа е израз на особено добрите односи меѓу двете цркви – Католичката црква на Хрватска и Македонската право-славна црква, на двата народа и двете држави.
Го продолживме нашето патување кон Риека и преку Горски Котор се упативме кон Загреб. На загрепскиот аеродром „Плесо” бевме испратени од членовите на Македонската православна црква „Света Злата Мегленска”, на кои им посакавме тие да бидат мостот за зближување на духовно, просветно, културно и економско поле меѓу хрватскиот и македонскиот народ и меѓу нивните две татковини – Хрватска и Македонија.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН