Помеѓу Турција и Северна Македонија имаме континуирано зајакнување на соработката која опфаќа повеќе области и институции. Со секој минат ден ја интензивираме и ја издигаме на повисоко ниво нашата соработка со оваа пријателска и сојузничка земја, соопшти денеска на прес-конференција турски амбасадор во земјава Фатиџ Улусој.
Потсети дека на 28 февруари годинава премиерот Христијан Мицкоски реализираше посета на Турција, а во Истанбул се сретна со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, на која беше договорено основање на заеднички виш совет за стратешка соработка меѓу двете земји.
Прашан за последниот случај во Штип каде почина турски државјанин, дали имаат соработка со МВР и какви превентивни чекори можат да се преземат, Улусој вели дека не е во ред да коментира.
– За настаните кои ги споменавте се одвива правен процес и сметам дека не би било во ред ние да коментираме, појасни турскиот амбасадор Улусој. Додаде дека денес се одбележува 15 Мај – Денот на семејството и изрази задоволство од можноста да се развива соработката за теми кои се повразни со надлежностите на министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
Дваесет и пет годишниот Е.О, странски државјанин, беше убиен ноќта на 9 мај 2025 година во угостителскиот објект „Вами“ на Градскиот плоштад во Штип. Во Клиничката болница-Штип бил донесен без знаци на живот, со неколку прострелни рани. Лекарите пробувале да го реанимираат, но обидите биле несупешни. Лицето кое пукало во починатиот Е.О. беше во бегство.
МИА претходно информираше дека истата ноќ во 22:15 часот на наплатната рампа Миладиновци, во заедничка акција на СВР Штип, СВР Скопје и сообраќајната полиција, било запрено патничко возило „бмв“ со штипски регистарски ознаки, во кое биле А.Х., Т.М., О.М. и А.О., при што А.Х. се дал во бегство, а другите лица биле лишени од слобода. Во акцијата беа вклучени полициски службеници, а бил употребен и дрон. Набргу, по преземени мерки, и сторителот К.К. бил пронајден и приведен.