Кошта: Процесот на евроинтеграција на земјата се одвива многу долго, време е да се испорачаат резултати

Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски истакна дека процесот на евроинтергација на земјава се одвива многу долго и оти сега е време да се испорачаат резултати. Северна Македонија заврши многу работа и затоа треба да останете на тој правец.

-Северна Македонија заврши многу работа и затоа треба да останете на тој правец. Пристапниот процес е повеќе маратон, а не брза трка, тоа е напорен процес што понекогаш може да фрустрира, како што се случило и со сите претходни кандидати. Но сите тие ја постигнаа целта, секако и вие ќе ја постигнете целта но со вашата решеност, напорна работа и соработка, ќе успеете на крај со заобиколување на пречките, изјави претседателот на Европскиот совет.

Кошта истакна дека проширувањето на ЕУ е најдобра стратешка инвестиција во мир, стабилност што сите може да ја направиме. Тој ја поздрави работата на Владата во поглед на реформската агенда, и напредокот што веќе беше постигнат, нагласувајќи дека иднината на Северна Македонија е во ЕУ.

-Го охрабрувам премиерот да ги вложи своите напори за да го овозможи натамошниот напредок. Може да сметате на нас, на ЕУ, затоа што ние ви стоиме на располагање подговтвени да ја искористите оваа динамика. Клучно е да се продолжи со реформите и да се инвестира во владеењето на правото и борбата против корупцијата. Сакам да ја уважам и вашата усогласеност со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика, потенцира Кошта. 

На новинарско прашање дали ЕУ може да даде некакви гаранции и механизми со кои ќе може да се дадат тие гаранции и како целина како и каде го гледате излезот или патот напред за земјата, повтори дека ја имаме поддршката од Брисел за да го одблокираме процесот и оти е време да се испорачаат резултати.

-Овој процес се одвиваше навистина премногу време, и сега време е да се испорачаат резултати. А за да се испорачаат резултати, треба истовремено да чекориме во две паралелни димензии. Се работи за конкретни резултати за Северна Македонија, и за граѓаните на Северна Македонија.Токму затоа Реформската агенда е многу важна, Планот за раст е мошне важен и треба да ги конкретизираме инвестициите како Коридор 8, модернизирање на Коридор 10. Тие ќе дадат конкретни резултати за вашата земја и за вашите граѓани. Истовремено треба да се надмине овој процес на пристапување, а за тоа неопходно е да се спроведат одредени реформи, но исто така и да се испорача она што беше договорено во 2022 година. И, да, знам колку е тоа тешко, истакна Кошта. 

Уште еднаш повтори дека Северна Македонија има направено огроми напори во минатото за да го придвижи напред процесот на пристапување и оти сега е сега е време да се заклучи целата работа со следните чекори.

-Премиерот Мицкоски знае дека може да смета на мене, дека може да смета на ЕУ, за да го олесниме сето ова за конечно да отвориме нова страница и да се придвижиме напред. Тоа е причината поради која посетив Бугарија пред две недели. И кога прашувате какви гаранции имаме, јасно е дека она што е договорено е договорено и немаме веќе за што друго да се договараме. Сега треба да го испорачаме она зашто сме се договориле и веќе нема простор да се бара нешто повеќе, рече Кошта.

На новинарско прашање дали има план Б за тоа да се надминат барањата од страна на Бугарија, Кошта истакна дека не треба да се потценува планот А и треба да се фокусираме на негова испорака.

-Знаеме кои се Копенхашките критериуми, знаеме кои се претходните одлуки од страна на Европскиот совет, знаеме што беше договорено во 2022 година, и мора да го испорачаме тоа. Јас совршено добро сфаќам кога премиерот вели дека веќе е променето знамето, името на вашата држава, кога вели дека имало измени во Уставот, сето тоа го сфаќам. Сега треба да бидем сигурни дека никој нема да дојде и да побара нешто повеќе од она што претходно било договорено. И јас навистина се согласувам со него, она што е договорено, е договорено. И сега треба да испорачаме, не ни треба план Б. Треба да го испорачаме план А, што е во мојот фокус, а сигурен сум дека и премиерот Мицкоски е фокусиран на тоа и секако треба и другите 27 земји членки на ЕУ да бидат фокусирани на тоа, рече Кошта. 

Премиерот Мицкоски на покана на Кошта ќе го придружува на неговиот лет од Скопје до Тирана, каде што претседателот на Советот на ЕУ ќе приреди вечера за лидерите на Западен Балкан, додека утре ќе имаат состанок на Европската политичка заедница во Тирана.

Посетата на Кошта на Скопје е дел од неговата турнеја во Западен Балкан, во чии рамки претходно ги посети Сараево и Белград.