Панихида и свежо цвеќе пред спомен обележјето на припадниците на безбедносните сили кои загинаа во „Диво Насеље“

Во Секторот за внатрешни работи Куманово денеска повеќе делегации положија свежо цвеќе пред спомен обележјето на осумтемината припадници на безбедносните сили кои загинаа во кумановско „Диво Насеље“.

Претставници на МВР, директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, началникот на СВР Куманово, Никица Петрушевски, претставници од специјалните единци на МВР, синдикати на полицијата, здруженија на граѓани, општината и политички партии одадоа почит на загинатите од вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље“ на 9 и 10 мај 2015.

Антонио Станковски од Здружението „СИЛА“ во денешната изјава за медиумите порача дека хероите никогаш не смеат да се заборават и повика на масовност при оддавање почит кон жртвите на ваквите настани кои ќе се одбележуваат и по 100 години, особено во Куманово, да им се укаже на новите генерации за дадената жртва, на жртвата која ја дадоа  припадниците на безбедносните и испишаа историја.

– Во иднина вакви работи не смеат да се случуваат, но тоа зависи од многу повисоко ниво. На крај губитник е обичниот народ, луѓето директно врзани со акциите, задачите и не се во конекција со оние кои одлучуваат. Бидејќи оваа акција каде што бев и одговорен на сите тие единици недоволно вклучен во акцијата, мислам дека згрешивме на највисоко ниво за ова вака се случи. Ме револтира бројката на присутни граѓани и во црквата и овде кое требаше да биде преплавено со луѓе, треба да се ставиме во улога на фамилиите кои ги загубиле своите чеда, ние сме живи и здрави. Овие моменти не смеат да се заборават. Денеска администрацијата на општината на градот не обвинувам никого индивидуално и сите институции можеби нè има неколку илјади кои работиме на грбот на оваа држава и сме во државни „јасли“ си земаме плата, добро егзистираме, денеска мислам дека овој помен кој е јубилеен, во иднина на панихидата, на помените каде се одржуваат и секаде посебно во Куманово, треба да биде масовно, изјави Станковски.

Тој посочи дека споменик мора да се направи за загинатите припадници, градот во соработка со државните институции. Станковски најави дека како здружение во соработка со општински власти од повеќе градови работат на поставување споменици, мурали на починатите припадници на безбедносните сили како и за загинатите од конфликтот 2001.

Во Соборниот храм „Свети Никола“ во организација на неколкумина иницијатори од Куманово, денеска се одржи панихида во чест на осумте загинати припадници на безбедносните сили во настаните од „Диво Насеље“. Кумановци порачаа дека со тага и болка се сеќаваат на овој датум.

– Денеска во црквата Свети Никола се одржува панихида во спомен на загинатите бранители кои го дадоа својот живот. Заеднички со нивните соборци ја организираме. Куманово памети што се случуваше, крв падна за Македонија, нема никогаш да ја заборавиме нивната жртва-крвта нивна е наша заклетва, изјави Предраг Петрушевски-Бинго еден од неколкумината организатори на панихидата.

Во „Диво Насеље“ во настаните од 9 и 10 мај 2015 животот го загубија Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст. Други 37 припадници на безбедносните сили беа повредени.