Разбирливо е дека проширувањето на Европската унија со нови членки ќе го промени внатрешниот сооднос на силите, но приемот на државите од Западен Балкан не е товар за Унијата, смета претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за анализата на Шведскиот институт за европски политички истражувања (СИЕПС) во која се оценува дека ќе се зголеми влијанието на помалите земји од источна и јужна Европа, на сметка на големите западни држави.
-Не е лошо сите заедно да влеземе ако сакаме да има мир и секој што е понапред да го брани оној зад него. Сите истражувања и анализи покажуваат дека ние не сме товар за апсорпциониот капацитет на Европската унија, дури и сите заедно. Држава како Украина, ако ја додадеме на ЕУ, тогаш односот на силите во процесот на одлучување, бидејќи во Европскиот парламент се тргнува од бројот на жителите во државите, може да го смени. Освен тоа, јасно ни е дека кога една држава што е во војна, со такви големи губитоци, сигурно би го пореметила. На друго сигурно мислат Швеѓаните, а тоа е она на што укажа господинот Макрон, дека прво треба да се решат проблемите внатре во Унијата, домашните проблеми, пред да се отвори вратата и за други. Тоа е логиката и на новиот канцелар во Германија, истакна Сиљановска-Давкова.
Оценува дека многу логично е државите со најдолг стаж на преговори се најподготвени за влез во ЕУ.
-Јас не знам колку позитивни извештаи ни дадоа, парадоксално е, и тоа зборува не за нас, туку за нив. Од Европскиот парламент и од Комисијата да добиете 16 препораки за почеток на преговори, а сега да ви велат дека се отворени. Значи ние, не мислам само на македонското искуство, мислам на Црна Гора, на Албанија и на Србија, особено во процесот на хармонизацијата имаме изодено долг пат и мислам дека воопшто нема да ги комплицираме работите. Шведска треба да знае дека кога влезе во НАТО, исто така можеа членки на НАТО да измислат некои причини или да најдат причини, но никој не го проблематизираше влегувањето. Како што рече господинот Макрон, тоа е суверено право, а наше суверено право е да влеземе политички таму каде што сме биле секогаш, географски, историски и културно, заклучи Сиљановска-Давкова.