ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Bеше прекрасен пролетен ден, наоколу со распослани зелени килими, а низ нив опојни разнобојни цветови. На начин на кој животот се буди и развива убаво чувство на љубов кон природата. Сонцето, чии бои се прелеваа во далечините на исток од каде започнуваше новиот ден, беше како огромна топка или балон што едвај се движи во просторот. Глетката беше прекрасна. А автомобилот брзаше од населбата Ченто кон аеродромот „Петровец”, од каде заминавме за Љубљана во Република Словенија.
Во аеродромската зграда вриеше од патници. Се чувствувавме како да сме на некој голем аеродром што претставува крстосница за светот. Флотата авиони беше наредена пред аеродромската зграда, небаре е дел од некој светски аеродром. Во исто време неколку авиони полетуваа кон повеќе дестинации.
Нам ни беше укажана честа да бидеме меѓу првите што влегоа во авионот кој веднаш летна, земајќи го курсот кон северозапад. Стујардесата нѐ известуваше за сите неопходни информации на словенечки, англиски и на македонски јазик. Патувањето, кое траеше околу еден и пол час, беше пријатно и просто не почувствувавме кога слетавме на аеродромот „Брник”, што се наоѓа во непосредна близина на Крањ и Љубљана.
Ние (архиепископот г.г. Михаил, поглавар на Македонската православна црква, проф. д-р Ратомир Гроздановски, секретар на Светиот синод на Македонската православна црква и авторот на овие редови, потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници на Република Македонија) во Словенија пристигнавме во недела напладне, во месец април. Времето беше врнежливо, што е вообичаено за Словенија. На аеродромот бевме пречекани од претставници на Амбасадата на Република Македонија во Република Словенија, претставници на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски”, на Македонското културно друштво „Македонија”, на претставништва во Љубљана и уште од десетина Македонци од Љубљана и Крањ.
Инаку, Љубљана (словенечки: Ljubljana, германски: Laibach) е главен град на Словенија сместен на местото каде реката Љубљаница се влева во Сава, во централна Словенија, меѓу Алпите и Средоземното Море. Претставува град со средна големина со повеќе од 250 илјади жители и е географски, културен, научен, економски, политички и административен центар на Словенија. Во Љубљана може да се доживеат влијанија на голем број култури. Таа била раскрсница на германската и на римјанската култура како и на културата на словенските народи, нивниот јазик, манири и навики.
Сообраќајните врски, сконцентрираната индустрија, научноистражувачките институции и индустриската традиција се фактори кои придонесуваат за нејзината водечка економска позиција во регионот. Љубљана е седиште на централната власт во Словенија, на јавната администрација и сите владини министерства. Градот, исто така, претставува седиште на законодавната власт на Словенија. Во Љубљана се наоѓа и резиденцијата на претседателот на Словенија.
Античкото име на Љубљана е Емона, со кое секој граѓанин на овој град се гордее. Тоа го почувствувавме при нашата посета на стариот град, кој како сокол се вишнее во небото и од каде може да се види најголемиот дел од градот и околните места со природни убавини. Од домаќините бевме информирани за историскиот развој на Љубљана во кој се сконцентрирани најголемиот број институции, меѓу кои: Нуклеарниот институт, Институтот за електроника и автоматика, потоа бројни институции од културата, библиотеки, музеи, галерии на слики, Музичката академија, Универзитетот, паркот „Тиволи”, како и голем број постари и понови цркви и други споменици од историјата, културата и духовното живеење на Словенија.
За време на Римјаните на местотот на денешна Љубљана се наоѓал римскиот град Емона, првобитна илирска населба, којашто била уништена во V век. Името Љубљана се споменува од 1144 година. Подоцна градот станал важна раскрсница на бројни патишта на тој дел на Европа. Љубљана доживува голем развој со исушувањето на Љубљанското Блато (бара) во должина од триесетина километри, врз кое е подигнат овој град. Денес Љубљана е современ центар и еден од многу важните и интересни раскрсници во Европа.
Уште со доаѓањето во Љубљана, бевме сместени во реномираниот хотел „Лав” во центарот на градот. По краток одмор, беше приреден прием во просториите на македонската амбасада. Да се биде во првата амбасада на Република Македонија во друга држава претставуваше вистинско задоволство.
Независно од далечината од Македонија, бевме особено радосни и среќни што се најдовме на македонска територија во Словенија. Топло и срдечно бевме пречекани и со љубов примени од амабасадорот академик Димитар Мирчев и неговите соработници со кои се задржавме во повеќечасовен пријателски разговор.
Престојот во Република Словенија го искористивме да се запознаеме со некои споменици на културата на Љубљана, град кој постои уште од дамнина и кој претставува значаен политички, трговски, економски, универзитетски и индустриски центар. Во него живеат неколку илјади Македонци, од вкупно пет-шест илјади колку што денес ги има во Република Словенија и тоа, главно, во Љубљана, Крањ, Јесенице, Копар, Марибор и во други места.

Крањ
Значајно е да се спомене дека во Словенија нема невработени Македонци. Голем број од нив се со високо образование и меѓу нив повеќе од 50 Македонци се директори на словенечки фирми, лекари, музичари, сликари и професори на Универзитетот. Меѓутоа, на сите заедничка им е љубовта кон Македонија со која имаат трајни врски, благодарение на постојаните добри односи меѓу народите и владите на Република Македонија и Република Словенија.
Судбината на Македонците во Словенија е слична, ако не и идентична со онаа на Македонците во Хрватска. Словенија е втората поренешна југословенска република во која Македонската православна црква е регистрирана во државниот регистер, како посебна верска заедница.
А, Македонците, како што се вели, како духовни роднини на Словенците, се организираат и во културно-уметнички друштва и други асоцијации. Денес постојат бројни културно-уметнички друштва во Љубљана, Крањ, Марибор и Копар, со тенденција тој број да се зголемува. Меѓутоа, Македонците во Словенија се особено организирани на духовно-национално поле преку македонските православни црковни општини.
Своето културно богатство Македонците во Словенија го негуваат во повеќе македонски друштва и други асоцијации, а најактивно и најмасовно е Македонското културно друштво „Македонија”. Културните активности во Словенија се најдобриот начин за собирање и меѓусебно комуницирање. Според Уставот на Република Словенија забранети се партии кои својата основна дејност ја имаат во друга земја, што требаше и ние во Македонија да имаме таков член во Уставот.
Секој граѓанин на Словенија, без разлика на својата националност, религија или припадност, може партиски да се организира, да дејствува и да живее само во партиите кои постојат во Словенија. Уставна одредба која строго се контролира и почитува во новите услови на живеење во оваа држава.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН