Работиме на афирмација на нашите национални позиции поврзани примарно со европската интеграција. Потребата од забрзана интеграција на Западниот Балкан во ЕУ е императив како за регионот така и за ЕУ. Нашите македонски национални интереси ќе бидат заштитени нашите позиции ќе бидат претставени и секако ќе бидеме рамноправен дел во собирот на најмоќното политичко семејство во Европа.
Ова го изјави потпретседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Тимчо Муцунски, кој е дел од партиската делегација предводена од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на дводневниот Конгрес на Европската народна партија (ЕПП), што се одржува во Валенсија, Шпанија.
– Европската народна партија во моментот е најмоќнато и највлијателното политичко семејство во Европа. Претседателот Мицкоски ќе има свое обраќање пред пленарната сесија, но предвидовме и многу средби. Ќе се сретнеме со новиот канцелар на Австрија, господинот Стокер, со лидерот на албанската опозиција Периша, со лидерот на СНС Вучевиќ, со претседателот на Комисијата за надворешна политика во Европскиот парламент Мекалис, изјавил Муцунски, соопштија од ВМРО – ДПМНЕ.
Инаку, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ја предводи со партиската делегација составена од потпретседателите на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски и Тимчо Муцунски, меѓународниот секретар Стефан Андоновски, како и преставници на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ предводени од претседателката Жаклина Пешевска и претставници на Унијата на млади сили, кои денеска и утре ќе присуствуваат на Конгресот на Eвропската Народна Партија (ЕПП) во Валенсија.
Најавено е дека Мицкоски ќе има и свое обраќање на првата пленарна сесија. Претседателот на партијата Мицкоски ќе одржи и неколку билатерални средби, меѓу кои со Австрискиот премиер и претседател на сестринската партија ОВП, Стокер, како и со претседателот на Српската напредна странка и поранешен премиер на Србија, Вучевиќ, со претседателот на Демократската партија на Албанија и поранешен премиер и претседател на Албанија, Бериша и други европски лидери.
Исто така, претседателот Христијан Мицкоски ќе присуствува и на вечерата организирана за лидерите од Европската народна партија.