ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ – ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН
Кралот Александар I го наследил неговиот син Пердика II, кој владеел меѓу 452-412 година пред Христа. Тој бил крал на Македонија во периодот на Пелопонеските војни, кога сé повеќе доаѓа до криза во односите со Атина, заради нејзините експанзионистички и колонијалистички претензии околу македонските и тракиските брегови. Пердика ја искористил спартанската експедиција во 424 година пред Христа заедно да го разбијат Атинскиот сојуз и колонијалното владеење на Атина.
Покрај тоа, Пердика ја запрел тракиската опасност на кралот Салтик (429 година пред Христа) и успешно го експлоатирал антагонизмот меѓу хеленските градови. Во текот на неговото владеење, на македонскиот двор престојувал и најпрочуениот лекар на тогашното и подоцнежното време, Хипократ од Аликарнас, кој го лечел разболениот крал. Пред Хипократ, во околу 460 година пред Христа, во Македонија бил и таткото на историјата, Херодот, кој дал многу добри податоци за Македонија.
По смртта на Пердика, на престолот на Аргеада дошол неговиот син Архелај, кој владеел меѓу 413-399 година пред Христа. „Кога станал крал и рамните патишта ги расекол, и останатото за војната го сторил: коњи, оружје и останатата опрема, подобро отколку сите осум други кралеви“ (Туркидид, I I, 100).
Кралот Архелај е познат и по тоа што основал нова престолнина на Македонија, Пелa, во покраината Ботиаја, преместувајќи ја истата од планинските и погранични делови во идеален и централен, рамничарски крај, покрај Термајскиот Залив, кој тогаш длабоко навлегувал во копното. Во текот на само една генерација, Пела станала најголем и најубав македонски град.
Покрај тоа, Архелај е основач на светиот град Дион, на источните падини на Олимп, чии ѕидини изнесувале 2 500 метри во должина, а површината на утврдениот дел била 460 000 м2. Покрај храмот на богот Зевс, тука биле и светилиштата на други богови: Дионис и Деметра, потоа Асклепије, Изида, Муза и други. Следат театри, некрополи, палати, терми, куќи за великаните и друго, кои биле откриени со археолошките истражувања од 1920, 1929, 1978 и понатаму.
Кралот Архелај спаѓа меѓу крупните личности на Македонија. Тој го продолжил обликувањето на внатрешната и меѓународната политика на Македонија, која била трасирана од страна на кралот Пердика II, за ослободување на приморските делови на земјата од атинскиот колонијализам, како и од елинското влијание
За да се ослободи од притисокот на Атина, тој во 410 година пред Христа го преместил градот Пидна, кој бил најзначаен приморски град на Термајскиот Залив за македонската независност, во внатрешноста на земјата. Во негово време, Македонија се развила во модерна држава.
Стопанството станало јако. Се граделе големи палати, сообраќајници, општествени и културни институции. На неговиот двор во Пела престојувале истакнати личности од културниот живот од Јонија, Еолија и Елада, а меѓу нив и светски познатиот поет и, секако, главен трагичар Еврипид (485-406) кој бил Анаксагорин ученик и Сократов пријател.
Тој во Пела кај Архелај останал до својата смрт, со многу големо заемно почитување. Се смета дека Еврипид во Македонија ја вовел феникиско-јонската аналфабета, што значи многу порано отколку што тоа го сторила Атина, дури во 403 година пред Христа за време на архонтот Евклида (Papastavrou, 1972, 61).
Декорацијата на македонскиот двор ја извршил популарниот сликар на Хераклеја на Сицилија, под името Зевксис, околу 430 година пред Христа. Исто така, познато е дека своето македонско потекло го истакнувал многу порано и прочуениот епски поет Хесиод (околу 700 година пред Христа) кој пишувал дека е син на Зевс и бил со исто презиме како Македонија и Македонците (Е.И.Е., 1976, 1490). Хесиод е автор на теогонијата, создавање митови за боговите на Олимп, и на козмогонијата, за постанокот на светот.
Тој во својот труд под наслов „Дела и денови“ ги удрил темелите на науките за земјоделието, бродарството, домаќинството и живеењето, а сето тоа го преплетувал со митови и басни.
По несреќната смрт на кралот Архелај, настанува период на анархија, инвазија од страна на Илирите, Пеоните, Олинтите и други. Овој период во Македонија траел околу 40 години, а се смениле девет кралеви и следела воена помош од Спарта (379 и 362 година пред Христа). Македонија станала неспособна да води независна меѓународна политика и се нашла меѓу двајца ривали во хеленскиот свет, меѓу Атина и Теба.
Во таква ситуација, на македонскиот престол дошол Филип, син на Аминта. Некои историчари, со Дројзен (Droysen) (1877 година) на чело, времето на Филип, на Александар Македонски и нивните наследници, па сé до падот на македонското египетско кралство на Птоломеј во 30 години пред Христа под Октавијан, го означуваат во историјата како хеленистички период. Meѓутоа, овие истражувања, како и други автори, убедливо покажуваат дека тоа бил македонистички период.

Македонските кралеви Архелај и Филип Втори
Во овој интервал од околу 300 години, македонската култура и цивилизација дошле до полн израз. Македонските кралства на Балканот, со центар во Пела, во Египет со центар во Александрија и во Азија, со центри во Антиохија и Пергам, станале генератори на автохтоната цивилизација. Македонскиот јазик од своја страна, како „Александров коине“, станал главен јазик на светската дипломатија, наука, трговија и комуникацијата воопшто, во траење од околу 900 години. Тој добил посебно значење со појавата на христијанството, придонел во христијанизацијата на светот и воведен е во христијанската литургија, како еден од официјалните јазици за време на Римското Царство.
Во културен поглед, праисториските и античките Македонци најмногу придонеле во развојот на архетипското палеобалканско писмо (линеарното А писмо од Церје-Скопје, околу 6000 години пред Христа, Пешиќ, П. 1987 година и Дупјак-Костурско, околу 5260 година пред Христа, Hourmouziades, G, 1966, како и македонското слоговно-фонетско писмо од Ресна, околу 5000-4500 година пред Христа, Иљов, 2000) и јазик.
За време на Македонскиот комонвелт, јазикот на Александар Македонски станал и светски јазик, јазик на Стариот и Новиот завет и на светската дипломатија. Заради тоа, историогеографија, цел еден период од триста години (од кралот Филип II, 360 година пред Христа до Клеопатра, 30 година пред Христа) е именуван како м а к е д о н и з а м, со што се означува периодот на македонските: дух, наука, техника, јазик и филозофија, како и историска пресвртница во светската култура.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН