Филков: Измените на законите за Судски совет и Јавно обвинителство се готови, при крај и измените на Кривичниот законик

Министерот за правда Игор Филков денеска на прес-конференција информираше за реформската агенда и подготвените предлог-закони страна на Министерството за правда во изминатите десет месеци. Посочи дека сите закони кои се дел од реформската рамка се подготвени и се во финална фаза на усвојување, додека, пак, за речиси две третини изработено е целосно ново законско решение.

Филков истакна дека веќе е изготвен Предлог законот за Судски совет, за кој рече дека рокот за носење е во јуни годинава и истиот е веќе доставен за мислење до Венецијанската комисија. 

Клучните новини се засновани на предлозите од Оценската мисија, нагласи Филков, се прецизно уредување на постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, која би се поведувала по образложено барање на најмалку четири члена на Советот кои имаат право на глас.

-Прецизно се уредува постапката за разрешување на претседател на Судскиот совет, која се поведува по образложено барање на најмалку четири члена на Советот со право на глас. Се предвидува јавност во постапката и таа не смее да биде исклучена во ниту еден случај. Одлуката за разрешување се носи со најмалку осум гласа. Појаснување на поимот истакнат правник, се подразбира дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство. Зајакнување на легитимитетот на процесот и постапката за избор на членови на Судски совет од редот на судиите, рече Филков.

Други измени со кои се адресираат препораките од Оценската мисија и со кои се унапредува правната рамка, Филков го наведе Предлог законот за Јавно обвинителство, за кој, рече, рокот за носење е декември годинава.

– Во делот на Јавното обвинителство првпат се предвидува сопствен буџет од најмалку 0,5 отсто од државниот буџет, транспарентна постапка за избор на јавен обвинител и прецизни рокови за унапредување на дисциплински постапки. Направена е градација на дисциплинските повреди – лесни, потешки и најтешки, и предвидени се соодветни дисциплински мерки. Утврдени се и конкретни рокови до кога мора да се заврши дисциплинската постапка, односно во рок од шест месеци со исклучок од посложените случаи девет месеци. За првпат предвиден е рок од три месеци до кога мора да заврши постапката по жалба пред Советот на јавните обвинители, рече Филков.

Понатаму, министерот наведе дека изготвен е Предлог закон за платите на јавните обвинители, со рок за носење јуни годинава. Целта на овој закон, појасни Филков, е да се регулираат правата во делот на платата, додатоците, правото на здравствена заштита и надоместоците на трошоци побрзани со извршување на функцијата во странство на јавен обвинител кој е упатен на работа во странство. 

– Прикрај е подготовката на Предлог законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, во кој ќе бидат вградени најургентните измени и дополнување, заради надминување на лоцираните недостатоци. Во тек се последни консултации со МВР заради усогласување на кривичното дело – Безобзирно управување со моторно возило, составен дел од проектот „Безбеден град“, наведе Филков.

Посочи дека рок за носење на Кривичниот законик е декември 2025 година, како и дека изготвена е работна верзија на нов предлог Кривичен законик, којшто Владата ќе го проследи на мислење до Европската комисија.

– Изготвена е работна верзија и за Предлог закон за кривична постапка, како и за Предлог закон за судска служба, Предлог закон за измени и дополнувања на Законот за прекршоци. Во план и подготовка се и следниве закони: Предлог закон за судски буџет; Предлог закон за Советот на јавни обвинители; Предлог закон за јавно-обвинителска служба; измени на Изборниот законик; закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители и јавно-обвинителската служба; Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер; Закон за помилување; Закон за вештачење; Закон за нотаријат; Закон за извршување; Закон за пробација; Закон за извршување санкции; Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка; Закон за заштита на лични податоци, подвлече Филков. 

Министерот, исто така, истакна дека започнува едукативната кампања „Наша надлежност – твое право“, со цел зголемување на правната информираност на граѓаните, за тоа што претставува Министерството за правда и кои се неговите надлежности.

– Денес ја започнуваме едукативната кампања „Наша надлежност – твое право“. Целта е да ја зголемиме правната информираност на граѓаните и да изградиме појасна слика за тоа што претставува Министерството за правда, кои се надлежностите, каде се позиционира во правосудниот систем. Мотивот прозилегува од искуството во изминатите 10 месец во комуникацијата со граѓаните. Во работата се водиме според начелата за отвореност и транспарентност. Во изминатиот период ни пристигнаа повеќе од 500 мејлови, дописи со различни предлози и конкретни барања, што не доведе да реагираме соодветно и да ја започнеме оваа кампања, рече министерот.

Недостатокот, вели, не е само административен проблем, туку и пречка за функционална демократија.

– Преку кампањата сакаме да разјасниме што претставува Министерството за правда, не како апстрактна институција, туку како сервис на граѓаните. Ќе збориме за тоа кои се нашите надлежности и ингиренции. Кампањата ќе се реализира преку јавни настани и работилници во соработка со граѓанскиот сектор, таа ќе биде отворена, инклузивна, но пред се едукативна. Ги охрабрувам сите граѓани, медиуми и организации да се приклучат поставуваат прашања и да споделуваат информации, рече Филков.