Најголемиот проблем со кој се соочуваат граѓаните денес е економијата, а ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски и натаму се во убедливо водство на рејтинзите, покажуваат резултатите од истражувањето што денеска го објави mkd.mk, а беше спроведено од 20 март до 17 април од агенцијата Маркет вижн.
-Ова истражување покажа дека македонските граѓани денес сметаат дека најважниот проблем со кој се соочува Македонија се економските фактори, нивото на приходи на граѓаните и растот на цените. Во досегашните истражувања на јавното мислење на МКД.мк и на Маркет вижн, за првпат криминалот и корупцијата се на второто место, објави порталот mkd.mk.
Во однос на лидерите на политичките партии, како и на претходното истражување од декември минатата година, премиерот Мицкоски ја има довербата на најголем дел од испитаниците. Нему му веруваат 25,4 отсто од испитаниците, а на второто место е Венко Филипче со 3,8 отсто. Во албанскиот кампус и натаму најпопуларен политичар е Али Ахмети (6,2%), но, вкупниот рејтинг на лидерите на партиите од коалицијата Вреди (Изет Меџити, Билал Касами, Арбен Таравари и Африм Гаши) е поголем од рејтингот на Ахмети. Сепак, најголем е рејтингот на Таравари (3,8%).

Перцепцијата на граѓаните е дека лидери на опозицијата во Македонија се Венко Филипче (СДСМ), Али Ахмети (ДУИ) и Димитар Апасиев (Левица). Речиси половина од испитаниците не знаат кој политичар да го посочат.
Во однос на случувањата во СДСМ и нивните функционери вмешани во криминални и коруптивни зделки, повеќе од половина од испитаниците сметаат дека СДСМ сѐ уште не се исчисти од луѓето кои се дел од такви скандали.

Дури две третини од испитаниците изјавиле дека ќе излезат на гласање. Од оние кои одговориле дека би излегле на гласање на следните избори, велат дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ. На второ место е коалицијата Вреди, па следуваат ДУИ, СДСМ, Левица, ЗНАМ…
Анкетирањето беше спроведено од 20 март до 17 април со употреба на CAТI метода – телефонско анкетирање со помош на компјутер на примерок од 1.200 испитаници (статистичка грешка: 3%; интервал на доверба: 95%).
Примерокот е репрезентативен на ниво на Македонија според: регион, пол, возраст и етничка припадност според податоците за резидентното население од пописот во 2021 година.