Во видео обраќање поради смртта на папата Франциск, вселенскиот патријарх Вартоломеј го опиша како „верен пријател и сопатник“ на Вселенската патријаршија и на Православието, пишува грчкиот весник „Етнос“ во своето онлајн издание.
Вартоломеј потсети на истовремената посета и средба на двајцата на Светите места во 2014 година и изрази жалење што не можеле заедно да ја прослават годишнината од Првиот вселенски собор во 325 година во Никеја (денешен Изник во Турција) и да разговараат за „патот до заедничкиот потир“, т.е. зближувањето меѓу источно православниот и римокатоличкиот клон на христијанството.
Посетата на папата Франциск на Турција за прослава на годишнината од Соборот во Никеја се очекуваше во мај.
Како што потсетува грчкиот портал „Трибјун“, Франциск и Вартоломеј имале пријателски и конструктивни односи. Вартоломеј присуствуваше на папското устоличување во 2013 година. – првиот вселенски патријарх што го сторил тоа по Големиот раскол меѓу двете цркви во 1054 година.
Поглаварот на Римокатоличката црква почина денеска во Рим.