Почина папата Франциск, објави кардинал Кевин Фарел, јави италијанската новинска агенција АНСА.
Тој беше 226-от римски бискуп и шеф на државата и суверен на Ватикан. Почина на 88-годишна возраст.
„Драги браќа и сестри, со длабока тага морам да ја објавам смртта на нашиот свет отец Франциск. Во 7 часот и 35 минути утрово Римскиот бискуп Франциск се врати во домот на Отецот. Целиот негов живот беше посветен на службата на Господ и Неговата црква. Тој нè научи да ги живееме евангелските вредности со верност, храброст и универзална љубов, особено во корист на најсиромашните и најмаргинализираните. Со неизмерна благодарност за неговиот пример како вистински ученик на Господ Исус, душата на папата Франциск ја поклонуваме на бескрајната милосрдна љубов на Едниот и Троичен Бог“, објави кардинал Фарел.
На 14 февруари, понтифот беше примен во болница со тешка респираторна инфекција, а беше отпуштен на 23 март. Тој вчера кратко се појави на балконот на базиликата Св. Петар за благословот Урби и Орби и им го честиташе Велигден на верниците.
Секуларното име на папата било Хорхе Марио Бергољо. Роден е на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, главниот град на Аргентина. Тој беше првиот језуит и првиот латиноамериканец, како и првиот член на црковниот ред од Григориј XVI (1831–1846) и првиот неевропеец по Григориј III (731–741) кој ја зазеде оваа позиција.