ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН
Денес Австралија е една од најразвиените индустриски и економски сили и игра значајна улога во светот. Австралиската нација, која на картата на светот постои околу 200 години, а која е составена од многу етнички групи, претставува пример за многу народи и земји. Етничките групи со своето заедничко живеење го градат познатиот австралиски мултинационален мозаик на културите на народите што живеат на тие простори.
Во Сиднеј останав скоро една недела и потоа со авион заминав за Мелбурн, каде аеродромот е оддалечен дваесет- триесет километри од градот. Како за час авионот стаса до Мелбурн и почна да се спушта, а јас се восхитував на убавата природа, многуте фарми, езера, бројните дрвја еукалптуси и там дрвото што е специфично за Австралија и Нов Зеланд.
И во Мелбурн се запознав со општеството за кое многумина велат дека е во благосостојба. Тука се запознав со земјата на традиционалните спанковци-коалите и на кенгурите, како и земјата на опалот, прекрасните плажи и предели. Во исто време Мелбурн е градот во кој многумина дојденци од светот, преку негативните појави и дејствија ја изразуваат неможноста да ги прифатат предизвиците на современиот австралиски живот и немилосрдните општествени односи со кои се среќаваат секој ден.
Во Мелбурн, во тој убав град, привлечен и најзначаен административен, политички, културен, спортски центар и главен град на државата Викторија, според некои неофицијални податоци живеат педесетина илјади Македонци од сите делови на Македонија, особено од Леринско, Костурско, Преспанско, Воденско, Битолско, Охридско и од други места. Добро организирани, а во исто време поделени и така бројни во далечниот Мелбурн, тие имаат важна улога во општественото и во културното живеење и се многу значаен дел на тој многунационален музеј.
Останав во Мелбурн, главниот град на државата Викторија, но не се почувствував како во туѓина, напротив како во Македонија. Се сретнав со многу нашинци. Тие беа средби со многу прегратки, изливи на чувства дури и со солзи радосници. Средбите ќе останат незаборавни, бидејќи тука почувствував Австралија – “непознатата “ јужна земја и колку да е далечна, таа сепак е блиска.
Во Мелбурн го посетивме еден од значајните црковно-национални и културно-просветни центри, Македонската православна црковна општина „Свети Ѓорѓи“. Активноста за изградба на тој прв македонски Божји храм надвор од Македонија датира уште од 1956 година, кога се одржал и првиот јавен собир, на кој со голема љубов и ентузијазам почнала кампањата за собирање средства меѓу доселеници, нивните пријатели и симпатизери од австралиското општество. Во 1960 година бил осветен храмот на светиот маченик Ѓорѓи, настан што бил од извонредно значење за Македонците во Австралија и пошироко, бидејќи црквата „Свети Ѓорѓи“ станала не само црковен, туку и национален темелник што ги поттикнала Македонците низ светот да се зближат, да постигнуваат подобри резултати и да се афирмираат себеси и македонската вистина во новата средина.
Бевме информирани дека со некои осцилации, оваа црковна општина претставувала средиште на бројни активности. Во состав на црквата работело КУД „Светлост“, кое било формирано кон крајот на 1960 година, а чии членови покажувале силна љубов и почит кон македонската народна песна и оро и многу пати покажале и докажале пред австралиската јавност дека се едни од најдобрите.
Исто така, во состав на црквата работела женската и други секции, неделното училиште и културно-просветниот центар „Епинг“. Овој значаен и голем македонски нов центар се наоѓа во Престон, во еден убав дел на градот каде денес е изградена новата црква посветена на свети Ѓорѓи и на света Богородица. На самиот влез на центарот се извишува споменик на Гоце Делчев, а под платото е распространета црквата и културно-просветниот центар „Епинг“ кој, покрај другото има неколку сали и други придружни простории, од кои големата сала е вистински културен храм и собиралиште на младите.
Исто така во Мелбурн го посетивме и македонскиот центар „Саншајн“ кој работи во состав на МПЦО „Свети Илија“ од Фуцкрај. Тој е сместен на парче македонска земја од неколку хектари. Тој е собиралиште и клуб на бројни Македонци што живеат во тој дел од Мелбурн и претставува место на одржување концерти, приредби и други манифестации.

Св. Ѓорѓи во Мелбурн
Инаку, и при посетата на црковната општина „Свети Илија“ во Фуцкрај, бевме запознати со бројните постиг-нувања; таа е втора црковна општина во Мелбурн, сместена на западната страна од градскиот центар, каде што е концентрирана македонска колонија од дваесетина илјади кои дошле претежно од потпелистерските села и од селата на Пелагонија, а ги има и од преспанско-охридксиот регион и од други места на Републиката. Црквата „Свети Илија“ била формирана во 1971 година, а во 1974 година била купена постојната зграда која била оспособена за богослужби на православните Македонци. Покрај храмот има две сали и кујан и други простории. Во состав на црковната општина со успех работи КУД „Илинден“ во кое членуваат стотина ентузијасти и допол-нително македонско училиште кое работи во сабота и недела. Значајни резултати постигнува фудбалскиот клуб, шаховската и другите секции.
Црковната општина, пак, „Свети Никола“ е собира-лиште на Македонците од Престон. Во овој македонски харам со успех работи КУД „11 Октомври“, македонско, училиште, литературно друштво, културно-просветниот одбор и други форми на собирање. Сите тие македонски асоцијации ја афирмираат црквата „Свети Никола“.
Во Мелбурн го посетивме и македонскиот храм „Свети Димитрија“ во населбата Спрингвел, во која покрај храмот работат и неделното училиште, играорната група и женската секција. Исто така, разговаравме и со неколку-мина од Македонската православна црква „Света Богородица“ во населбата Сеинт Албанс.
Во Мелбурн човек може лесно да се снајде, зашто таму покрај англиски се зборува и македонски јазик. Каде и да се појде: на улица, во дуќан, канцеларија, кафеана, библиотека, на натпревар или на некоја манифестација, насекаде ќе сретнете Македонци. Нив ги има од сите делови на Македонија. Во минатото бројот на македон-ските доселеници од егејскиот дел на Македонија бил поголем. Меѓутоа, тогаш преовладуваа дојденците од Пелагонија и потпелистерскиот регион. Значајна одлика за нив беше таа што тие беа вредни, трудољубиви, честити и лојални граѓани. Втората и третата генерација се разли-куваше по свеста и образованието, по социјалниот статус, по општествената и материјалната положба. Меѓутоа, заедничка карактеристика за Македонците во Мелбурн беше нивната срдечност, искреност… Иако се чувствуваа како да се најдалеку од татковината, тие беа најприврзани за дедовската земја – Македонија.
Појавата на информативните гласила во Мелбурн е израз на долготрајната и макотрпна борба на македонските доселеници од сите делови на Македонија за афирмација на својот национален идентитет, јазик, култура, историја… Македонците во овој велеград секаде и во секоја пригода ги истакнуваа своите македонски специфичности. Тоа го поткрепуваа со фактот што тие имаа богата културна историја, а особено била значајна историјата на пишаниот збор. По Втората светска војна македонските доселеници, особено од Беломорска Македонија, покренувале весници, билтени и отвориле радиочасови на мајчин јазик. Од првиот весник на маке-донски јазик „Македонска искра“, што се појави во 1946 година и излегувал десетина години, до појавата на „Македонски глас“, „Македонски весник“ и други, Македонците постојано се стремат да ја продолжат оваа дејност.
При нашата посета се уверивме дека Мелбурн е центар на широка информативна дејност. Таму се печатат неколку неделни весници, се чини дека во тој период на подрачјето на Мелбурн се емитуваа најголем број радиопрограми на македонски јазик. Сите тие информативни гласила беа од особен интерес и играа огромна улога во зачувувањето на македонскиот јазик, а покомплетно го запознаваа читателот и слушателот со историјата, културата, фолклорот, обичаите, песната и орото на македонскиот народ. Ние се уверивме во ова при нашата посета на Мелбурн, каде посетивме неколку информативни центри и се запознавме со нивните активности.
Празнувањата во чест на свети Климент Охридски го искористивме да се запознаеме и со други знаменити работи на Македонците во Австралија. Така, наша цел беше да го посетиме манастирот „Свети Климент Охридски“ и заедно со нашите пријатели од селото Буф, Леринско, се упативме кон тоа свето македонско катче, кое се наоѓа во непосредна близина на Националниот парк на државата Викторија, на околу осумдесет километри од Мелбурн, во месноста „Кинг Лејк“ (Кралско Езеро). Манастирот е сместен во еден прекрасен дел од пространата Австралија, којшто е прекрасно место за одмор и рекреација . Таму на влезот наидовме на порта од каде се отвора парче македонска земја на која е распослано големо зелено пространство од падинки и шуми, на површина од десетина хектари. Од левата страна на патот, недалеку од влезот, се наоѓа зградата на манастирот „Свети Климент Охридски“.
Овој прв македонски манастир во Австралија и во светот бил осветен на 29 јануари 1978 година од првиот поглавар на Македонската православна црква архие-пископот охридски и македонски г.г. Доситеј, во сослуже-ние на тогашниот надлежен архијереј митрополитот Кирил и повеќе македонски свештеници во Австралија. Тоа е простор и за други активности во природа. Се чини дека, покрај традиционалниот пикник што по повод празникот Свети Климент се одржува во декември, најголема манифестација била „Денови на македонската култура“, што била организирана во декември 1985 година.
На оваа многу значајна манифестација што се одржувала под покровителство на владите на државата Викторија и на Република Македонија, се собрале повеќе од дваесет илјади посетители. Тоа претставувало голем придонес за македонската култура и за мултикулту-рата на Австралија, пред сè, за зачувувањето на културните и другите постигнувања од областа на фолклорот, песната, религијата и обичаите на македонските доселеници.
Нашата посета на ова свето македонско катче на петтиот континент беше токму на патрониот ден на свети Климент Охридски, кога и присуствувавме на големиот македонски пикник. Таму вриеше како во кошница. Се чувствувавме како да сме во Охрид, на другата страна на Охридското Езеро, во Свети Наум, кога го посетивме тој македонски храм. Во манастирот влегоа повеќе илјади посетители и запалија свеќи поради што беше невозможно долго да се издржи во храмот. Видовме многу подароци, дарувања и донации од страна на верниците, а македон-скиот народ на тие простори е вистински верник и покло-ник на Македонската православна црква која, далеку од својата родна земја го збрала под крилата, духовно го збогатила и му го одржала идентитет на Македонецот.
А манастирот „Свети Климент Охридски“ е дело претежно на Македонци од егејскиот дел на Македонија кои, за жал, се онеправдани во своето родно место и на дедовската земја. Меѓутоа, за среќа, во Австралија ги ужи-ваат сите национални и социјални слободи. Тоа ги поттик-на да изградат македонски манастир за да ги потсетува на Македонија. Aко Австралија е нивни завет, Македонија е нивна неизлечива рана и непреболена болка.
Беше пладне кога се упативме кон меѓународниот аеродром во Мелбурн, од каде се упативме кон Сингапур, а оттаму кон Европа. Времето беше убаво, а небото чисто кога авионот леташе како птица преселница над голем дел од богатиот и простран континент, од каде понесовме убави спомени за животот и делата на македонските доселеници и нивните поколенија во Австралија.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН