Објавен изборниот постер на Стерјовски, ЦИК објави упатство за начинот на гласање и на македонски јазик

„Заедно ја градиме иднината” е мотото на постерот на Васил Стерјовски,  единствениот кандидат Македонец на парламентарните избори во Албанија, што ќе се одржат на 11 мај.

„Со труд, визија и посветеност- чкор по чекор- заедно ја градиме иднината. Гласај со срце, избери со разум”,  напиша Стерјовски на социјалните мрежи објавувајќи примерок од постерот.

Стерјовски, како кандидат на МАЕИ, е на отворената листа во ИЕ Корча, на Социјалистичката партија на Еди Рама, која на овие избори коалицира единствено со македонската партија.

Во меѓувреме, Централната изборна комисија објави едукативен флаер „Чекори за гласање” на македонски јазик и на неговото кирилско писмо.

Всушност тоа е упатство за начинот на гласање, односно сите потребни чекори во постапката на остварување на гласачкото право.

Идентични флаери се објавени и на јазикот на останатите осум национални малцинства, кои се признати со Законот за национални малцинства од 2017 година.