Ал Џезира
Американскиот и рускиот лидер се обединети во нивната недоверба кон Зеленски, кој победи на претседателските избори во 2019 година како млад комичар без политичко искуство.
Кога станува збор за Украина, Доналд Трамп и Владимир Путин се согласуваат дека воопшто не го сакаат Володимир Зеленски. И американскиот и рускиот лидер сакаат нивниот украински колега да биде надвор од власт.
„Ситуацијата е дека немавме избори во Украина, таму е воена состојба, а на лидерот на Украина, мразам да го кажам тоа, рејтингот му падна на четири отсто“, изјави Трамп на 19 февруари.
Пет дена подоцна, Путин го поддржа тврдењето на Трамп.
„Всушност, не е важно колку проценти има (Зеленски), четири или колку и да е. Важно е дека неговиот рејтинг, според нашите податоци, е точно два пати помал од оној на неговиот можен политички ривал“, рече Путин, мислејќи на Валериј Залужни, поранешниот врховен генерал на Украина, кого Зеленски го смени минатата година.
Трамп и Путин згрешиле кога е во прашање рејтингот на Зеленски.
Дипломатските препукувања на Зеленски со Трамп ја зголемија неговата популарност во неговата татковина, од 52 отсто во декември на 57 отсто во февруари, според анкетите на Меѓународниот институт за социологија во Киев. Сепак, 37 отсто од Украинците немаат доверба во Зеленски, покажува истражувањето.
Критичарите го обвинуваат Зеленски за задушување на слободата на говорот, неуспехот да ја спречи корупцијата во неговата партија Слуга на народот и, уште поважно, во армијата. Тој исто така беше остро критикуван за отпуштањето на Залужни во февруари 2024 година.
Залужни како сериозен конкурент
Путин беше во право кога го повика Залужни, кој моментално е украински амбасадор во Велика Британија, единствената јавна личност која може да го победи Зеленски на изборите.
Корпулентниот, молчелив генерал има рејтинг од 62 отсто, но во повеќе наврати тој кажа дека нема да се кандидира за претседател додека трае војната.
„Додека војната трае, сите треба да работиме на спасување на земјата, а не да размислуваме за избори“, изјави Залужни за новинската агенција РБЦ-Украина.
Сепак, Залужни вешто ги следи тактиките за односи со јавноста што Зеленски ги испроба и ги тестираше пред неговата победа на претседателските избори во 2019 година. Тој им дозволува на потенцијалните гласачи да нагаѓаат за неговата политичка платформа бидејќи ретко дава интервјуа и минимално ги користи социјалните мрежи.
Залужни го нападна Трамп само еднаш – ја обвини неговата администрација за „уништување на светскиот поредок“ и „неверување во единството на западниот свет“ за време на краткиот говор во лондонската Чатам хаус на 6 март, по првиот повик на американскиот претседател за предвремени избори.
Основната порака беше јасна – и покрај неговата сигурна победа, Залужни сега не го предизвикува Зеленски.
И тимот на Трамп има „свои“ кандидати
Во меѓувреме, тимот на Трамп, наводно, допрел и до цивилните ривали на Зеленски, иако нивната популарност е минимална.
На почетокот на март, соработниците на Трамп, наводно, разговарале со Јулија Тимошенко, искусна политичарка и двократна премиерка, некогаш позната по нејзината карактеристична плетенка.
Тимошенко водеше на анкетите пред изборите во 2019 година, додека Зеленски, комичар без политичко искуство, не ја објави својата кандидатура.
Меѓутоа, деновиве само 10,6 отсто од Украинците и веруваат на Тимошенко, која е на чело на партијата Баткившчина (Татковина), според анкетата на Центарот Разумков на 25 март.
Претходникот и заколнат непријател на Зеленски, Петро Порошенко, е нешто попопуларен од него.
Според анкетата, 17 отсто од Украинците му веруваат на Порошенко, најбогатиот Украинец кој стана претседател по победата на изборите во 2014 година, ветувајќи дека ќе се бори против корупцијата и ќе ги обедини сите Украинци од различно јазично и етничко потекло.
Сепак, како претседател, Порошенко се соочи со корупциски скандали и беше поразен од Зеленски, освојувајќи само 24 отсто од гласовите на изборите во 2019 година.
Порошенко потврди дека советниците на Трамп го контактирале, но ги отфрли тврдењата дека состанокот бил поврзан со предвремени избори.
„Избори се можни само по прекин на огнот и потпишување мировен договор со безбедносни гаранции за Украина“, напиша тој на Фејсбук.
Логистички невозможно
Украинскиот Устав и изборните закони забрануваат одржување избори за време на воена состојба, а нивното одржување за време на војна е логистички невозможно.
Украина ќе мора да демобилизира околу 700.000 борци за да може да гласаат, а секој од нив би можел да се регистрира како кандидат и да води кампања.
Тоа е тешко да се направи со оглед на тоа што руските сили продолжуваат да напредуваат по линијата на фронтот долга 1.200 километри, иако територијалните придобивки во март беа минимални. Тие заземаа 133 квадратни километри, најмногу во Донбас, што е драматично намалување во однос на ноември, кога окупираа 730 квадратни километри, според Khortitsya, аналитички канал на Телеграм.
Сепак, Путин јасно ги полага своите надежи за пробив на неговите сили додека поставува нови услови за предложеното 30-дневно примирје од Трамп.
Речиси секојдневното руско гранатирање на украинските градови, исто така, претставува голема закана за безбедноста, бидејќи толпата е неизбежна за време на гласањето. Избирачките места традиционално се поставуваат во училишта или административни згради, но за време на војната илјадници такви беа уништени.
Покрај тоа, Киев не може да ја гарантира безбедноста на меѓународните набљудувачи кои присуствуваа на сите избори во постсоветска Украина.
Гласање по укинување на воената состојба
Доколку се потпише прекин на огнот, претседателските избори може да се одржат 90 дена по завршувањето на воената состојба.
Меѓутоа, за да се обезбеди точен број на гласачи, Киев ќе мора да спроведе попис за да има податоци за вистинскиот број на гласачи.
На почетокот на руската инвазија, во Украина живееле 34,7 милиони луѓе. Во меѓувреме, речиси 6,9 милиони Украинци избегаа во странство, 3,7 милиони беа внатрешно раселени, а пет милиони останаа во областите под руска окупација.
Покрај тоа, 1,3 милиони Украинци живеат во Русија и нејзиниот најблизок сојузник Белорусија, според Обединетите нации.
Според украинските власти, тие се соочуваат со затвор, тортура и загуба на имот за секој обид да гласаат.
Гласачките ливчиња што би ги користеле бегалците во Европа и другите земји ќе ги преоптоварат украинските амбасади и конзулати.
Повеќе од 20 милиони Украинци ја користат апликацијата Diia, за пристап до повеќето владини услуги, дури и за продажба на автомобили. Меѓутоа, кога ја користеа оваа апликацијата за да гласаат за украинскиот кандидат на Евровизија во февруари, имаше технички проблеми.
Британскиот магазин Економист објави дека Киев се подготвува да одржи избори и дека Зеленски се надева дека ќе победи. Тие се повикуваат на анонимни владини извори во нивното известување. Еден ден подоцна, шефот на владејачката партија Слуга на народот го отфрли тврдењето.
„Сите парламентарни партии и фракции се согласија дека изборите ќе треба да се одржат шест месеци по укинувањето на воената состојба“, изјави Дејвид Арахамиа на телевизија.