Како навиени, секоја година кон крајот на март го повторуваме истото. Збунето се прашуваме дали часовниците да ги поместиме за еден час нанапред или наназад. Си го скратуваме спиењето, пропуштаме состаноци: И како и секоја година, милиони Европејци од Данска до Хрватска се прашуваат: Што ќе ни е, навистина, летното сметање на времето – и што всушност претставува?
Европската комисија предложи да се укине практиката на поместување на часовникот во зависност од годишните времиња уште во 2018, откако речиси четири милиони луѓе од тогашните 28 земји членки – пред Обединетото Кралство официјално да излезе од блокот – го одобрија предлогот преку јавна анкета. Парламентот следната година ја поддржа реформата, но таа остана да лебди во воздух откако наиде на отпор кај некои земји членки на ЕУ.
Полска, која има мандат да претседава со ЕУ до јули, вели дека е време прашањево повторно да се стави на дневен ред. Полското претседателство на крајот на април ќе одржи технички разговори со земјите членки за да види дали има шанси да се постигне договор за укинување на поместувањето на стрелките на часовникот, соопштија извори од ЕУ.
Поместувањето на часовникот нанапред секоја пролет за да ѝ се додаде еден час светлина на вечерта повремено се практикува во одредени европски земји уште од Првата светска војна. Напуштено било кога многу европски земји престанале да ја применуваат мерката бидејќи ги потсетувала на самата војна. За време на нафтената криза во 1970-тите, повторно се воспоставува за да се заштеди струја и продолжува да се применува до денес.
Европските земји го воведуваат летното сметање на времето кон крајот на 1970-тите или почетокот на 1980-тите. ЕУ за прв пат донесува закон за летно сметање на времето во 1980 година, со директива што ги координира постојните национални практики. Целта е да се осигура непречено функционирање на единствениот пазар, објаснува Европскиот совет на својата интернетска страница.
Сегашната директива стапува на сила во 2001. Според нејзините одредби, сите земји членки се префрлаат на летно сметање на времето последната недела во март и го враќаат стандардното сметање на времето („зимско сметање на времето“) последната недела во октомври.
Дали летното сметање на времето нешто заштедува?
Главниот мотив е да се намалат трошоците за струја така што ќе се „добие“ еден час дневна светлина во вечерните часови.
Сепак, колку вака навистина се штеди струја е под знак прашање. Германската агенција за животна средина резимира: „Колку точно електрична енергија се заштедува со преминување на летно сметање на времето не може прецизно да се определи, бидејќи промената доведува до помала потрошувачка во некои области и поголема потрошувачка во други.“
Тоа значи дека од една страна, дневната светлина поефикасно се користи за време на летното сметање на времето, што резултира со заштеда на електрична енергија во вечерните часови. Од друга страна, пак, се троши повеќе струја за греење поради пораното будење во текот на постудените утрински часови напролет и наесен.
Повеќето истражувања укажуваат на многу низок потенцијал за заштеда на струја.
Пократко спиење поради летното сметање на времето
Сè повеќе се докажува и дека променливото сметање на времето има штетни последици по здравјето – и во северните и во јужните европски земји:
– Има огромен број докази што посочуваат дека поместувањето на часовникот еднаш годишно е лошо за здравјето на луѓето, лошо за животните, лошо за сообраќајот на патиштата и има многу малку добри страни. Освен тоа, многу е незгодно, вели ирскиот европратеник Шон Кели, еден од најгласните поборници за елиминација на поместувањето на стрелките на часовникот.
– Па мислам дека дојде време да му кажеме збогум, вели Кели.
Едно данско истражување од 2017 покажува дека 11 отсто повеќе луѓе страдаат од депресија седмицата откако сме се префрлиле од летно во зимско сметање на времето во споредба со другите седмици од годината.
– Јасно е докажано дека луѓето склони кон депресија може да го доживеат наглото настапување на мракот како импулс за враќање на болеста, вели Јорген Бак, претседател на Данското здружение против летното сметање на времето.
Во Шпанија, најдоброто решение би било да се смета времето според временската зона на најблискиот меридијан, а тоа е зимското сметање на времето, вели Гонзало Пин, координатор на Групата за спиење и хронобиологија на Шпанското здружение на педијатри.
– Наглите временски промени предизвикуваат нашиот неврохормонален систем – кортизол, мелатонин, серотонин и холестерол – кој има свој биолошки циклус, во голема мера да излезе од колосек – истакнува Пин.
Но, ни научниците не се сите истомисленици: бугарската неврологинка Дијана Дечовска во едно интервју за бугарската новинска агенција БТА во 2022 вели дека човечкото тело е сосема приспособливо, па поместувањето на времето за еден час не е толку стресно, општо земено.
Според неа, на просечен човек му требаат 5 до 10 дена да се навикне на промената на времето. Дечовска наведува податоци според кои само околу 5 отсто од луѓето страдаат од полоши последици од поместувањето на часовникот. Може да доживеат нарушување на спиењето што може да доведе до вознемиреност, раздразливост, намалена концентрација, лошо расположение. Постарите луѓе и тие со хронични болести се поподложни на овие несакани последици, бидејќи телото им е помалку приспособливо.
Промена: Кому му треба и во која насока?
Иако Европската комисија пред околу шест и пол години предложи да му се стави крај на поместувањето на часовникот, меѓу земјите членки на ЕУ сѐ уште нема договор по ова прашање.
Предлогот следуваше по онлајн анкетата спроведена во летото 2018, во која учествуваа 4,6 милиони луѓе. Од таа бројка, 84 отсто се изјаснија дека се за ставање крај на поместувањето на часовникот два пати годишно.
Меѓутоа, само во Германија и Австрија на анкетата одговорија голем број луѓе. Од 4,6 милиони анкетирани, над 3,1 милион беа од Германија, над 260.000 од Австрија, додека одѕивот во другите земји членки беше многу низок. Германците со големо мнозинство гласаа за трајно прифаќање на летното сметање на времето.
Актуелното полско претседателство на ЕУ неофицијално испитува дали е можно да се протурка предлогот за укинување на поместувањето на часовникот, имајќи предвид дека предлогот досега доби само мала поддршка од земјите членки на ЕУ.
Портпаролката на Комисијата на ЕУ рече: – Веруваме дека сè уште може да се постигне заедничко решение и ги охрабруваме повторните дискусии на темата.
Според полскиот министер за развој и технологија Кшиштоф Пашик, ставот на Комисијата е резултат на неговиот разговор со еврокомесарот одговорен за транспорт, Апостолос Ѕиѕикостас.
– Обајцата се согласуваме дека поместувањето на часовникот во Европа треба да се укине. Полското претседателство има целосна поддршка за активностите по ова прашање, тврди министерот.
Откако беше повторно избран за претседател на САД, Доналд Трамп изјави дека сака да го укине летното сметање на времето бидејќи е „незгодно“ и „многу скапо“ – иако оттогаш ја смири топката, велејќи дека ставовите по прашањето се поделени „50/50“.
Сојузникот на Трамп и милијардер Илон Маск се впушти во дебатата кога ги праша своите следбеници минатиот месец дали повеќе сакаат да биде еден час порано или подоцна – ако се усвои некаква промена. Мнозинството претпочитаа изгрејсонцето и зајдисонцето да се случуваат подоцна во текот на целата година.
Но, се чини дека нема ваков ентузијазам во земјите на ЕУ. И за Данска и Кипар, кои ќе го преземат претседавањето со Советот на ЕУ од Полска, се зборува дека не се заинтересирани да се заложат за прашањево.
Во Данска, Јорген Бак се надева дека Трамп може да ја натера Европа да се согласи да го укине летното сметање на времето.
– Убеден сум дека ако во САД се укине летното сметање на времето, ќе има големо влијание врз луѓето овде навистина да размислат да го сторат истото во Европа, вели Бак од Данското здружение против летното сметање на времето.
Сепак, за да дојде до укинување, најпрво државите од ЕУ треба да се договорат дали сакаат да прифатат постојано летно сметање на времето или стандардно сметање на времето.
Во Бугарија политичките партии повикаа на укинување на летното сметање на времето, а граѓаните се чини дека се согласуваат. Податоците од анкетата на ЕУ во 2018 покажаа дека 80 отсто од бугарските испитаници рекле дека нивното целокупно искуство со промената на часовникот било многу лошо или лошо, а помалку од 20 отсто имале добро или многу добро искуство.
Во Италија, од друга страна, неодамна имаше петиција со 350.000 потписници што бараат летното сметање на времето да биде трајно. Според Италијанското здружение за еколошка медицина, едно од иницијаторите, усвојувањето на летното сметање на времето овозможило заштеда од 11,7 милијарди kWh во текот на 10 години, што ги намалило сметките за енергија за Италијанците за 2,2 милијарди евра. Дополнително, имало значително намалување на загадувањето што ја нарушува климата.
Албанците се за поместување на часовникот, делумно поради фактот што малата балканска земја има околу 300 сончеви денови годишно, што главно резултира со заштеда на електрична енергија.
Другите се понеодредени: во Романија, која го регулира преминувањето на летното сметање на времето во 1997, нема дебата или официјални иницијативи што повикуваат на промени.
Астрономија е во прашање, глупчо
Иако немањето политичко единство во ЕУ често може да биде проблем, во овој случај, за прашањево постои и географска гледна точка, која не може да се занемари.
Европската Унија опфаќа три временски зони, од кои најголемата е Централна Европа, од Полска на исток до Шпанија на запад.
Кога сите земји во оваа временска зона би го прифатиле, на пример, летното сметање на времето како постојано, во Белгија, Холандија и Данска, сонцето во зима не би изгревало до средината на утрото, а во северозападна Шпанија околу 10 часот наутро.
Кога би го прифатиле зимското сметање на времето како постојано време, сонцето во лето во источна Полска би изгревало уште во 3 часот наутро, а во Берлин во 3:44 часот наутро.
Од друга страна, пак, кога земјите од западниот и северниот дел на континентот би влегле во западноевропската временска зона, што би било природно, би се појавиле нови компликации бидејќи, на пример, Франција и Германија би припаднале во две различни временски зони.
Засега, се чини дека поместувањето на стрелките на часовникот во зависност од годишните времиња, и покрај сите недостатоци, сепак е најдобриот компромис.