Бока: Процесот на пристапување во ЕУ треба да биде објективен и да се заснова на мерит критериуми

Процесот на пристапување во Европската Унија треба да биде објективен и да се заснова на мерит критериуми. Република Северна Македонија е земја-кандидат од 2005 година и верувам дека вистинското место на земјата веќе требаше да биде ЕУ. Се надевам дека постоечкиот билатерален спор со Бугарија ќе биде надминат што е можно поскоро, а Унгарија им стои на располагање на двете страни за да помогне во тоа, изјави денеска министерот за европски прашања на Унгарија, Јанош Бока, кој е во посета на Скопје.

Тој ова го изјави одговарајќи на новинарско прашање за евроинтегративниот процес на земјава, во смисла на уставните измени и барањето на Скопје за гаранција дека тие се последниот услов, кој би го поставила Софија. 

Во врска со предупредувањата на Лондон дека останувањето надвор од ЕУ може да доведе до дестабилизација на регионот на Западен Балкан, Бока истакна дека верува оти и за Обединетото Кралство и за Унијата од највисок интерес е стабилноста на регионот и додаде дека верува дека ЕУ ги презема сите чекори кои и се располагање за стабилноста на регионот. 

-Унгарија и како членка на ЕУ и за време на нашето претседателство работи во насока на реактуелизирање на процесот на интеграција на Западен Балкан, на зајакнување на европерспективата на регионот, бидејќи тоа е најдобрата гаранција за стабилноста, рече Бока пред да земе учество на отвореното предавање на Универзитетот Скопје, на кое присуствува и заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков.

Тој ја потенцира одличната соработка со македонската Влада, како и големата поддршка која Унгарија и да дава на земјата на нејзиниот европски пат. И натаму, додаде тој, Унгарија ќе ја пружи сета помош, како и насоки за да помогне во процесот на евроинтеграција. 

Заменик-министерката Трајков посочи дека Владата од почетокот на мандатот потенцирала дека единствена и примарна цел ќе и биде европскиот пат.

-Тоа значи дека сето она коешто може да помогне во евроинтеграцискиот процес на државата апсолутно го поддржуваме. Така беше и таа дипломатска офанзива која што ја започнавме, се уште трае и ќе трае во иднина. Тоа е едната работа за која што долго зборувавме, но и добрососедските односи кои што ни се врвен приоритет, истакна Трајков, која го информирала Бока дека Министерството посветено работи на Реформската агенда.

На отворената дискусија насловена „Како да ја направиме Европа повторно голема?“ учествуваат и поранешниот вицепремиер за европски прашања, проф.д-р Васко Наумовски и амбасадорот Марјан Ѓорчев.