Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска на маргините на Делфи економскиот форум во Грција, остварил средба со грчкиот колега Јоргос Герапетритис. Муцунски потенцира дека средбата претставува важен чекор напред во зајакнувањето на регионалната соработка и значително унапредување на дипломатските односи.
На средбата, како што стои во објавата на Фејсбук, била нагласена заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.
-Притоа, упатив искрена благодарност за навремената и висококвалитетна медицинска помош што Грција ја обезбеди за дел од повредените во трагедијата во Кочани – силен гест и одраз на искрено пријателство меѓу две соседни земји, наведува министерот.
Во соопштението од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија се посочува дека двајцата министри ја нагласиле заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во сферата на инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.