ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II
Вера Вржовска – Петревска е позната во македонската заедница во Канада како Македонка, која во период од педесеттина години дала голем придонес во напредокот на општественото живеење. Повеќе децении активно е вклучена во различни македонски асоцијации, особено во македонските православни цркви, каде несебично работи за доброто на Македонците во Торонто и пошироко. Долги години била активна, а во 1986 година беше претседател на Женската секција на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто. Но посебно место кај Вера има Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, а членува и во Брајчинското друштво и други бизнис заедницо во Онтарио.
Затоа често велат дека таа е позната и призната Преспанчанка во Канада која, меѓу другото, е вљубеник во Македонија и во пишаниот збор, а работи и е многу заинтересирана за модата и духовното живеење на Македонците од сите делови на Македонија. Од секогаш, таа сака да им помогне на младите жени во областа на убавиот изглед и модното облекување, со што придонесува Македонките да бидат едни од убавиците на тие канадски простори.
Во биографските податоци на Вера Вржовска е забележано дека е родена во 1949 година, во убавото Брајчино, во Долна Преспа и е една од ќерките на Петра и Ристо Вржовски. Детството го поминала во родното Брајчино, каде го завршила основното образование, а осумгодишното училиште го завршила во Љубојно.. Потоа, како ученичка, во далечната 1965 година, го напуштила родниот крај, убавата Преспа и пристигнала кај своите родители во Торонто, каде и стапува во брак со Томе Петревски од Коњско, Горна Преспа, со кого имаат еден син и две внучиња Во демократска Канада го започна нејзиниот нов живот, но родната Македонија секогаш ја носи во своето срце. Тоа го потврдила со нејзиното доаѓање во родниот крај во последната деценија.
Инаку, корените на Вера Вржовска – Петревска се протегаат во селото Брајчино, едно од најубавите локации во преспанскиот регион. Тоа се наоѓа под југозападниот срт на Баба Планина, каде што се дели со атарите на селото Бистрица, Битолско и со државната граница на јузниот сосед, на надморска височина од околу 1. 000 метри. Брајчино е сместено на крајниот југоисточен дел на Општината Ресен, од каде е оддалечено 32 километра.
Според податоците на авторот на овие редови, Славе Катин, од Брајчино потекнуваат 107 дипломирани интелектуалци, од кои 39 се инженери, 27 економисти, 17 со Филозофски факултет, 10 правници, 11 лекари, 2 фармацевта и 3 режисери, меѓу кои се: Мето Јовановски-писател, Љупчо (Луи) Темелковски – канадски политичар; Ристо Мачковски, познат градежен инженер од Лас Вегас; Танас Јовановски – одговорен уредник на весникот „Македонија“ во Торонто; Љупчо К. Вржовски, доктор по правни науки, во Бафало, Соединетите Американски Држави, потоа иселениците, Борис Метеловски, Јонче Поповски, Владе Мачковски, Крсте Гаговски и други.
Меѓу брајчинци во Македонија, пак, треба да се споменат: спортистот Мето Ѓорѓиевски (Плавиот) – син на полковникот Петре Ѓорѓиевски, учителот Ефтим Томевски, екс министерот Михајло Толевски, д-р. Методија Томовски, Здравко Петковски, Митре Петковски, Александар Диневски, Менде Диневски, Спасе Толевски, Светлана и Борјан Јовановски, Илијанчо Гаговски, Владе Јовановски, Драги Ангеловски, Ирина и Елизабета В. Томевска, доктор по педагошки науки, м-р Бојана Поповска, Дијана Т. Јовановска, м-р Стив П. Петревски, Драган Томевски, м-р Биљана Петковска, Патриција и Анита М. Томевски, Ирина и Драган Томевски, како и почесните граѓани на Брајчино, Васил Грежловски, Периклија Дурловски и пејачот Мишко Крстевски, кој му посвети песна за Брајчино.
Посебно место во литературата и културата за Брачино имаат писателот Мето Јовановски, еден од најпознатите раскажувачи и романсиери во Македонија, автор на дваесеттина дела, а кој меѓу другото, беше и претседател на Македонскиот ПЕН центар и прв претседател на Хелсиншскиот комитет за човекови права. Во Канада, пак, значајно место и’ припаѓа на поетесата Вера Вржовска-Петревска која пишува носталгична и патриотска поезија на македонски и на англиски јазик.
Вера Вржовска е автор на стихозбирката „Далечни корени“. Тоа е издание на „Матица македонска“ од Скопје, 1996 година. Ова интересно издание содржи четириесетина песни на македонски јазик, со кое Вера Вржовска се претстави со својата поезија со носталгичен, љубовен и патриотски дух, Книгата „Далечни корени“ е нејзино прво покомплетно претставување пред поширокиот читателски аудиториум.
Книгата „My Broken Heart“ („Моето скршено срце“), пак, е дело на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, кое е отпечатено во 2018 година, на 200 страници и на англиски јазик. Делото доживеа голема афирмација во информативните гласила во Македонија. Но се чини промоцијата на ова книга во Торонто ќе остане во трајни спомени.
Имено, по повод 30-годишниот јубилеј на Македонското литературното друштво „Браќа Миладиновци“ од Торонто, на кое Вера беше прв претседател во 1987 година, беше промовирано автобиогравското дело под наслов „My Broken Heart“ („Моето скршено срце“), (на англиски јазик), од Вера Вржовска – Петровска.
Ова најново дело на еден од основачите и првата претседателка на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“, Вера Вржовска – Петревска беше промовирано во Катедралната македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто на 28 октомври 2018 година. Пред поголем број присутни, особено членови на Друштвото, книгата ја претстави Ели Танасковска, уредник во Македонската телевизија – Скопје.
Исто така, на присутните им се обратија членови на Друштвото „Браќа Миладиновци“, меѓу кои: претседателката на Друштвото Маја Доневска – Ивановска, потпретседателката Драгица Димовска, потоа поетесите Рада Видиновска, Блага Дафовска, свештеникот Илија Донев и други, а присутните ги забавуваше естрадниот уметник, Соња Лозановска. Исто така, присутните ги поздрави и д-р Јовица Палашевски, генерален конзун на Република Македонија во Торонто, Канада.Поетесата Вера Вржовска-Петревска има објавено свои песни во голем број информативни и други гласила, но се чини нејзиниот удел е голем во книгата „Корени„ на Македонското литературно друштво „Браќа Миладиновци“. Ова е дело на книгоиздателството „Македонска искра“ од Скопје, отпечатено во 2003 година, на 145 страници. Во него се застапени триесетени поети со свои песни на македонски и на англиски јазик. Поетесата Вера Вржовска-Петревска е застапена со пет песни и тоа „Еј, Клименте“, „Бол“, „Мајко“, „Од една жена“ и „Канада“.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН