ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН
Стив раскажува за учеството на македонските иселеници на Референдумот во Канада. Гласачките места биле отворени во Торонто и во Виндзор во црковните храмови „Свети Климент Охридски”, „Свети Илија” и „Свети Никола”, како и во паркот „Обединети Македонци”. По пребројувањето на гласовите резултатот бил уште поимпозантен – 99 % биле за самостојна Македонија. Следеше меѓународната верификација. Признавањата од светот почнаа од Софија, па натаму Анкара, Москва…
Признавањата од светот продолжија. Многу беше битно што на наша страна застанаа и Соединетите Американски Држави. Обединетата македонска организација ги немала потребните американски линкови, па затоа, вели Стив Пљакас, стапиле во контакт со Македонската патриотска организација МПО од Гери, Индијана. Им сториле абер со зборовите: „Ако сте, како што тврдите, македонска организација, тогаш ајде да работиме заедно.”
– Ние подготвивме резолуција и се согласивме дека засилено ќе работиме на признавањето на нашата татковина, истакнува тој. Потписи на Резолуциајта ставаат двете организации – Стив Пљакас за Обединетата македонска организација од Канада и Иван Лебамов за Македонската патриотска организација од САД, стои регистрирано во аналите.
Од тој ден па натаму, значи од 8 септември, Владата на Република Македонија и македонскиот народ запловија по својот суверен, самостоен пат. А ние, вели Пљакас, продолживме и еве, до ден-денес, сите заедно работиме за доброто на Македонците, за доброто на македонската држава. Надежта умира последна. А ние се надеваме дека еден ден Македонија ќе биде обединета.
Секако, како тажен ден за нас беше, нагласува тој, во 1992 година кога Македонија ја предаде нашата историја и го смени знамето со сонце со шеснаесет зраци на кралот Филип и Александар Македонски. Знаеме под каква присила и уцена, под какви околности беше сторено тоа.
Но, треба да се има предвид дека Македонија никогаш нема да се обедини без нашето знаме со сонцето. Се радуваме на новата, наша суверена држава, на Македонија, но мораме да се вратиме и да не ги заборавиме нашите корени во етничка Македонија.

Св. Климент во Торонто
На почетокот на новото столетие, во 2000 година, во Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто беше одржан еден од најзначајните избори. Така, соборниот храм „Свети Климент Охридски“ доби нова управа од 21 член. За претседател беше избран познатиот бизнисмен и донатор Стив Пљакас.
Во состав на Управата беа избрани, и тоа, за потпретседатели: Бил Поповскии и Михајло Дика, за секретар Митко Роштанковски, помошник секретар д-р Енди Плуковски, а благајници Дени Глобочки и Иљо Шуклиновски. Освен Извршниот одбор, изгласани беа и 10 членови на Управата.
Новото раководство на чело со Стив Пљакас во својата Програма се залагаше за афирмација на македонската заедница во Торонто и пошироко, за заживување на активностите на сите постојни секции, формирање на Комитет за работа со младите, соработка со Синодот на МПЦ, интензивирање на информативната и образовната дејност, како и подготовка и печатење на Правилникот на црквата „Свети Климент Охридски“.
Црквата на која Стив Пљакас беше претседател од 2000 до 2002 година е стожер на најголемиот број активности што Македонците ги развиваат во Торонто и пошироко и претставува мотив повеќе за изразување на љубовта и почитта кон родната земја Македонија. Црквата „Свети Климент Охридски“ е најголем центар на раселените од сите делови на Македонија. Таа е место на другарување на Македонците од седум до седумдесет и седум годишна возраст. Со други зборови, таа е македонски центар за поколенијата.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН