БРИГИТЕ И ТРАКИЈЦИТЕ – ПОПУЛАЦИ НА ЦЕНТРАЛЕН БАЛКАН (12)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ – ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

Пред крај на владеењето на Август, од 15 г. по Христа, Мезија била римска провинција која подоцна била поделена во два дела, на Горна и Долна Мезија. Горна Мезија (Moesia Superior) главно е денешна потесна Србија. Долна Мезија (Moesia inferior) се простирала спрема исток до Црното Море и од Дунав до планината Балкан.

Дотогашното тракиско кралство престанало да постои во 45 г. по Христа, под Клаудиј (41-54 г. по Христа). Еден нејзин дел í припаднал на Мезија, додека од другиот дел била оформена прокураторска провинција. Задачата на Легиите кои се наоѓале во Мезија била да ја чуваат земјата на долниот Дунав од упадите на Варварите.

Од Мезија Римјаните преземале експедиции за понатамошните освојувања. Мезија претставувала главна сообраќајница меѓу Исток и Запад и важен центар во политичките збиднувања. По убиството на царот Филип Помладиот (Iulius Philippus Augustus, 247-249), римските трупи го прогласиле Дециј за цар на Мезија, кој подоцна бил убиен во Долна Мезија во борба против Готите.

Мезија дала поголем број римски цареви кои í ги вратиле моќта и славата на ослабената Римска Империја. Покрај тоа, тие својата родна земја Мезија (Подунавје) повторно ја направиле средиште на цивилизираниот свет. Современите археолошки истражувања откриле величенствени римски царски градови, како што се Naisus (Ниш), Sirmium (Сремска Митровица), потоа големи палати, како што се Felix Romuliana (Гамзиград) и Шаркамен.

Најпознатите римски цареви од Мезија биле императори: Messius Decius (249-251), познат по првиот општ прогон на христијаните во целото царство; Dominitius Aurelianus (270-275), прв римски цар кој се нарекол господар и бог (dominus et deus), обновувач на старите светилишта во Рим и идеолог кој сакал колебливата царска власт да ја зцврсти со давање верско обележје. Следат Aurelius Probus (276-282) познат, меѓу другото, и по проектот за реформи заради издигнување на земјоделието и Aurelius Maximianus (286-305 и 307-310).

Што се однесува до судбината на староседелците, посебно од Подунавјето, за време на масовните селидби на Словените во VI век, тие можеле да опстанат само засолнувајќи се во некои приморски делови и на непристапните балкански планини. Периодот од VI-VIII век е еден од најмрачните во историјата на Полуостровот, токму поради скудните археолошки и пишани податоци.

Така, етнонимот Мези повторно се јавува во текот на XII век во историјата на ИРЦ, во периодот на превласт на военото благородништво и внатрешниот крах на царството. Во тој период, етничкиот состав на населението бил многу сложен: „Варварите од планинските подрачја на Балканот, кои порано се викале Мезијци, сега се викаат Власи.

Според тоа, се наметнува декa жителите на стара Мезија во тој период се нарекувале Власи. Овој назив немал само етничко значење, туку служел и како општ белег за пастирските племиња“. (Остроговски, 1969 г., 378)

Меѓу палеобалканската популација на Централниот Балкан биле Бригите и Тракијците. Доаѓањето на Бригите на просторите на Балканот, најверојатно се случил од север, со бранот индоевропски миграции, во средината или крајот на II милениум пред Христа. Бригите биле индоевропски народ. Тракијците, пак, биле најброен народ на светот и би биле непобедливи да биле сложни и да имале еден поглавар

Меѓу палеобалканската популација на Централниот Балкан, Бригите заземаат значајно место, а меѓу малоазиските, Фригите. Етнонимот потекнува од сложениот палеобалкански збор Βρυ-γοι, bri-гој, Βρυ, bri-мов и γεα, γη, gea, ge-земја, област. Инаку, Бригите се антички народ северно од Бореја во Македонија, во околината на Преспанското Езеро. Со миграцијата во Мала Азија го добиле називот Фриги.

За Бригите, Херодот (VII, 73) ги дава следните информации: „На Фригите, по кажувањата на Македонците, во времето додека живееле во Европа и им биле соседи на Македонците, името им било Бриги, а кога се преселиле во Азија, истовремено ги смениле и родниот крај и името, и се нарекле Фриги.“

Според археолошките и историските истражувања, најголемиот број автори (Страбон, VII, 7, 9; Папазоглу, 1957 г.; Гарашанини, 1983 г., 467-170) прото-Бригите ги лоцираат на просторот меѓу Преспанското и Охридското Езеро, Драч, Јужна Албанија и Епир или, попрецизно, во горниот тек на реката Еригон, а нивни соседи биле: Енхелеите, Партините, Линкестите и Деуриопите.

Археолошки остатоци во Преспа

Главен град на Бригите бил Кидрај (κυδραi-kidros-славен), на северозапад на планината Варнус (Баба, со висина 2177 м.), покрај Преспанското Езеро (λτμνη Βρυγητς-limne brigeis), по кого го добиле својот етноним, додека пред тоа се викале Мосиничани, по топонимот Мосна кај Ѓердап на Дунав.

Доаѓањето на Бригите на просторите на Балканот, најверојатно се случил од север, со бранот индоевропски миграции, во средината или крајот на II милениум пред Христа. Бригите биле индоевропски народ, сроден на Тракијците (Томсон, 1954 г., 291). Во митологијата и во историјата тие се попознати како Фриги, народ во Мала Азија, отколку како Бриги, народ на Балканот.

Во преданијата на Кадмо, епонимен херој на Кадмејците, жители на беотска Теба (1313 г. пред Христа), а во неговото кралување кај Енхелејците, кои живееле долж Црн Дрим, како и во борбите со Илирите, Бригите не се споменуваат. Тие не се споменуваат ниту како учесници во Аргонаутската експедиција во 1225 г. пред Христа.

На овие простори тие најверојатно дошле меѓу Кадмовата миграција, 1313 г. пред Христа и Аргонаутската експедиција, 1225 г. пред Христа (Томсон, 1954 г., 291), а нивната миграција хронолошки се врзува со 1200 г. пред Христа кога се случило паѓањето на хетитската држава.

Најзападниот дел на нивната покраина на Хелиспонд и Тројада се викал Мала Фригија, а поголемиот дел во долината на реката Сангариј, Голема Фригија. Во Тројанската војан Фригијците биле сојузници со Пријам против Грците. Од друга страна, младиот Пријам им помогнал на Фригијците во борбата против Амазонките.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН