Палеобалканското племе Енхелеи е поврзано со митското доселување на Кадма и неговата жена Хармонија од беотска Теба, меѓу древните жители на западниот Балкан и борбата со Илирите во XIII век пред Христа. Меѓутоа, тие се интересни од повеќе аспекти, а, пред сé, што припаѓаат на единствениот праисториски свет на Балканот и заради објаснување на подоцнежните односи на западните граници на Македонија во историскиот и подоцнежен период
Името на Енхелеите доаѓа од палеолингвистиката каде зборот `εγχελυς, enhelis, што значи јагула, а `εxιs, ehis-отровна змија. Од ова произлегува дека тие претежно се занимавале со рибарство, односно со лов на јагули и биле „јагулари“.
Енхелеите биле западни соседи на Македонците и Бригите и се простирале од Преспанското и Охридското Езеро, долж реката Дрим, до заливот Бока Которска. Јужно, Енхелеите го населувале просторот до Кераунските Гори, односно граничеле со Теспоречаните (подоцна Епирци).
Легендарниот Кадмо, син на фенекискиот крал Агенор, е основач на тврдината Кадмеј и градот Теба во пелaшка Беотија, според кажувањата на Ератостен, 1313 година пред Христа. Во длабока старост, Кадмо со својата жена ја напушта Теба и оди во земјата на Енхелеите, а престолот му го препушта на својот внук Пентеј. Доаѓањето на Кадмо меѓу Енхелеите можело да се случи по 1313 година пред Христа.
Во новата татковина тој станал крал на Енхелеите и ги победувал новодојдените варвари Илирите, кои станале нивни северни соседи. По 100 години, т.е. околу 1213 година пред Христа, на Енхелеите им се придружиле и преостанатите беотски Кадмејци, бидејќи биле протерани од страна на Ахејците, од Арг на Пелопонез (Херодот, V, 61).
За религијата на Енхелеите податоците се скудни, но најверојатно, како и другите народи на Балканот во тоа време, ги почитувале боговите на Олимп и светилиштата во Додона, во соседната Теспротија. Со доаѓањето на Кадмо, се воведува тотемолатрија (култ) кон змијата, зашто тој „дошол во воловска кола во вид на змија“ (Томсон, 1954г., 80, 180, 292).
Едно од енхелејските племиња кое може да се следи и низ историскиот период се Дасаретите. Нивната земја Дасаретида ги опфаќала областите Црн Дрим, Охридското и Преспанското Езеро и Девол (Папазоглу, 1957г. 224). Главен град на Десаретите бил Лихнид (λυχνιδα, lihnida, од λυκ, λυχνος-лик, lihnos-светилка, ламба, борина), денешниот град Охрид на истоименото езеро.
Други племиња познати во историјата се Пенестите (πενεστης, penestes-слуга, надничар), Пирустите (πυρ, πυρος, pir, piros-оган) и други. За време на македонскиот крал Филип II, од 358 година пред Христа, Десеретите влегле во состав на македонската држава. Во војните на македонскиот крал Филип V со Римјаните, 197 година пред Христа и понатаму, се споменуваат многубројни градови во Десаретида, како што се Енхеланај, Пелиум, Лихнида итн. (Поливје, V, 108, 2) сé до V век по Христа.
Во пелашкиот свет, Пелагонија (кованица од зборовите πελ, πελας, pel, pelas-блиску, најблизок роднина, πελαγος, pelagos-рамница, езеро, море и зборот γεν, γενη, gen, gone-раѓање, род) се наоѓа во сливот на западната притока на Вардар (Aksios), Црна Река и Еригон. Таа ја опфаќа целата денешна леринско-битолско-прилепска (пелагонска) рамница. На запад се граничела со Енхелеите, односно Дасаретите, на север со Бригите и Дарданите, на исток со Пеоните, а на југ со Македонците.
Од митологијата се дознава дека епонимен херој на Пелагонците бил Пелагон, дека најголем и најсветол симбол на сите Пелазги бил гулабот (περιστερα, peristera), олицетворен во планинскиот масив Пелистер (περι, peri-многу, прекумерно и στερεος, stereos-јак, тврд).
Во пелашката митологија, божицата на светот Евринома, го зела обликот на гулабица и снела општо јајце од кое излегле нејзините деца: сонцето, небото, земјата, планините, животните, растенијата и др. Заради тоа, гулабот станал сеопшт симбол на мирољубивоста на сите Пелазги и свет симбол на најголемото светилиште на тогашниот свет, пелашкото пророштво Додони, во соседна Теспротија.
Друг митолошки симбол на сите Пелазги, кој се наоѓал во Пелагонија се две планини под името Бореј (Βορεαςvoras-север), Ниџе со Кајмакчален и Бабуна, од „кои дува северниот ветер Бореј“.
Овој „Змискоопашест“ ветер бил уште еден назив кај Пелазгите за Создавачот (Demiurga) Офион, кој играл и ја оплодил Евринома. Култот на Бореите бил многу раширен насекаде по егејскиот свет. Се верувало дека Бореј дувал во зима од планинскиот венец Бабуна, Ниџе и Стримон и дека како пастув ги оплодувал кобилите и ги потопувал бродовите на непријателите, како на пример на Персијците кај Атос и кај магнезискиот брег (Херодот, VII, 189).
Покрај митовите, првите пишани податоци за Пелагонците се јавуваат дури во текот на IV век пред Христа. Според истражувањата на Папазоглу (1957 година, 199) во прашање се два натписа од Атина, од 365 и 363 година пред Христа, до пелагонискиот крал Менелај. Тоа биле благодарници за воената и финансиската помош која кралот му ја давал на атинскиот стратег Тимотеј во војната против Халкидиќаните и Амфипољаните.

Од историски аспект, овие податоци докажуваат дека Пелагонците уште во средината на IV век пред Христа имале своја одвоена политичка заедница, на чело со крал. Во време на зајакнувањето на пеонската држава,
Пелагонците политички се приклучиле во нејзиниот состав. Во периодот на јакнење и ширење на македонската држава под водство на Филип II Македонски, Пелагонија станала составен дел од античка Македонија. Инаку, главниот град на Пелагонија, исто така, се викал Пелагонија и се наоѓал на левиот брег на реката Еригон.
Во наредните векови Пелагонија се споменува на неколку места кај Ливиј, Страбон и Диодор, а во врска со римските освојувања на Македонија и нејзините поделби, наведувајќи дека Пелагонија била центар, четвртата Македонска мерида. Трагата на градот Пелагонија се губи по готските наезди кон крајот на V век н.е., но останува да постои областа Пелагонија во Македонија. стр45
Меѓу праисториските народи на централниот дел на Балканот се вбројуваат и Пеонците, а нивната земја се викала Пеонија. Родоначалник на Пеонците и нивен крал бил епонимниот херој Пеон (Παιων). Во митологијата Пајон бил син на Посејдон и Хела, татко на Скордиск и Трибал. Според Хомер, Пеон бил лекар на боговите, по кого лекарите на воените херои биле нарекувани Пеониди, а иста придавка имале Аполон и Ескулап. Инаку, глаголот peonizo (Παιωνιζω) значи пеење свечена воена, борбена песна.
Браќа на Пеон биле Едон (Ηδον, edon, од зборот edis-љубезен, драг) и според него тракискиот народ на Стримон и Нест под името Ηδονοι, edoni, како и истоимената планина) и Алмопа.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН