ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА
Боби Темелков е член на повеќе македонски организации во Канада, ја ужива довербата и го има авторитетот во Македонската заедница, учесник е на сите протести против Грција и грчката антимакедонска пропаганда во Канада од 1990 година и речиси е организатор на сите поголеми настани на Македонската заедница во Канада со цел афирмација на македонскиот етнички, јазичен, културен, верски, историски и државен идентитет, континуитет, наследство и простор.
Според податодице на Светскиот македонски конгрес, Боби Темелков е роден на 8 мај 1967 година во Велес, оженет е со Нина Темелкова, исто така Велешанка, татко е на две деца Антонио 15 години и Елена 17 години. Живее и работи во Канада заедно со своето семејство и родителите. Основно образование има завршено во Велес, а средно градежно училиште во Скопје.
На 16 јуни 1990 година како 23 годишен заминува во Канада, каде 1995 години добива постојана виза, а 1997 година и канадско државјанство. Во 2001 година завршува “Real estate Collage“ и се здобива со звањето агент за недвижности, а во последните 8 години работи во најголемата телекомуникациска компанија во Канада “Bell Canada“, како техничар и специјалист за оптички мрежи и инсталации. За цело време во Канада, веќе 35 години, Боби Темелков е активен во Македонската заедница и во македонските работи. Тој е почитуван, успешен, домаќин и родител.
Боби Темелков е автор на Фејсбук-страницата Македонска нација Канада (Bobby Temelkov Makedonska Nacija Canada) којашто е достапна за и посетувана од Македонците ширум светот.
На 22 април 2012 година заедно со Македонскиот генерален конзул во Торонто, Боби Темелков е организатор на манифестацијата “Македонски ден на книгата во Канада“, на којашто учествувале повеќе гости од Македонија, како и Игор Крајчев, единствениот македонски писател за научна фантастика. Настанот е проследен од 350 гости со многу писатели од македонско потекло во Канада и со изложба на стари и ретки книги за Македонија и за Александар Трети Македонски.
За време на настапот на првиот Македонец во историјата на НБА лигата Перо Антиќ во Торонто, на кошаркарскиот натпревар меѓу Toronto Raptors и Atlanta Hawks што се одржа на 14 февруари 2014 година, Боби Темелков е организатор на групна посета при што се собрани повеќе од 1000 Македонци публика како Македонска фаланга во Канада.

Од договорот со Toronto Raptors овозможено е на 28 деца Македонци до 14 години возраст, облечени со македонски маици и капи, да стојат со кошаркарите на двете екипи пред почетокот на натпреварот за време на изведувањето на двете химни. Логото “Macedonian Nation Canada Heritage Night“ е прикажувано на секои 10 минути на големиот екран на спортската сала ACC. На крајот на натпреварот остварена е 15 минутна средба на Перо Антиќ со Македонската фаланга. На последното гостување на Перо Антиќ во Торонто на 16 јануари 2015 година, по претходен договор со Toronto Raptors, химните на САД и на Канада се испеани од познатата македонска група од три сестри Македонки родени во Канада GI-GI Sisters.
Во 2014 година Боби Темелков е избран за раководител на Македонскиот Павиљон во рамките на Мултикултурниот фестивал Carassuga во Мисисага, којшто претставува најголем мултикултурен фестивал во Онтарио и втор по големина во Канада. Фестивалот го посетуваат околу 500.000 гости, трае три дена, на него се претставени 78 нации и земји ширум светот, а секоја земја си има свој павиљон претставена со својата култура, историја, музика, ора и храна. Македонскиот павиљон до пред три години го одржуваше Македонската црква “Свети Илија“ од Мисисага со посетеност од 1.500 гости за сите три дена. Минатата година фестивалот е преместен во Спортскиот центар каде што се сместени 80% од земјите учеснички, со шатор со капацитет за 450 гости, а е посетен од околу 35.000 гости за сите три дена.
На фестивалот учествуваа 100 доброволци, 3 македонски музички групи, 5 македонски играорни групи со целодневна програма, а меѓу повидните гости беа Македонскиот амбасадор и генералниот конзул во Канада, градоначалникот на Мисисага и други. Во 2017 година Фестивалот се одржа од 28-30 мај. Боби Темелков по трет пат беше избран од Македонската заедница во Канада за организатор и раководител на Македонскиот павиљон на Фестивалот.
Боби Темелков за време на поплавите во Македонија во 2015 година е организатор на хуманитарна акција во Македонската црква “Свети Илија“ во Мисисага со собрани 10.000 канадски долари кои беа испратени на сметка на Македонскиот Црвен Крст. За време на поплавите во 2016 година, пак, на двете организирани хуманитарни акции, првата во Македонската црква “Свети Илија“ се собрани 22.000 канадски долари и на втората во Македонската катедрална црква “Свети Климент Охридски“ под менторство на Американско-Канадска Македонска Епархија собрани се 90.000 канадски долари.
Во април 2015 година државната канадска компанија LCBO која единствено продава алкохол во Канада, во својот бесплатен магазин на 50-60 страници со тврда корица, што се печати во десетици милиони примероци на сметка на даночните обврзници, во сторијата за Велигден, празникот е претставен како грчки.

Панорама на Велес
По протесното писмо од Боби Темелков, дека станува збор за навреда на православните христијани, бидејќи Велигден не е само грчки празник, главниот и одговорен уредник се извинил за навредите и од продавниците се повлечени сите отпечатени примероци на магазинот. Случајот е објавен од сите медиуми во Канада.
На 6 мај 2016 година по објавена навреда за Македонците и Македонија на Српската телевизија во Торонто, а по реакција од Боби Темелков со предупредување до главниот и одговорен уредник за тужба до Судот за дискриминација и човекови права, емисијата е симната од програмата и од јутуб, а упатено е извинување до Македонската заедница во Канада.
На 6 август оваа 2017 година Боби Темелков заедно со Македонската амбасада во Отава а по повод 150 години од формирањето на Канада и по покана на Канадската Влада, ќе организираат “Ден на македонската култура во Отава“. Подготовките се во тек..
Врз основа на одлука на 26 Генерално Собрание на Светскиот македонски конгрес одржано на 6 август 2016 година и на 34 Генерално Собрание на Светскиот македонски конгрес одржано на 8 август 2024 година, Боби Темелков, долгогодишен македонски активист во Канада, е избран за претседател на Светскиот македонски конгрес за Канада, односно Канадски македонски конгрес како друго службено име на Светскиот македонски конгрес за Канада.
Боби Темелков истовремено е потпретседател на Светскиот македонски конгрес, којшто претставува неформален Светски Парламент на Македонците од сите делови на Македонија во целиот свет формиран 1899 година во Женева, Швајцарија а возобновен 1990 година во Гевгелија, Македонија.

Пишува: СЛАВЕ КАТИН