ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ – ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН
Камените маркери во минатото ги означувале местата за изгревање на Сонцето и Месечината во периодите на кусодневица, рамнодневица и долгодневица, како и нивните отстранувања. Сонцето, всушност, само на рамнодневиците – на 21 март и на 21 септември – изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад. Потоа постепено има отстапување до 45 степени.
Местата на изгревање кои се опфаќаат со природните маркери на мегалитните карпи во Кокино укажуваат дека изгревањата на исто место на Сонцето се повторуваат на 18,6 години. Веројатно некои членови на племенската заедница имале задача секојдневно да ги следат движењата на небесните тела и да прават календари за одредување на деновите за ритуалните обреди, како и за започнување на сезонските работи во земјоделството и сточарството.
Опсерваторијата е сместена на две скалести платформи од кои се следеле планетите. На горната платформа се пронајдени траги од неколку објекти и делови на керамика. Според наодите на археолозите, на локалитетот Кокино, всушност, немало живеалишта, туку дека опсерваторијата воедно била и светилиште, а во процепите на карпите се ставале предмети наменети за нивните божества. На локалитетот има и еден вид престол каде што, најверојатно, седеле старешините и водачите на племето.
Мегалитната опсерваторија во Кокино се вбројува меѓу највредните стари опсерватории во светот. Заради тоа, во 2005 год. американската вселенска агенција НАСА во листата од 15 вакви опсерватории во светот го рангираше Кокино на четвртото место.
Првите четири опсерватории според НАСА се: 1. Абу Симбел – Египет. 2. Стоунхеинџ – Велика Британија. 3. Ангкор Ват – Камбоџа. 4. Кокино- Република Македонија.
Од антиката до денес, проучувањето на палеобалканските и егејските популации зазема значајно место во истражувањата на археолозите, историчарите и лингвистите. Историјата (расказ за познатото, истраженото), како наука, го проучува развојот на човечкото општество. Нејзините почетоци архетипски се јавуваат со првата писменост
Најстарите историски податоци ги забележале блискоисточните народи, Египќаните, Хетитите, Вавилонците и др. Тоа го направиле прво на камени, глинени и бронзени плочки, а потоа на папируси.
Првите информации за „Северните” народи (Борејците) се сочувани во египетските споменици кои датираат околу 1400 г. пред Христа каде се јавуваат имиња на народите: Дануни, Сакалаши, Шарадони и др. (Childe, 1926 г., 63, 72). Во хетитските документи за време на кралот Мурсила II (1345-1315), како и за време на египетскиот фараон Рамзес II (1317-1251), се јавуваат имињата на народите: Шеридани, Луки, Илиуни, Келикиши и Мизи.
Следат податоци од Мернептах (Merneptah) (1225-1215), кој на северните граници на Египет ги победил „северните орди на целиот свет“, составени од Луки, Шеридани, Турши (Тирис, митски крал на Тракија), Акаиваши (Ахејци) и Шакалаши. (Thomson, 1954 г., 227,228)
Неколку години подоцна, 1194 г. пред Христа, Рамзес III, во Делтата Нил, ги одбил непријателските напади на „Северните“ народи, под називите: Данауни, Пелешати, Уашашаи, Такруи. Оваа победа е овековечена на натписот во храмот Мединет Хабу во Теба (Childe, 1926 г., 63, 72).
Меѓу морските народи од север, Мелаарт (1978 г., 70-78) ги набројува уште: Неохетити, Фриги и Урартруи, а Страбон (XI, 14, 527, XVI, 1, 23) и Мигдонците од околината на Нисибис. Хомер (VIII век пред Христа) во својата „Илијада“, каде опејува многу јунаци на разни народи на Балканот и Мала Азија, во второто пеење ги опишува ахејските лаѓи (484-785).
Како народи ги набројува: Ахеите, Данаите, Аргеите, Минојците и др., додека во тројанските чети (786-877) ги вбројува: Пелaзгите, Дарданите, Трачаните, Пеонците, Фригите, Мисиите од Дунав, Меонците, Карците, Ликијците и др.

Реката Дунав
Сепак, Херодот (485-424 г. пред Христа ) е тој кој како творец на првата историска композиција, во своето значајно дело „Историја“, дал попрецизни податоци за создавачите на новата култура на Балканот и егејскиот басен. Овој генијален човек го направил преминот од легендите кон историјата и неговата работа претставува не само високо книжевно, туку и историско дело.
Тие значајни создавачи се: Хиперборејците, Јоњаните, Карците, Лелегите, Ликијците, Лувијците, Дарданите, Тројанците, Минијците, Хетитите, Лиџаните, Трачаните, Пеонците, Трибалите, Бригите (Фратите), Мизите, Пелазгите, Македонците и Скитите.
Судејќи според археолошките остатоци од материјалната култура, посебно од ликовната уметност и митологијата, древна Македонија имала значаен и единствен, самостоен митолошки систем. Тој содржи етнолошки, етнографски, лингвистички, историски, книжевни и антрополошки елементи, кои можат топографски да се лоцираат на географско-политичките простори на Македонија.
Овој пат ќе се задржиме на древните или античките Македонци кои припаѓаат на семејството на индоевропските народи, кои се творци на неолитската култура на Централниот Балкан во периодот меѓу 6 500 – 5 500 години п.н.е. Како проиндо-европски народ, Македонците ја населиле „Стара Европа” (Гимбутас, 1982), најпрво деловите на Средно Подунавје. Потоа, од Панонската Низина нивните племиња се доселувале на југ и го населувале теснецот на Централниот Балкан по должината на сливот на реките Бистрица, Вардар, Струма и Термајскиот Залив, кога биле создадени погодни климатски услови, по последниот леден период.
Првобитните имиња на нивните племенски организации не се познати. Од историските податоци се гледа дека нивните етноними, односно филоними (братства или племиња), најчесто се добивани од географската конфигурација на теренот, т.е. од хоронимите, како на пример: Орести-Горани, Елимеи-Криворечани, Десарети-Шумадинци итн. Потоа од занимањата, како Алмопии-Солари, Ботиаи-Сточари итн.
Во етногенетската еволуција, заедничкото име им станало Македонци, а нивната татковина Македонија. Говорниот јазик на Македонците бил дијалект од палеобалканската глосологија, познат како проиндоевропски јазик на народите на „Стара Европа”.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН