ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН
Исто така, е факт дека на 23 август 1953 година е донесен Декрет за колонизирање на граничните региони со „нови колонисти кои имаат здрава национална свест“, а тоа беше христијанско турско население, Просвиги (Маџари). Затоа, тие таканаречени Грци се населија во местата од каде што Македонците беа прогонети или натерани да емигрираат. Со истиот Декрет голем број Македонци, бегалци од Грција, беа лишени од грчко државјанство, а нивните имоти се конфискувани.
Стив Пљакас вели: „Во 1959 година грчката влада донесе закон кој е преседан над преседаните, барајќи од македонското население задолжителна изјава на лојалност. Поради тоа, грчките власти побараа од населението во селата во Леринско (сега Флорина) и Костур (сега Касториа), Воден (сега Едеса) и тн. потврда дека јавно не го зборуваат македонскиот јазик.
Ваквите мерки, беа преземени и кон иселениците од егејскиот дел на Македонија, во Австралија и Канада. Во прилог на ова, во 1967 година беше спроведен закон со кој се забранува употреба на македонскиот (славјанскиот) јазик, што беше чин на одземање на државјанствата, како и други мерки за асимилација на Македонците“, потврдува Стив Пљакас и продолжува.
„Непобитна е вистината дека асимилацијата на Македонците од грчките власти низ разни форми и начини, продолжува и сега, и тоа низ системот на образованието.
Оние кои се декларираат како Македонци не се во можноста да најдат вработување во која било државна институција, што се потврдува преку целата нова серија закони и прописи кои се дискриминаторски кон македонското национално малцинство.
На пример, ќе нагласиме дека со одлуката од 1982 година, во однос на репатријација на грчките граѓани и политички бегалци, дозволено е само „Грци по род“ да се вратат во Грција, односно оние кои ќе се откажат од својот македонски или турски и албански идентитет и ќе прифатат грчки имиња.
Законот од 1985 година, исто така, содржи дискриминаторска клаузула која ги спречува Македонците во Република Грција за остварување на правото на сопственост на имот.

Потоа, во 1986 година грчката влада го стави Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје на листата на странски академски институции, чии дипломи не се признати во Грција, со образложение, дека предавањата на овој универзитет бил на јазик кој не е „меѓународно признат“, вели Стеве Пљакас.
Ова покажува дека официјалното негирање на постоењето на македонското национално малцинство останува постојана цел на грчката политика, без оглед на тоа дали е лева, десна или профашистичка.
Во поново време, асимилаторската политика на Атина, уште еднаш се сврте против припадниците на македонското национално малцинство. А, слична е судбината и на турското, албанското, влашкото, ромското и другите малцинства кои се многубројни во Грција. Некои „вистини” на грчката “демократија” продолжуваат да бидат очигледни, а странскиот фактор да ги толерира.
Според Стив Пљакас: „Факт е дека Република Грција (Елада) одбива да ја признае Република Македонија под нејзиното уставно име со образложение дека употребата на името ги покажувало наводните територијални претензии кон делови од грчка Македонија, до неодамна Северна Грција.
Невидениот притисок и уцени врз Република Македонија што го наметна Грција со неофицијалната блокада во есента 1992 година, со затворање на границата кон Македонија сè до февруари 1994 година, имаше за цел да ѝ нанесе економска штета, деградирање на инфраструктурата, како и фрлање на колена на својот северен сосед, Република Македонија.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН