АРХЕОЛОШКИ НАОДИ НА ПРАИСТОРИСКИТЕ КУЛТУРИ НА БАЛКАНОТ (3)

ДЕЛ ОД ПУБЛИКАЦИЈАТА „ОД ПАНОНИЈА ДО ЕГЕЈ“ ОД АКАДЕМИК АНТОНИЈЕ ШКОКЉЕВ – ДОНЧО И СЛАВЕ НИКОЛОВСКИ – КАТИН

Реката Дунав, исто така, го дели Средно Подунавје на западен дел, кој гравитира меѓу Динара, Јадранското Море и Апенинскиот Полуостров, и на Панонски Базен на исток. Оваа низинска област, која претставува најмаркантна црта на релјефот на Европа, е обележана од источната страна во лак од планинскиот систем Карпати, Трансилванските Алпи и Стара Планина.

Во пределот на Јужните Карпати, Дунав минува низ Ѓердапската Клисура и со тоа ги спојува Панонската и Влашко-Понтската низина. Ѓердап е најголемата клисура во Европа, долга околу 100 км меѓу Голубец и Кладово. Се дели на мал и голем Ѓердап. Најтесен дел на Ѓердап е кај Казан, каде во должина од 9 км има ширина од 150-170 м и длабочина од 20-50 м, а најголемата длабочина е 74 м.

Во Ѓердапската Клисура, Дунав има голем пад, вкупно околу 30 м, брзина од 3 м/s, со просечна количина на протекување на водата од околу 5.800-6.000 м³/s. Страните на клисурата се издигнуваат 600-700 м над речниот тек. Во овој дел Дунав е многу богат со разновидна риба, пред сé со моруната која икрата ја исфрла во пролет.

Инаку Карпатскиот лак припаѓа на групата на алпскиот ороген систем, со височини до 2.500 м. Тој е обезбеден со збиени набори кои се состојат од разновидни петролни материи, како што се креда, глинено-песочни чкрилци (плочест камен) итн. кои претставуваат составни делови на каменот во облик на лизарчиња (измазнет валчест речен камен) во речните долини. Тие ќе бидат главен материјал за алатки и уметнички предмети од најстарата култура на Средно Подунавје во камениот период.

Во географска смисла праисториска Македонија се наоѓала како ,,сендвич” меѓу Пелазгија на југ и Бригија и Пелагонија на север. Таа го опфаќала просторот на планинските масиви на Олимп, на исток, преку Пиерија и Пинд на запад, Каракамен и Вич северно со `рбетот на сливот на реката Бистрица (Халиакмон). Многубројните автохтони неолитски племиња им биле соседи на Македонците.

Најблиски сродници им биле Магнетите во тесалиска Магнезија, југоисточно од Олимп. Позападно биле Еолците (Минијците, Лапитите, Тироите и Флегијците), потоа Хистиеотидите и Теспротите. На запад биле Енхелејците, а на север Бригите и Пелагонците, додека на исток Пеонците, Тракијците и Мигдонците.

Археолошки наоди (arhaios, arhi – од памтивек, прастар, прапочеток и logija – наука, т.е. раскажување стари приказни) се архетипски, културно – историски манифестации на човечкиот дух. Долгогодишните археолошки истражувања на Балканот, и пошироко во поранешна Југославија, Македонија, Бугарија, Романија, Унгарија, Хрватска, Босна, Грција и Украина, укажаа на богато присуство на материјална култура, континуитет на популацијата на автохтоните заедници и брановидно движење на индоевропските народи.

Homo sapiens првпат се појавил на Земјата во плеистоценскиот период (pleistos е суперлатив од polis – многу, најмногу и kenos – празен), кој траел околу 2 500 000 години, до холоценот (holos – цел, потполн), кога завршува последната ледена епоха. Балканот во тоа време бил спорадично населен.

Во постариот палеолит (palaios – стар и lithos – камен, крш), меѓу 350 000 и 25 000 години пред Христа, Балканот речиси останал пуста земја на планот на ликовното и уметничкото творештво, освен во Македонија и Средно Подунавје. Ова траело сé до последната ледена епоха, до X милениум пред Христа кога на Дунав се воспоставува прото (прва, најрана) – култура на Балканот, на чии традиции ќе се развива уметноста на Лепенски Вир.

Според досегашните археолошки сознанија, вистинската човечка активност, пред сé во Средно Подунавје, почнува пред почетокот на последната ледена епоха, па сé до неговиот крај во XI милениум пред Христа. Тоа во подрачјето на Средно Подунавје на Ѓердап е датирано со методот Ц – 14, меѓу 10650 – 10100 година пред Христа. Човечката активност се манифестира со архаична обработка на алатки, разни декорации на мамутски заби со црвено и жолто окер, како и скулптури од лизарчиња (валчести камчиња).

Овие предмети претставуваат прв чекор во техничката и ликовната диференцијација на мислите на човекот од Средно Подунавје во одреден период. Исто така, тоа се докази дека нејзините создавачи го познавале ликовниот јазик кој се негувал во тогашните слични културни центри во Европа и дека Балканот не бил длабока провинција.

Голубац, Лепенски Вир

Од посебно значење се бројните сложени композиции на гравурите на коски и рог, на ѓердапските творци од двата брега на Дунав, меѓу XIII и X милениум пред Христа. Тие, покрај тоа, претставуваат први графити, односно некој вид „синтетичко писмо“ (Срејовиќ и Бабовиќ, 1983 г., 27) и уметност на ловечко-собирачките заедници од мезолитот, со што се потврдува дека Средно Подунавје било центар на уметноста.

Последната ледена епоха на овие простори завршила во IX милениум пред Христа, но само во источниот дел на Балканот, на едниот лак кој одел јужно од Карпатите и источно од динарскиот и пиндскиот систем. Климатската нестабилност ги принудила човечките заедници да се прилагодат на новите животни услови.

Во време меѓу 8330-6700 година пред Христа, во рамничарските делови на Балканот реките често ги менувале своите теченија, создавале нови бари и мочуришта, па не постоеле адекватни услови за живот. Заради тоа досега не се откриени сигурни наоди за живеењето.

Со епохалните археолошки истражувања од страна на родоначалникот на археологијата на Лепенски Вир, академик Драгослав Срејовиќ (1931-1997), на дунавската тераса на Лепенски Вир во Ѓердап, меѓу 1965-1970 г., откриени се уметнички споменици на архаична и дотогаш непозната култура. Овие откритија го изненадиле целиот културен свет и тие се предмет на постојан интерес.

Заради своите археотипности во археологијата и историјата, со уметничките прототипови, сакралните градителски остварувања на населбите, со монументалните скулптури, обилните гравури и графити, културнo-религиските и лингвистичките остварувања, на културата на Лепенски Вир ќе í биде даден поголем простор.

Ваквиот пристап е земен од повеќе причини, а пред сé поради тоа што културата на Лепенски Вир може да послужи и како нова парадигма. Односно, модел на архетипското колективно несвесно, но и како извор на информации дека средиштето на уметноста на камениот период на Балканот било во најголемата дунавска клисура на Ѓердап, на Лепенски Вир, од каде што се проширила преку централниот Балкан до Пелопонез и Крит.

Покрај тоа, можеби археолошките наоди за културата на Лепенски Вир и нејзината ономастика на хидроними и ороними на поблизок и подалечен простор, кои ќе бидат изнесени подоцна, ќе ја потврдат хипотезата дека палеолингвистиката на Балканот „се родила“ во Ѓердап, а не во Елада.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН