Трамп и Путин се согласија војната во Украина да заврши со „траен мир“

Американскиот и рускиот претседател Доналд Трамп и Владимир Путин за време на нивниот телефонски разговор денеска се согласија дека војната меѓу Русија и Украина мора да заврши со „траен мир“ и преговорите за таа цел ќе започнат веднаш, соопшти Белата куќа.

-Лидерите се согласија дека движењето кон мир ќе започне со прекин на огнот во енергетскиот и инфраструктурниот сектор, како и технички преговори за спроведување на прекин на огнот во Црното Море, целосен прекин на огнот и траен мир, се вели во соопштението објавено по разговорот.

„Овие преговори ќе започнат веднаш на Блискиот Исток“, се додава во документот.

Путин се согласи со предлогот на Трамп, Русија и Украина да престанат да удираат меѓусебно врз енергетската инфраструктура 30 дена. Руските медиуми јавија дека по разговорот со Трамп, Путин и наредил на војската да ги запре нападите врз овие цели на 30 дена.

Кремљ соопшти дека двајцата лидери имале „детална и искрена размена на мислења“ за Украина.

Кремљ истакна дека „клучниот услов“ за спречување на понатамошна ескалација на конфликтот е „целосен прекин“ на странската воена помош и размена на разузнавачки информации со Украина.

-Двајцата лидери се согласија дека иднината со подобрени билатерални односи меѓу Соединетите Држави и Русија ветува многу. Тоа вклучува огромни економски договори и геополитичка стабилност откако ќе се постигне мир, се вели во соопштението на Белата куќа.

Белата куќа вчера објави дека американскиот претседател е „решен“ да постигне договор за ставање крај на руската војна против Украина и дека светот е блиску до мир.

Претходно, специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток, Стив Виткоф, ја посети Русија и се сретна со Путин за да разговара за предлогот на САД за 30-дневен прекин на огнот. Кремљ соопшти дека преку Виткоф му биле пренесени „дополнителни сигнали“ на Трамп.