Би сакал уште еднаш да кажам дека грчката Владата со солидарност ги поддржува нашите соседи и сме на располагање да помогнеме за сè што е потребно со желба никаде да не се повтори ваква трагедија, истакна заменик-министерот за надворешни работи на Грција Тасос Хаѕивасилиу, откако со министрите Тимчо Муцунски и Арбен Таравари и грчкиот заменик-министер Костас Јулекас ја посетија солунската болница Папаниколау каде што се хоспитализирани тројца повредени, јави дописничката на МИА од Атина.
Заменик-шефот на грчката дипломатија посочи дека „од првиот момент на трагичната несреќа Владата на Грција покажа солидарност и хуманост со народот на Северна Македонија“.
-Со моите колеги, министерот за надворешни работи и министерот за здравство од Северна Македонија, заедно со мојот колега Костас Јулекас ја констатиравме состојбата на пациентите и разговаравме со семејствата на повредените, кои изјавија дека се задоволни од грижата што ја добиваат нивните деца овде во Грција, посочи Хаѕивасилиу.

Заменик-министерот за внатрешни работи на Грција надлежен за регионот Македонија и Тракија, Костас Јулекас рече дека станува збор за „трагедија без преседан“, изразувајќи сочувство и поддршка.
-Грција, од првиот момент ги отвори своите порти, ги отвори портите на своите болници. Ги лекуваме овие луѓе, млади луѓе и ги поддржуваме нивните родители и роднини. Од соседната земја дојдоа министрите за надворешни работи и здравство за да ги видат нивните сонародници. Од она што нѐ информираа лекарите состојбата на повредените е стабилна и секако се под постојан медицински надзор. Од сѐ срце посакуваме овие деца кои беа префрлени овде да си заминат здрави и да се вратат во нивната татковината. Ние од наша страна правиме сѐ што можеме и лекарите ги следат 24 часа, нагласи Јулекас.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за здравство Арбен Таравари заедно со грчките заменик-министри утрово ги посетија повредените во пожарот во Кочани, кои се хоспитализирани во двете солунски болници.
Шефот на дипломатијата, како што претходно објави МИА, во изјава за грчките медиуми во Солун истакна дека „ова беше најтрагичниот момент во историјата на мојот народ, момент што засекогаш ќе остане во колективната меморија, но исто така она што ќе остане во нашата колективна меморија и не треба никогаш да го заборавиме е солидарноста што ја добивме“.
За состојбата на двете девојки и момчето на возраст од 19, 25 и 26 години, кои од неделата се хоспитализирани во болницата Папаниколау во Солун, директорката на Одделот за изгореници Софија Пападопулу, рече дека се во критична состојба и сè уште не може да се каже дека се вон животна опасноста, според
Докторката објасни дека тројцата пациенти имаат од 15 до 25 отсто изгореници на телото за што двајца од пациентите денеска по втор пат ќе бидат оперирани, а во следните денови и третиот повреден, но истакна дека она што е посериозно е тоа што вдишале чад.
Во Грција вкупно се хоспитализирани осум повредени, тројца во солунската болница Папаниколау, двајца во воената болница 424 во Солун, додека пак од синоќа во Атина се лекуваат уште три лица во Општата воена болница 401.