Пријателството меѓу Хрватска и Македонија е многу силно и тоа го чувствувам на секој чекор. Тоа трае многу подолго од 33 години кога беа воспоставени нашите дипломатските односи. Нѐ врзува заедничка историја, почитување и искрена симпатија, а дополнителен мост на пријателството се македонското малцинство во Хрватска и Хрватите во вашата татковина, истакна претседателот на Саборот на Хрватска Гордан Јандроковиќ во обраќање во македонското Собрание.
Посочи дека имаме соработка во сообраќајот, прехранбената и хемиската индустрија, енергетиката и во ИКТ-секторот, како и во туризмот, при што спомна дека над 50 000 македонски туристи лани ја посетиле Хрватска и тој број, рече, постојано расте. Тоа што македонски граѓани одат на работа во Хрватска, како што рече, ја покажува позитивната економска размена.
-Нѐ поврзува и економската соработка и билатералната трговска соработка и размена којашто расте и надмина 320 милиони евра во 2023 година, а во 2024 беше уште повисока. Ние сакаме да ја зголемиме таа стопанска рамка … и да се воспостават нови стопански иницијативи… Ве повикувам да ги искористиме сите можни форми на билатерална соработка, особено меѓу пратениците на нашите два парламента, како и меѓу нивните стручни служби, рече Јандроковиќ
Претседателот на хрватскиот Сабор во своето обраќање пред пратениците изрази надеж дека партнерство во НАТО ќе биде надградено и со нашето членство во Европската Унија.
Како што рече, на Република Хрватска и е многу важно што одлуката за отворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија била донесена за време на нивното претседавање со ЕУ, во март 2020 година.
-Тогаш вложивме многу дипломатски напори за да се оствари тоа. Но, за жал, и по пет години вашите преговори со Европската Унија се уште не се формално отворени. Тоа не е коректно. Го разбираме нетрпението на вашите жители. Република Хрватска високо ги цени сите ваши достигнувања и мисли дека заслуживте многу поголем напредок и ќе ве поддржи на вашиот пат кон Европската Унија, рече Јандроковиќ.
Како што рече, и тие поминале многу напорен процес до членство во Унијата и „затоа од сопствено искуство ви велиме дека треба да истраете, од денешна перспектива тој пат и тие реформи навистина се исплатеа“.
-Денешното време е многу неизвесно, кога единството во ЕУ и во НАТО е пред голем предизвик. Потребно е активно да го следиме глобалното движење, да бидеме претпазливи и подготвени, да имаме стратегиско планирање, да работиме на засилувањето на капацитетите на нашата одбрана, да имаме правовремен и ефикасен одговор на сите предизвици. Во овие турбулентни времиња, должни сме да направиме се за да ги заштитиме нашите граѓани, а нашите институции мора да бидат поотпорни, порача претседателот на хрватскиот Сабор.