Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков денеска изјави дека привремената суспензија на американската воена помош за Киев е најдобар придонес за постигнување на мир во Украина.
– Ако САД престанат да бидат (воени снабдувачи на Украина) или ги суспендираат испораките, тоа најверојатно ќе биде најдобриот придонес за мирот. Останува да се видат деталите, посочи Песков.
Тој се осврна и на повторно воспоставување на билатералните односи Вашингтон – Москва, истакнувајќи оти „нормализацијата“ на односите мора да доведе до укинување на американските санкции кон Москва.
– Се разбира, ако зборуваме за нормализација на билатералните односи, овие односи треба да се ослободат од негативниот товар, како што се санкциите, наведе Песков.
По првите руско-американски разговори во Саудиска Арабија на 18 февруари, Москва и Вашингтон соопштија дека работат на повторно воспоставување економски и енергетски односи, особено на Антарктикот и Вселената.