На писателката Фросина Пармаковска вечер од 18 часот на пригодна свеченост во Даут-пашин амам ќе и биде врачена наградата „Роман на годината“ за 2017 година.
Пармаковска беше избрана за добитник на признанието за својот трет роман „Одбројување“, издание на „Или-или“, во конкуренција на 27 романи.
Оваа година наградата се доделува по 19-ти пат. По згаснувањето на „Утрински весник“, кој до минатата година го организираше конкурсот за „Роман на годината“, првпат годинава организатор е Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и статуетка. Наградата е поддржана од Министерството за култура како проект од национален интерес, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка а.д.