ПОЗНАТИ МАКЕДОНСКИ ЛИЧНОСТИ ВО КАНАДА – ДЕЛ II
Алек Петличков ја има истата судбина како голем број Македонци во светот, особено оние кои имаат потекло од егејскиот дел на Македонија и кои присилно ги напуштиле дедовските прагови во родните места. Тој е жива легенда за Македонците во Торонто. Петличков го формира ансамблот „Македонка” од Торонто, кој е еден од најстарите, најдобрите и најпознатите фолклорни асоцијации во македонското иселеништво во светот.
Селото Буф многу настрадало во Граѓанска војна во Грција, каде, според пишаните документи, во текот на борбените дејствија селото дало повеќе од 250 борци припадници на ДАГ, а своите животи ги положиле околу 120 буфчани, додека 30 борци од селото трајно останале инвалиди. Поради воените дејствија, се смета дека само во Македонија пребегнале 189 семејства со 686 члена, а околу 96 семејства со 140 членови побегнале во источно европските земји. По нормализацијата на ситуацијата, а поради силниот притисок и терор од страна на грчките власти, започнал силен бран на емигрирање во прекуокеанските земји.
Во 1957 година Алек од родната македонска земја се преселил во Торонто, каде што и се оженил со својата избраничка и играорка Мери Џигоманова, родена во селото Баница, Леринско, која заедно со своите деца сите овие години е душата на „Македонка”.
Покрај фамилијарните обврски, Алек е жива легенда за Македонците во Торонто. Под неговото несебично залагање и работа, преку фолклорното училиште на „Македонка” поминаа стотини македонски младинци, кои го изучија македонскиот мелос и фолклор, а некои од нив се оспособија да бидат кореографи и водители на играорни групи. Неговите залагања и денес се темел за работа на повеќе групи во Канада и во Америка..
Целата негова активност беше забележана од македонската емиграција, така што на годишното изборно членско собрание за мандатниот период 1987 и 1988 година бил избран за претседател на црквата „Свети Климент Охридски” во Торонто, а, исто така, бил потпретседател и член на Управата.
Ансамблот „Македонка” од Торонто, Канада, е еден од најстарите, најдобрите и најпознатите фолклорни асоцијации во македонското иселеништво во светот. Како фолклорна група е формирана од ентузијасти и вљубеници во македонското оро и песна, кои потекнуваат претежно од Беломорска Македонија.
На почетокот по формирањето во 1959 година, работел под името „Пелистерско оро”, кога и го започнал своето аматерско дејствување со организирање на концерти. Набргу по формирањето веќе стекнал популарност и углед меѓу Македонците на тие простори, така што кон него се приклучиле сѐ поголем број млади кои со голема љубов и жар го учеле, презентирале и негувале богатството на македонската игра и песна. Се чини концертот што оваа играорна група го одржала на 24 април 1966 година, во црковата „Свети Климент Охридски” од Торонто бил пресуден за нејзината иднина.
Активностите на полето на фолклорот започнале во април 1969 година, кога во просториите на црквата „Свети Климент Охридски” се собрале група момчиња и девојчиња од македонско потекло кои биле членови на играорната група „Пелистерско оро” и сите заедно, вљубеници во фолк-музиката и орото, ја формирале македонската фолклорна група „Македонка”. Тоа било и првпат спонтано и многу решително во Македонската православна црква „Свети Климент Охридски” во Торонто да се поттикне идејата за формирање на еден поголем ансамбл, кој бара работа, истрајност, ентузијазам и залагање.
Секако дека големата желба беше преточена во раѓањето на новата група. Уште на самиот почеток тогашниот потпретседател, а подоцна претседател на црквата, професор Филип Ангелковски, како искусен музичар и културолог, заедно со кореографот и фолклористот Алек Петличков, а со поддршка на членовите на Управата на црквата, чиј генерален секретар беше авторот на овие редови, Славе Катин, се поставија темелите на Играорната група „Македонка”.
Од членовите на управата на црквата „Свети Климент Охридски” се прифати предлогот групата да работи аматерски, а сиот остварен приход да биде наменет за општината, која ќе се грижи младите да ги имаат сите услови за работа и за докажување. За ороводец и кореограф на ансамблотбеше одреден еден од втемелувачите и најверни членови Алек Петличков, а во управата влегоа: за претседател Владо Шуковски, негов заменик Тами Папаѓанис, секретар Елизабета Пиљурева и благајник Дијана Ману.
Првиот успех Играорната група „Македонка” го имала на големиот семакедонски пикник што го организирала националната организација „Обединети Македонци” во летото 1969 година, кога се собрале повеќе од 15.000 посетители. Оттогаш започнале да се редат повеќе концерти не само во рамките на македонската заедница, туку и пред канадската публика. Така на 25 октомври 1969 година, во големата сала на црквата „Свети Климент Охридски”, Фолклорната група „Македонка”одржала концерт и се претставила на публиката со своја програма.
КУД „Македонка” има реализирано повеќе турнеи во Република Македонија од 1971 година до денес, кога учествувале на бројни фолклорни фествали и други манифестации, меѓу кои: на „Илинденски денови” во Битола, „Скопско лето”, „Иселеничките средби” во Трново, Ресен, Свети Наум, Крушево и на други собири.
Преку асоцијацијата „Канадско фолклорно-артистички совет” „Македонка” и во 1979 година, како прва македонска група настапи во провинцијата Нова Скошија, при што, во конкуренција на повеќе од 80 етнички фолклорни групи, од селекторите била избрана да ја претставува Онтарио на Канадскиот фестивал на културно наследство.
Како претставник, пак, на провинцијата Онтарио Ансамблот беше на гостување и во Саскачеван. Но, секако, најголем успех постигна во 1983 година кога на Меѓународниот фестивал во Сан Хуан во Порторико, КУД „Македонка” достојно ги бранеше боите на Канада со игрите и песните од Македонија. Исто така, има остварено турнеја низ Австралија, каде што постигна видни резултати во македонските заедници а и пошироко на петтиот континент.
Денес КУД “Македонка” е заштитен знак, тоа е, гордост и репрезент на “Св. Климент Охридски”, но, тоа е и амбасадор на Македонија, која го афирмира и го презентира богатото фолклорно наследство во Канада и во светот. Успешиниот пат продолжува и натаму, младоста со успех чекори напред.
Инаку, Ансамблот „Македонка” е добитник на голем број награди, признанија и плакети. Но, се чини дека најзначајно е тоа што Ансамбл бил овенчан со републичката награда „Свети Климент Охридски” за постигнатите резултати во афирмирањето и збогатувањето на македонскиот фолклор во иселеништво..
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН