Радев разговараше со неговиот иден грчки колега Константинос Тасула за односите меѓу Бугарија и Грција во различни сфери

Претседателите на Бугарија и Грција Румен Радев и Константинос Тасулас ќе работат на уште подинамичен развој и продлабочување на стратешкото партнерство меѓу двете земји. Ова стана јасно од телефонскиот разговор што Радев го имал со Тасулас, кој денеска беше избран за претседател на нашиот јужен сосед, соопштија од прес-службата на шефот на државата.

Ова е веста, која денеска ја избра МИА од сервисот на Бугарската телеграфска агенција (БТА), согласно Договорот за размена на информации и професионална соработка, кој предвидува секој ден националните информативни агенции на Северна Македонија и Бугарија да разменуваат по една вест, која ќе ја објават на својот интернет сајт без промени со изрично посочување и цитирање на партнерот како извор.

Бугарскиот претседател му честиташе на својот иден грчки колега за високоодговорната мисија што ја презеде и му посака успех во претстојното исполнување на неговите должности, се вели во соопштението.

Тие разговараа за состојбата на односите меѓу Бугарија и Грција во различни сфери, при што беше изразено општо задоволство од одличното ниво на соработка постигната меѓу земјите кои се добри соседи, партнери во Европската Унија (ЕУ) и сојузници во НАТО.

Претседателите ја потврдија својата решеност да работат заедно на највисоко ниво за уште подинамичен развој и продлабочување на стратешкото партнерство меѓу Бугарија и Грција, како и за зајакнување на стабилноста, добрососедството и разбирањето во регионот на Југоисточна Европа.

Константинос Тасулас, поранешен претседател на грчкиот парламент и пратеник од владејачката партија Нова демократија, денеска е избран за претседател на Грција, објавија АНА-МПА и весникот „Катимерини“. Тасулас, кој е кандидат на владејачката конзервативна партија, собра 160 гласа во 300-члениот парламент.