ВО КАЛКУТА – ГРАДОТ НА СИРОМАШТИЈАТА И НА МАЈКА ТЕРЕЗА (27)

ДЕЛ ОД ПОСЕТИТЕ НА ГРАДОВИ ВО СВЕТОТ ВО ПУБЛИКАЦИЈАТА „СВЕТОТ НА ДЛАНКА“ НА СЛАВЕ КАТИН 

Речиси сите видови уметнички занаети биле во застој за време на долгите години на англиското колонијално владеење. По добивањето на независност, големо внимание почна да се посветува на об­но­вувањето на занаетите и на нивниот натамошен раз­вој. Во сите делови на Индија се создадени произ­вод­­ствени корпора-ции на занаетчии, а се отворени специјализирани продав­ници за уметнички и занаетчиски производи. Во со­вре­мена Индија занаетите зазедоа едно од врвните места во националната култура на земјата.

Во туристичко-историска понуда стои де­ка пробивот на освојувачите во Индија доведува до обе­­динување на делови на северот од земјата во моќното Царство Магатха, едно од најзастапените во стариот период на Индија, кое егзистирало повеќе ве­кови. Меѓутоа, во текот на времето навлегува хин­ду религијата, будизмот, потоа исламот и хрис­ти­јан­ството и во еден подолг период се градат големи хра­­мови и други споменици кои зборуваат за ис­то­рис­­киот развој на оваа земја. Подоцна Индија ста­нува колонија на Велика Британија.

Британците ја изградиле првата железничка пруга и поврзале многу значајни историски и економски простори на бо­гатата Индија. Тие го наметнале англискиот јазик во земјата на Индусите кои зборувале десетици ди­ја­лекти и тешко можеле да се разберат меѓу себе, за потоа англискиот да стане службен јазик. Сè до 1920 година кога Махатма Ганди го пре­зема водството на Конгресот, а потоа Нехру ја по­дига националната свест, за во 1942 година да се ос­лободат од британската управа и во 1947 година да добијат целосна независност.

При посетата на Калкута од страна на делегацијата на Република Македонија присуствуваа: министерот Владо Наумовски, градоначалникот на Скопје, Ристо Пенов, авторот на овие редови како потпретседател на Комисијата за односи со верските заедници и Јасминка Миронски, уредник во весникот „Нова Македонија“.

Кога стасавме  во градот беше запурно и тешко се дишеше. Уште со доаѓањето на аеродромот ја почуствувавме климатската непријатност. За време на посетата на Калкута ни беше ре­чено дека никој точно не знае колку жители има гра­­дот, зашто стотина илјади немаат дру­­го живеалиште освен мало местенце на улиците, па не е можно да се опфатат во статистиката. Велат де­­ка „голема Калкута“, со индустрискиот појас и пре­д­­­градијата, има повеќе од десет милиони жи­тели.

Калкута е пристаниште низ кое поминуваат повеќе од 15 милиони тони стока годишно и е од­далечена од морето стотина километри. Таа се про­тега на голема површина па тешко е да се каже дали от­секогаш е голема или мала во лавиринтот на неј­зи­ните фабрички оџаци, старите бунгалови и новите по­веќекатници, пространите авении и тесните со­качиња. Таа е огромен град изграден на најнепо­год­на подлога од солени мочуришта. Оваа џиновска населба е многу млада; од пред три века Калкута била ано­нимно рибарско селце на еден ракав на Ганг во споредба со некои други градови во Индија.

„Вистинска Калкута“ се калкутските улици. Тесни, меѓу ниските, речиси импровизирани згради, покриени со лим или ќерамиди. Тоа е простор со ќепенци на кои стои трговец меѓу полиците пренатрупани со тегли и канти од кои испаруваат топли ја­дења со силен мирис. Овде се туркаат луѓето, чес­то голи до појас и со испотени лица. На тие и такви ули­­ци тропаат милиони велосипеди, се влечат рикши во традиционален кас, а меѓу нив, пак, се пробиваат ав­­тобуси. Редици канти и ќупови чекаат покрај железните пумпи за вода која тече многу бавно. Таква е Северна Калкута, таква е и Јужна Калкута, градот на најголем број сиромаси и бездомници.

Во Кaлкута бевме кога монсунските дож­дови беа многу интензивни. Излегувавме неколку пати од хотелот со цел да се запознаеме со интересни споменици на културата и воопшто со животот во тој милионски град, каде е тешко да се одреди бројот на жителите. Улиците беа пре­полни со пешаци и беше многу тешко ав­то­мо­би­лот да се пробие низ толпата луѓе. Секој се­кому му свиреше, секој возач се лутеше еден на друг, но како да имаа непишано правило да не се судрат или фи­зич­ки да се пресметуваат.

Повод за нашата посета на Индија и престојот во Калкута беше смртта на најхуманата личност на минатиот век – скопјанката Мајка Тереза, или како што е неј­зиното родено име Агнеса Гонџа Бојаџиу. По стапнувањето на почвата на Калкута веднаш стекнавме чувство на блискост со Мајка Тереза, со која во една прилика се сретнавме во Скопје. Тогаш се запознавме со мисионерката која од Скопје со себе ја понесе идејата дека љубовта треба секому да му се дарува а тагата со секого да се споделува.

Инаку, за Мајка Тереза е запишано дека таа стана добитник на бројни признанија и награди за ис­клу­чително хумано ангажирање во згрижување на нај­сиромашните од сиромашните, поради што ја доби и Нобеловата награда за мир. Мајка Тереза почина на 5 септември 1997 година, во Куќата на мило­ср­дието што таа ја основа во Калкута. Крајот на жи­вотниот пат на еден од најголемите алтруисти на сто­летието ги трогна сите, но, секако, најмногу оние кои ги почувствувале хуманоста и бенефициите од нејзините ак­тив­ности – гладните, бездомниците и болните.


Секојдневие во Калкута

Погребот на Мајка Тереза се изврши во Калкута, каде по богослужбата во црквата „Свети Томас“, всушност, започна погребната церемонија. Име­но, колата со ковчегот на Мајка Тереза влезе во преполнетиот затворен стадион Нетаџи, кој, иако пре­полн со илјадници лица и високи државни функ­ционери, кралски и дипломатски претставници, за момент се исполни со тишина, како израз на ис­клу­чителниот респект кон животот и делото на го­ле­ми­­от хуманист кој целиот свој живот го посвети на си­­­ромашните, на кои им подари добрина и љубов.

Свечената церемонија се одликуваше со од­лич­на организација на индиските власти, кои на Мај­ка Тереза £ приредија државен погреб, со ис­клу­чи­тел­на љубов. Бе-лите букети цве­ќе, аранжирани ненаметливо, едноставно, а сепак до­­минантно, каков што беше и животот на леген­дар­­ната мисионерка. Меѓу многуте светски деле­га­­ции се наоѓаа премиерот и претседателот на Индија, пр­вата дама на САД, Хилари Клинтон, кралицата Нор од Јордан, првата дама на Франција, леди Бернадет Ширак, сопругата на премиерот на Канада, Алин Кретјен, Соња Ганди, војвотката од Кент, прет­се­да­те­лот на Албанија, претседателот на Гана, повеќе ми­нистерски делегации, поранешната кралица на Бел­­гија и др.

Во текот на престојот, делегацијата од Репуб­лика Македонија имаше одвоени средби со ми­нис­терот за правосудство и законодавство на Западен Бенгал и со градоначалникот на Калкута. На двете средби се разговараше за можностите за развој на соработката меѓу Република Македонија и Индија, како и на градовите Скопје и Калкута. Притоа, беше истакната потребата од обновување на некогашните врски, контакти и можности за вклучување на Ре­пуб­лика Македонија за посматрач на Движењето на не­врзаните. Исто така, беше покрената и ини­ци­ја­тива за збратимување на градовите Скопје и Кал­кута и за поставување спомен-плоча на гробот на Мај­ка Тереза во Калкута, на која би било одбележано дека таа е скопјанка од Република Македонија, на која граѓаните од Скопје и‘  изразуваат почит кон неј­зиното големо дело што таа го направи, а светот тоа знае­ше да го цени и почитува.

Продолжува Пишува: СЛАВЕ КАТИН