ОД ЦРКОВНОТО ЖИВЕЕЊЕ НА МАКЕДОНЦИТЕ ВО КАНАДА
Кога се зборува или пишува за духовно-црковното и националното обединување на Македонците во етничка Македонија и воиселеништвото, името и делото на митрополитот Кирил, кој беше прв надлежен архиереј на Американско-канадската епархија е тесно поврзано со тоа. Имено, во Монографија за „Митрополитот Кирил”, издание на Полошко – кумановската епархија и на „Македонска искра”, Скопје, 2007, на 342 страници, на македонски и на англиски јазик, на авторот на овие редови се вели, дека митрополитот Кирил (Никола Поповски) е роден на 23 јуни 1934 година во Царев Двор, место кое е ни село ни град.
Основното образование го завршува во родното место, а Богословија во Призрен. На Благовештение, 7 април 1964 година, Никола се замонашува во манастирот „Раѓање на Пресвета Богородица” кај Кичево, и со радост го примил името на св. Кирил Солунски. Притоа, од страна на Неговото блаженство, архиепископот господин господин Доситеј, е ракоположен во чин ероѓакон, а само по кратко време и унапреден во архиѓаконски чин.
Во тоа својство пролетта 1965 година, младиот архиѓакон Кирил го придружува архиепископот господин господин Доситеј при посетата на САД и Канада, каде асистира при евангелисувањето на првата македонска црква во Торонто, на празникот Цветници, посветена на свети Климент Охридски.
По враќањето од САД и Канада, архиѓаконот Кирил е испратен на студии во Русија на Московската духовна академија во градот Загорск, со благослов на српскиот патријарх Герман. Меѓутоа, по две години студирање, односно по завршувањето на првиот степен, е повикан да се врати во татковината, поради повозвишени црковно-духовни и национални интереси на Македонската православна црква-Охридска архиепископија и македонскиот народ. На 5 јули 1967 година е избран за викарен епископ со титула тивериополски од страна на Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА и станува негов најмлад член. По унапредувањето во чин архимандрит, на 11 јули истата година, во предвечерието на празникот посветен во чест и слава на апостолите свети Петар и свети Павле, е извршено наречението во епископски чин, а утредента, на самиот ден Петровден, ќе биде хиротонисан за викарен епископ тивериополски.
Како член на Синодот, веднаш се вклучува во довршувањето на обемниот елаборат за обнова на автокефалноста на Охридската архиепископија. Пет дена подоцна (на 17 јули 1967 година) Светиот архијерејски синод на МПЦ-ОА одржа седница во црквата „Света Богородица Перивлепта” во Охрид, на која беше донесена историската Одлука за целосно возобновување на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква-Охридска архиепископија. По потпишувањето од страна на сите членови на Синодот: архиепископот господин господин Доситеј и митрополитите: господин Климент, господин Наум, господин Методиј и господин Кирил, истиот ден беше презентирана одлуката пред членовите на Третиот црковно-народен собор, што се одржа во катедралниот храм на охридските архиепископи „Света Софија”.
Во 1968 година ја реализира првата посета на северноамериканскиот континент како надлежен архијереј на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија. За време на едномесечниот престој во САД и Канада, го освети третиот македонски православен храм на американските простори, црквата „Свети Ѓорѓи” во градот Сираќуз, во државата Њујорк, а посети и други градови во кои го отвори и поттикна процесот за формирање нови македонски православни црковни општини и за изградба на нови цркви под јурисдикција на Светоклиментовата МПЦ-ОА.
Митрополитот господин Кирил во текот на наредните повеќе од две децении ќе одигра голема духовно национална улога, оттргнувајќи десетици илјади Македонци од српските, грчките, бугарските и други цркви, со цел да доаѓаат во македонските православни храмови. Тој беше добродојден во сите македонски асоцијации, македонски домови, особено во македонските православни цркви на северно-американскиот континент, во кои, тој има голем удел за формирањето на тие македонски црковно-национални храмови за генерациите
По враќањето од САД врши интензивни подготовки за реализација на првата посета на Македонците во Австралија. Притоа, со одбран тим на свои најблиски соработници ги изработува првата епархиска конституција со експозе и новите правилници, со кои македонските црковни општини ќе се усогласат со светите канони и новиот Устав на МПЦ-ОА. Според нивното слово ќе бидат формирани и раководени новоизградените македонски православни цркви. Првата канонска посета на Австралија ја изврши во почетокот на 1969 година, заедно со митрополитот дебарско-кичевски господин Методиј.
По враќањето од Австралија, врши обемни подготовки за посета на Канада и САД. Во канадската метропола Торонто, каде македонската етничка заедница е најбројна, заедно со ѓаконот Александар Цандовски ќе им биде нивното седиште и тука се преземени темелни потфати за формирање на првите органи и тела на Американско-канадско-австралиската македонска епархија.
На 10 август 1969 година, во катедралниот храм „Свети Климент Охридски Чудотворец” во Торонто, со величествени свечености е извршено неговото востоличување во епископскиот Светиклиментов трон на Американско-канадско-австралиската македонска православна епархија од страна на Неговото високопреосвештенство митрополитот дебарско-кичевски г. Методиј. Кога во 1971 година, ќе биде востановена и Полошко-кумановската епархија, митрополитот Кирил ќе биде избран за нејзин администратор со сите права и должности кои произлегуваат од Уставот на МПЦ-ОА.
Митрополитот Кирил како надлежен на Полошко-кумановската епархија почина на 79-годишна возраст на 10 јуни 2013 година. Тој си отиде без најава, без да рече збогум. Притоа, поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, архиепископот Стефан, пред државниот врв, свештенството и верниците се збогуваше од упокоениот митрополит Кирил.
Продолжува
Пишува: СЛАВЕ КАТИН