ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ – ПОЗНАТ И ПРИЗНАТ МАКЕДОНСКИ ИСЕЛЕНИК ВО САД

Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е исклучително голема, позната, призната и неодминлива личност во македонската дијаспора  и во Македонија. Тој е без сомнение еден од економски најуспешните Македонци во светот. Иако подолго време живее на Флорида, во Соединетите Американски Држави, од своето емигрирање до денес тој е длабоко и силно поврзан со судбината, вистината и настаните во Македонија. Џорџ Атанасоски е Македонец по националност и православен христијанин по вера. Тој е еден од најголемите иницијатори и организатори на одбраната на македонското име, особено на македонскот знаме од Кутлеш (Палатица).

Тој е бранителот и афирматорот на историјата и честа на македонскиот народ и Македонија во светот, посебно во Северна Америка. Во овие мигови на распетие на Македонија, кога Република Македонија е меѓународно призната, иако не под нејзиното уставно име, тој ги изложува своите погледи за можностите за македонски стопански, економски, културени верски препород, како и за натамошен демократски развој како суверена самостојна и независна држава на овие балкански ветрометини.

Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е роден на 18 февруари 1952 година во селото Марул, Прилепско, од татко Алексо и мајка Спасија. Во 1012  година го прослави своето шеесетто лето Господово на наговиот бурен живот, за кој со право се вели дека   тој е еден од најуспешните македонски бизнисмени во светот. Тој во брак има четири сина кои успешно одат по неговите стапки. Во неговото потесно семејство се и сестра му Виолета, која е кардиолог на Флорида, а брат му Јосиф е позната и призната личност во бизнисот во американското општество.                

Во 1970 година заминува за САД, кај својот постар брат Јосиф, со кого ја почна својата кариера како инженер вработен на Универзитетот во Њујорк. По само пет години сложните браќа формирале своја фирма што подоцна ќе прерасне во голема компанија. Седиштето на “Мајкрофлекс инк.” е во Ормонд Бич на Флорида чии целосно автоматизирани погони се распослани на над 16 илјади квадратни метри. Врвниот квалитет на флексибилните метални производи ги задоволуваат потребите на светски познатите: Форд, Крајслер, Џенерал моторс, Џенерал електрик, НАСА и други фирми ширум светот. Неодамна е почната изградбата на нови производни погони во Америка. А наскоро господинот Атанасоски планира да го изгради и првиот погон во Македонија за да се задоволат потребите на ЕУ, НАТО и другите европски земји со производи од добро познатата и призната програма на “ Мајкрофлекс инк.” потврдени со сертификати за стандардизација, ИСО 9001.

Меѓутоа, бизнисменот Атанасоски е препознатлив како најзначаен инвеститор од Македонците во дијаспората кои инвестирале во дедовската земја – Република Македонија. Тој е основач на Македонски светски неделник “Македонско сонце”, на претпријатијата “Мак ам”, како интернационална компанија, на хотелот со бензинска пумпа “Сонце ГА” во Прилеп, најпатриотската телевизиска станица во Македонија ТВ “Сонце” во Скопје, “Жито Прилеп” во Прилеп, на Женскиот ракометен клуб “Прилеп” и други инвестиции, а планира да вложи сопствени средства за нови производствени капацитети во Република Македонија и пошироко. Со тоа тој се вбројува меѓу економски најуспешните Македонци во светот. Иако подолго време престојува во Америка, од своето емигрирање до денес, тој е нераскинливо поврзан со судбината и со настаните во Македонија.

Меѓу другите активности во новата средина во САД, господинот Атанасоски стана член, а подоцна и секретар (1974-1980) на една од најстарите македонски организации во Северна Америка, Македонската заедница во Њујорк. Организацијата ја промовираше македонската нација, нејзината историја и култура. За време на работата во Македонската заедница во Њујорк, тој ја обедини македонската заедница преку спонзорирање на социо-културни настани, вклучувајќи и фолк-фестивали, симпозиуми, вечери на поезија, спортски настани и слично. Тој е особено активен во промовирањето на демократијата во Македонија.        

Имено, тој е шеф на Организацијата за заштита на македонското име, знаме, Устав, како и промоција на признавањето на Македонија како суверена држава од страна на земјите во светот.. Паралелно со промовирањето на демократијата во Македонија, во мај 1992 година господинот Атанасоски ги фокусираше своите напори за финансиско помагање на Светскиот македонски конгрес (СМК). Оваа асоција е широка организација која го форсира цивилното општество и економскиот развој, ги координира и им дава техничка поддршка на невладините организации. Истата година, Ѓорѓија – Џорџ Атанасоски е избран за претседател на Светскиот македонскиот конгрес за Северна Америка, една од највлијателните македонски невладини организации во светот. Неговата работа во СМК резултира со организирање хуманитарни активности за спонзорирање на истражувачки работи од областа на историјата во Македонија.

По осамостојувањето на Република Македонија, господинот Атанасоски активно се вклучи на македонската политичка сцена, а на меѓународен план е еден од најголемите борци за зачувување и негување на националните интереси на Македонците во земјава и во светот, при што особено внимание посветува на нивниот економски напредок.

На 24 јуни 1994 година, за да ја назначи важноста и да создаде верба во независните медиуми, тој го кофинансира, организира и етаблира првиот светски македонски неделник “Македонско сонце”, кој успешно опстојува на македонскиот медиумски простор, кој е отворен за секој граѓанин во земјата и во светот.

Како резултат на неговата политичка кариера, на претседателските избори во октомври 1994 година, македонскиот бизнисмен Ѓорѓија-Џорџ Атанасоски се кандидираше за независен кандидат за претседател на Република Македонија. Исто така и во 1999 година Атанасоски се кандидира за претседател на Македонија, со желба, доколку ја добие довербата на граѓаните, да ја унапреди демократијата во земјата, да промовира економски систем базиран на принципите на слободен пазар и држава во која ќе владеат законите на правниот систем. Основна агенда во неговата кампања беше да се забрза економскиот и социјалниот развој на Македонија.

Меѓутоа, Атанасоски не ја напушти почнатата патека за доброто на македонскиот народ и за неговата подобра сегашност и иднина. Продолжи со своите активности и како резултат на тоа, во текот на јануари 1996 година, поведе иницијатива за формирање на политичката партија “Македонска алијанса”.

Окружниот суд во Скопје, како надлежен за Судскиот регистар на политичките партии, во вонпроцесна постапка, а во согласност со законските одредби, одлучи и донесе Решение со кое Македонската алијанса со седиште во  Скопје стекнува својство на правно лице и дека може да започне со работа од 22 март 1996 година

Од 1996 година до денес, господинот Атанасоски е претседател на партијата “Македонска алијанса”. Партија е регистрирана во Скопје, но има свои ограноци речиси во сите земји во светот, во кои живеат Македонци. Промовирајќи ги своите патриотски ставови, Македонска алијанса стана синоним за националната борба на македонскиот народ. За таа цел, во 1998 година Македонска алијанса ја формира “Македонската национална коалиција”, со која учествуваше на парламентарните избори.

Македонската алијанса продолжува со својот амбициозен план за развој на македонската економија, за излез од кризата и за развој на државата. За таа цел, партијата нуди рака за соработка со сите Македонци и малцинства во Република Македонија, за во иднина сите да партиципираат во севкупниот просперитет на Република Македонија.

Description: 1sla3

Пишува: СЛАВЕ КАТИН