ЖЕЛЕВО – ЦЕНТАР НА ПОЗНАТИ МАКЕДОНЦИ ВО СВЕТОТ (24)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Според бугарски документи Желево се споменува како населба со околу 1200 жители и со повеќе од 250 куќи. Најбројно било во 1913 година со 1415 жители, за потоа тој број да почне да се намалува, во 1940 да дојде на околу илјада, во 1961 година имало само 605 жители, а во 1971 година 418 жители. Според кажувањата на мештаните, денес во селото живеат помалку од  400  жители.

Бројот на жителите покажува намалување поради големата емиграција меѓу двете светски војни кога повеќе семејства се иселиле во Битола, село Породин, во Бугарија и во прекуокеанските земји.

Во текот на Ѓраѓанската војна селото го напуштиле околу 200 семејства кои се прибрале, главно во поранешна Југославија и во источо европските земји. Желевци се иселиле претежно во Канада, особено во Торонто, каде има голема желевка колонија.

Желево е село од збиен тип со типични македонски куќи на кои висат пространи балкони. Тоа наликува на другите македонски села од леринско-костурскиот дел, како што се: Ошчима, Руља, Бесфина, Брезница, Смрдеш, Габреш, Поздивиште, Д’мбени, или наликува на селата од другата страна на Превал кон Преспа.

Според старите преданија, селото Желево го добило своето име од зборот „жилево“. Поточно, на местото каде постоело старото село високо се издигале огромни стебла кои пуштале долги и големи жили. Од зборот жила, селото го завикале Жилево, за потоа да се замени во Желево. Но, тоа е само легенда. Вистината е дека луѓето од Желево и од целиот тој крај на Егејска Македонија ги ширеле своите жили по целиот свет и дека низ нивните жили тече македонска крв.

Вредните раце на желевци ги изградиле двете селски цркви: старата црква „Свети Никола“, што датира од 1713 година и „Свети Атанас“, што е изградена во поново време, и на чии ѕидови се насликани живописни фрески од вредните раце на фрескописецот – мајстор Ѓорѓи и неговиот син Никола од Лазарополе.

Ние го посетивме Желево попладне и ги видовме сите убавини на селото., а и разговаравме и со повеќе жители, меѓу кои и еден брачен пар од Желево кој живее во Торонто. Средбата беше навистина срдечна, македонска, а се одржа во една од трите кафеани на патот.

Во оваа пригода треба да се нагласи дека од Желево потекнуваат бројни познати иселеници, особено во Торонто, меѓу кои, првиот Македонец кој завршил факултет во Торонто, ликовниот уметник Фото Томев, за кој авторот на овие редови има посветено посебни текстови.

Исто така, во Желево беше роден првиот претседател на Македонската православна црква „Свети Климент Охридски“ во Торонто, познатиот Спиро Сандерс, како и неговиот син Џими Сандерс, кој беше првиот претседател на националната организација „Обединети Македонци“ во Торонто.

12345
1234

Молчешкум го напуштивме Желево и се упативме кон Лерин. Стасавме до планинскиот превој, каде се наоѓа скијачкиот центар „Бигла“, од каде ги гледавме новите ветерници на ридот над селото Псодери.

Потоа застанавме на една ширинка од каде што се гледаше голем дел од Лерин, селото Арменско, дел од Пелагонија и неколку села што се нанижани на патот што води од Лерин кон Воден и Солун.

Тука, се насладувавме на убавините што Мајката природа ги дарила, но се потсетивме и на раскажувањата за комитите кои ја пролеале својата крв за Македонија некаде на планината Бигла, предадени од попот Ставрос од селото Псодери.

Во тие мигови, сакавме да ги заборавиме неубавите историски вистини и сè лошо што му е направено на македонскиот православен народ од Егејот, со надеж дека тоа нема да се повтори. Го помоливме Бога да биде праведен и да му помогне на напатениот македонски народ од Господовата Егејска Македонија да ги ужива сите човечки права, обврски и благодети пропишани со декларациите на Обединетите нации.

Продолжува

1SlaveK2 copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy copy

Пишува: СЛАВЕ КАТИН