МАКЕДОНИЈА ПОСТОЕЛА ОД АНТИЧКО ВРЕМЕ ДО ДЕНЕС И ЌЕ ПОСТОИ ВО ВЕЧНАТА ИДНИНА – I ДЕЛ (25)

ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА „ЃОРЃИЈА – ЏОРЏ АТАНАСОСКИ“ ОД СЛАВЕ КАТИН

Според зборовите на Џорџ Атанасоски целата историја на Европа е поврзана со Македонија, Европа ја подели Македонија во 1913, за Време на првата светска војна најголемите битки се водени на Македонска територија. Правени се обиди за асимилација на Македонците за среќа безуспешни. На крајот во еден дел од Македонија Македонците создадоа своја Држава во рамки на Југославија.

Но таквата причина ја исплаши Грција па направи егзодус над Македонците, Македонците се потомци на Филип и Александар и имаат право да живеат во своја држава. Но се плашам дека нивната пребогата историја во иднина ќе им донесе преголеми проблеми кои ќе им ги наметнат Бугарија и Грција затоа што имаат страв од постоењето на Македонија и Македонците

Меѓутоа, непобитен е фактот дека Македонецот, и покрај сите обиди и притисоци за негова асимилација се одржал и опстојал. Тоа покажува дека овој народ како библиски, успеа да се спротивстави и да ги издржи сите освојувања, угнетувања и негирања. Македонија е единствената земја со најдолга и најстара историја од која било друга земја во светот. Нејзиниот корен се античките Македонци, а нејзините водачи Филип и Александар Македонски.

Од нивното време, преку владеењето на Рим и Византија, но и преку големите миграции на Словените на југ, потоа отоманскиот и другите периоди, Македонија секогаш била меѓник и крстопат на различните цивилизации, култури, јазици и религии. Непобитен е фактот дека кога Европа била во мрак, единствено ја осветлувал факелот на македонската култура. Меѓу другото, Охридскиот универзитет на свети Климента, зрачел како симбол на една од најстарите цивилизации на континентот.

Почнувајќи од IV век па наваму христијанството преовладувало како религија на овие простори. Тоа го потврдуваат археолошките откритија и бројните христијански цркви, епископални катедрали, базиликите, крстилниците и другите сакрални објекти со големи димензии, кои покажуваат дека христијанството длабоко се закоренило и добро се организирало во Македонија од самиот почеток па до денес.

Еден од најкрупните настани што се случиле во минатото во Македонија била првата азбука на свети Кирил Солунски, која има историско значење за сите словенски народи. Така, првите преводи на богослужбените книги на старословенски, односно на старомакедонски јазик, го означија периодот кога во редот на владејачките јазици, покрај латинскиот, елинскиот и еврејскиот, тој се најде со неговото писмо. Оттогаш Господовото писмо почнало да се шири и на нашиот јазик, а луѓето да пишуваат и да читаат книги напишани на сесловенската-старомакедонската азбука и јазик.

Александровото писмо / Посмртна златна маска, Требениште Mакедонија, пајонско време

Несомнено, овој настан е од епохално значење за македонскиот народ. Прво, затоа што браќата свети Кирил и Методиј биле од Солун, Македонија, и второ, затоа што првите книги напишани на старомакедонскиот-сесловенскиот јазик, биле на јазикот на македонските Словени. Очигледно, светите Кирил и Методиј не можеле да употребат ниеден друг јазик освен јазикот на Македонците, кои живееле во нивниот град – Солун и околините места.

Друг епохален настан за Македонците се случил во почетокот на ХI век, кога македонскиот цар Самуил, својата престолнина ја преселил во Преспа, а потоа и во Охрид. Сведоштво за тоа се остатоците од неговите тврдини што ги гледаме и денес, како траен белег за тоа наше славно минато. Тука останало и седиштето на Охридската архиепископија, сè до нејзиното укинување во 1767 година. Инаку, со прогласувањето на

Патријаршијата, цар Самуил, од првиот охридски патријарх не случајно бил прогласен за император.

До доаѓањето на Османлиите на Балканот во XIV век, Македонија била во градителски подем. Сведоштво за тоа се бројните средновековни цркви и манастири, кои денес се наоѓаат во ризницата на европската и светската култура. Не случајно, Османлиите веднаш не ја укинале автокефалноста на Охридската архиепископија, туку покажале толерантност кон христијанската вера. По освојувањето на Охрид во 1408 година, цела Македонија се нашла под јаремот на Османлиската Империја.

Но, и покрај тоа, Османлиите, не само што не ја ограничиле независноста на Охридската архиепископија, туку и ја зголемиле моќта, со цел да ја ослабат Патријаршијата во Константинопол.  Меѓутоа, експанзијата на феудалниот систем во Турција, објективно значела слабеење на Охридската архиепископија.

Македонскиот народ и неговата црква, во тешката ситуација во која се нашле, биле под постојан притисок на Патријаршијата од Константинопол и од католичката пропаганда во Рим. Патријаршијата применувала разни методи за елинизација на македонскиот народ и уништување на неговата црква, во лицето на Охридската архиепископија. За таа цел, не се бирале средства и методи, Патријаршијата да се наметне врз тогашните црковни власти. Така, во 1767 година таа ја укинала Охридската архиепископија, со што му нанела голема штета на македонското христијанско население.

Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН