ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН
Беше недела наутро, Господов ден кога го напуштивме нашиот дом во Љубојно, во Долна Преспа. Сонцето се наѕираше од кај Баба Планина, а Преспанското Езеро како да беше во летен сон, водата мируваше и само одвреме – навреме некоја од езерските птици предизвикуваше бранови. Ние брзавме кон север и се движевме по патот за Битола.
Тој истиот пат, од спротивната насока, кон југ е асфалтиран до Маркова Нога, каде неправедно завршува еден свет, а почнува друг на иста земја македонска. Таму од кај селата Раби и Герман, за жал, е затворениот, или „планиран“ граничен премин меѓу Република Македонија и Грција.
По еден час возење стасавме во Битола, градот на конзулите, како обично битолчани милуваат да кажат, а потоа преку селото Кравари брзо стасавме во Меџитлија на граничниот премин со Елада (Грција). Нашата цел на патувањето беше да ги посетиме селата Зелениче, родното место на Стив Пљакас и Желево, родното место на Лили Пљакас, а со тоа и градовите во егејска Македонија Лерин и Костур.
Инаку, патувањата за Егејска Македонија, во исто време претставуваат и предизвик и возбуда и задоволство и разочарување за посетителите на оваа несреќна и напатена македонска земја. Тоа веднаш се почувствува на граничниот премин. Брзо и без проблеми како што е вообичаено во светот го поминавме преминот на Меџитлија.
Меѓутоа, проблемите се јавија со грчките службеници. Имено, службеното лице ми зборуваше на грчки, а јас на англиски го замолив да зборуваме на светскиот јазик за комуницирање. Тогаш тој ми се обрати на македонски и ми рече: „Дека одиш“. Јас на брзина одговорив на македонски дека патуваме за Лерин и Костур.
Бидејќи не сум кажал дека патуваме за Флорина и Касторија, службеникот ми ги грабна документите и ми нареди да го отворам багажникот на џипот. Притоа, почна насекаде да буричка во џипот, каде имав неколку книги на македонски и монографијата за бизнисменот Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, завиткана во бела хартија, а која ја носевме како поклон на еден наш пријател од САД кој престојуваше во Лерин.

Панорама на Лерин
Службеното лице ја скина опаковката на книгата и кога го виде сонцето од Кутлеш на корицата на монографијата, почна возбудено да ја прелистува. Непријатна гранична церемонија траеше повеќе од половина час Се собраа повеќе службени лица, гледаа, разговараа, размислуваа, се договараа, за на крајот да се смилуваа и да ни дозволат влез во Грција.
Го напуштивме граничниот премин и се упативме кон Лерин. Влеговме во селото Ники, односно Негочани и патувањето го продолживме кон Лерин, по патот кој минува низ Пелагонија, низ нејзиниот југозападен дел. А, таму поради познатите миграциски процеси и иселувањето на Македонците, голем дел од плодните површини се останати како неми споменици на времето.
Таму се сместени селата Света Петка, Клабучиште, Долно и Горно Клештино, Кладораби, Кабасница, Буф и др. Овие села се познати по тоа што од нив голем број Македонци започнале да заминуваат на печалба во прекуокеанските земји уште пред Првата светска војна, а особено тоа било изразено по Граѓанската војна. Таму, во новиот свет, далеку од својата родна земја, за среќа Македонците ја почувствуваа слободата, правдината и ги уживаат човековите права и слободи.
Поминавме поголем број македонски села и стасавме во Лерин, или како Грците го прекрстија Флорина, кој е главен град на Леринскиот округ. Тој е сместен на крајот од Пелагонија во Леринското Поле, каде со железничка пруга е поврзан со Битола и Солун. Лерин е на слична надморска височина како Битола на помалку од 700 метри. Лерин e град во Егејска Македонија што е сместен меѓу шумовитите планински врвови на планината Бигла.
Тој е трговски и административен центар на Леринската околија. Лерин е еснафски град. Тоа се гледа по бројните дуќани кои се душата на градот Тоа е поднебје во кое земјата е ровка, а околните богати шуми се користат за потребите на индустријата и во домаќинствата.
Во Лерин живеат дваесетина илјади жители, од кои се смета дека значаен број е македонско население, а другите се православни Турци (Просвиги) и други православни народи од Кавкас и други места (Маџири). Притоа, треба да се нагласи дека националната свест кај Македонците во Лерин и во цела Егејска Македонија е силна, а битката се води дома и пред меѓународните организации на Европа и Обединетите нации.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН