ДЕЛ ОД МОНОГРАФИЈАТА “СТИВ ПЉАКАС“ ОД СЛАВЕ КАТИН
Македонската заедница во Торонто постојано ја промовира дедовската земја – Македонија, македонската нација, нејзината историја, литература, религија, јазик, култура, а во исто време и вистината за постигнувањата во новата мултиетничка демократска Канада.
Затоа, со право се вели Стив Пљакас ја обедини Македонската заедница во Торонто и пошироко, преку најразлични активности и преку спонзорирање на социокултурни настани. Исто така, тој соработува со канадските власти за унапредување на правата на Македонците во Канада и претставува мост меѓу Канада и Република Македонија.
Стив Пљакас е роден на 2 јуни 1940 година во селото Зелениче, Леринско, во егејскиот дел на Македонија и бил сведок на македонското партизанско движење за слобода. Но, во исто време бил и сведок кога грчкиот фашистички поредок го направил црното сценарио за да ги прогони, да ги исели, а со тоа да ги избрише Македонците од својата земја, од своите вековни дедовски корени, а на нивно место да досели православни Турци (Просвиги).
Познатиот македонски бизнисмен Стив Пљакас заедно со својата сопруга Лили ја најдoа и ја почувствуваа слободата, демократијата и вистинскиот слободен живот во Канада. Затоа, тие како посветени канадски жители, почитувани, познати и признати граѓани на демократското мултикултурно канадско општество. Тоа им даде крилја тие да бидат големи хуманисти, донатори на многу важни национални и културни манифестации во Канада и Соединетите Американски Држави каде живеат и работат многубројни Македонци од сите делови на Македонија.
Стив Пљакас долги години работи за Македонија, за Македонците и македонското прашање, обединувајќи ги македонските иселеници и Македонците во соседните земји со спонзорирање на социокултуролошки настани.
Тој, особено, се грижи за своите сонародници во егејскиот и пиринскиот дел на Македонија, Македонците од Мала Преспа и на други места ширум светот. Притоа, донирал средства за хуманитарни и други организации во Република Македонија, меѓу кои и апарат за дијализа. Спонзорирал информативни гласила, портали, организации, цркви и друг вид асоцијации во неговата родна земја и насекаде во светот каде живеат Македонци.
Стив е човекот кој е сопственик на големиот и единствен трговски центар „Македонија Плаза (центар)“ во Њумаркет. Впечатливо дизајнираните рекламни табли на центарот на некои им пркосат, а за многумина е место за препознавање и запознавање со Македонија.
Затоа, со право се вели дека Стив Пљакас, навистина, е Македонец кој се посветил на националното прашање. Тој, со своето знаење, со својата Господова дарба, интелигенција, итрина и приспособливост во новите демократски услови, успешно се приспособил на приликите во Канада.

Воден од љубовта кон татковината и од нејзиното сонце, како Големиот Александар Македонски, тој е мошне активен и во Македонија. Цели дваесет години од осамостојувањето на Република Македонија, тој со срце, душа и голема љубов учествува во политиката, културата, медиумите и, воопшто, во социјално-општественото живеење и опстојување на својот народ и својата татковина.
Македонцките во дијаспората, особено во Канада и Соединетите Американски Држави, поседуваат потенцијал и капитал да го зголемат присуството на македонските фирми во новите средини и да бидат македонски промотори кај канадските инвеститори и бизнисмени.
Тоа е особено изразено кај Стив Пљакас кој по осамостојувањето на Република Македонија, активно се вклучи на македонската политичка и економска сцена. На меѓународен план, тој е еден од најголемите борци со директни ангажмани за зачувување и негување на бизнис интересите на Македонците во земјава и во светот, при што и покрај бизнис зделките, посебно внимание посветува на националниот напредок.
Во 2017 година Стив Пљакас го прослави своето седумдесет и седмо лето Господово на неговиот бурен живот, за кој со право се вели дека е еден од најуспешните македонски активисти, бизнисмени во светот и бранител на Македонија.
Затоа, авторот Славе Катин монографијата ја посвети на благородното семејство Пљакас (Пљаков), за кое презентира бројни текстови, документи, фотографии и други материјали со кои авторот се потруди монографијата да ја претстави како огледало на животот и делото на Стив и Лили Пњакас и нивното почитувано семејство.
Продолжува

Пишува: СЛАВЕ КАТИН