40 ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА ЛИТЕРАТУРНОТО ДРУШТВО „ГРИГОР ПРЛИЧЕВ“

На 31 март се навршија 40 години од постоењето на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ кое од самиот почеток покажа дека е главен фактор за промовирање на македонскиот јазик, литература, култура и нација во Австралија и кое завзеде водечка улога во разбудување свеста на Македонците дека само со почитување на својот јазик и културна позадина ќе можеме да опстоиме како нација не само во Австралија туку и во самата Македонија.

Друштвото се формира во период кога тогашните (како и сегашните) влади на нашите соседи водеа една уништувачка политика кон Македонците, во период кога југословенската влада вршеше големо влијание врз македонското иселеништвото да се сузбие и уништи македонскиот идентитет. Тоа беше еден период кога Друштвото им беше трн во очите на режимот на југославија, вклучувајќи ги и македонските поданици и нивните слуги во дијаспората кои на секој начин се обидуваа да ја обесхрабрат или понижат работата на Друштвото. Но љубовта кон својот јазик и кон својата татковина Македонија беше мотивација да се твори и делува во сите полиња во социјално-политичкиот живот на заедницата, да се промовира македонската историја и организира културни средби за обединување на заедницата.

Преку Литературното друштво (како пример) се даде иницијатива за формирање на: Македонско шаховско друштво; Независни македонски етнички училишта (пред тој период македонскиот јазик се изучуваше преку југословенските училишта); Комитетот за македонските човекови права за НЈВ; Македонска добротворна асоцијација; Австралиско-македонски младински театар; одбор за организирање на Денови на македонската култура во 1986, 1988, 1992 година; Фондација за изучување на македонскиот јазик на Универзитетот Маквари; Австралиско македонскиот театар од Сиднеј и други асоцијации кои сеуште активно делуваат во македонската заедница. Исто преку Друштвото се дадоа иницијативи за организирање на национални протести против нацистичко настроените влади на соседите, посебно во 80-тите и 90-тите години, испраќање писма и лобирање до австралиските институции и влади и издавање на посебни меморандуми за човековите права на Македонците во поробените делови на Македонија.

Друштвото исто така формира Библиотека под истото име (единствена од ваков вид надвор од Република Македонија) која поседува повеќе илјади книги; го издаваше списани за литература и култура „Повод“ (издаде 54 броеви); издаде 77 наслови со различни жанрови од своите членови; организира годишни наградни конкурси за поезија и проза; членовите (над 300) на Друштвото се присутни на сите полиња во културниот живот на Македонците во Австралија, а што е најважно во Друштвото членуваат дописни членови од повеќе држави во светот кои ги штитат интересите на македонската нација. Некои членови членуваат и во Друштвото на писателите на Македонија, а дваесетина писатели од Македонија се почесни членови во Друштвото.

За оваа јубилејна година на Дрштвото во план е да се издадат повеќе наслови од членовите, Монографија од Друштвото, Архив на Друштвото како и Антологија со поезија од своите членови. Во оваа јубилејна година, Македонската нација повторно се наоѓа пред прагот на (себе) уништување. Поради тоа апелирам до сите членови, дописни и почесни, да не престанат да се борат за македонскиот јазик, да не подлегнуваат на дневните политички слогани и партиски да се делат и уништуваат.

Душан Ристевски