Министерот за европски прашања Муртезани во посета на Варшава и Киев

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани од денска до 19 јануари ќе престојува во работни посети на Полска и на Украина.

За време на посетата на Полска министерот Муртезани ќе се сретне со полскиот министер за прашања на ЕУ, Адам Шлапка, соопшти Министесртвото за евопски прашања.

Од почетокот на јануари, Полска од Унгарија го презема шестмесечното претседавање со Советот на ЕУ. Двајцата министри на средбата ќе разговараат за приоритетите на полското претседавање со ЕУ како и процесот на пристапни преговори на Северна Македонија.

Од Полска, министерот Муртезани продолжува во работна посета на Украина. Во Киев, предвидено е Муртезани да се сретне со заменик претседателката на Владата на Украина за европски и евроатлантски интеграции, министерка за правда и главен преговарач за членство на Украина во ЕУ, Олга Стефанишина. Во рамките на посетата, ќе биде потпишан Меморандум за соработка помеѓу Северна Македонија и Украина, кој ќе ја унапреди соработката во процесот на европската интеграција и ќе ја зајакне поддршката за Киев на патот кон членство во Европската Унија.

За време на посетата на Украина, министерот Муртезани ќе има средби и со пратеничката во Врховната Рада на Украина и претседателка на комитетот за прашања за интеграција на Украина во ЕУ, Иванна Климпуш-Цинцадзе, заменик министерот за надворешни работи на Украина, Евген Перебинис како и со заменик министерот за култура и стратешки комуникации на Украина одговорен за европски интеграции, Андриj Наджос, стои во соопшптението од Министесртвото за евопски прашања.