Западниот Балкан е клучното соседство на НАТО и случувањата таму, пред се ситуацијата во Босна и Херцеговина, но и односите меѓу Србија и Косово, се причина за загриженост, изјави генералниот секретар на Алијансата во обраќањето ва Европскиот парламент на заедничкиот состанок на членовите на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ), на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДЕ) и на Делегацијата за односи со Парламентарното собрание на Алијансата.
– Внимателно го следиме развојот на безбедносната ситуација во Босна и Херцеговина. НАТО сојузниците беа секогаш јасни дека нема да дозволиме безбедносниот вакуум да ја зафати Босна и Херцеговина и воопшто целиот Западен Балкан, рече Руте.
Тој потенцира и дека НАТО тесно соработува со Европската Унија во Мисијата ЕУФОР Алтеа во Босна и Херцеговина, чиј мандатот беше продолжен лани во ноември и која, како што рече, има клучна улога во овозможувањето на побезбеден и посигурен амбиент во земјата и во соочувањето со сите потенцијални предизвици.
Руте додаде и дека Алијансата е во постојан контакт со властите на Косово, но исто така и на Србија, со цел да се осигура дека претстојните косовски парламентарни избори нема да доведат до ескалација на состојбата.
– Длабоко сум загрижен за безбедносната ситуација во Европа. Ние не сме во војна, но живее ниту во мир. Добрата вест е што знаеме што да правиме за да ги заштитиме нашите луѓе и нашиот начин на живот, потенцира Руте, нагласувајќи ја потребата од поголеми инвестиции во одбраната и одбранбените капацитети, заштитата на критичната инфраструктура и зајакнувањето на отпорноста на западните општества.
Според Руте, во ова опасно време по безбедноста и во услови на руската агресија врз Украина, од суштинско значење е соработката меѓу НАТО и ЕУ.
– Русија ја засилува својата кампања за дестабилизација против нашите земји со кибер напади, атентати, акти на саботажи… И Русија не е сама, покрај неа се и Кина, Северна Кореја и Иран. Во меѓу време опстојуваат и многу други опасности – од тероризмот до ширење на нуклеарното оружје, дезинформациите и секако климатските промени, рече Руте.
Затоа, според него, треба да продолжи и да се засили поддршката на Украина во нејзините напори за промена на траекторијата во војната против руската агресија.
Руте нагласи дека иднината на европската и глобалната безбедност зависат од исходот на војната во Украина и ако сите сакаме оваа војна да заврши, треба да се создадат услови да зајакне земјата и нејзината позиција на преговарачката маса со обезбедување на траен и одржлив мир.
– Во сето ова – одбранбена, отпорност и Украина, НАТО и ЕУ мора да работат рака под рака. Од самиот почетокот на руската агресија против Украина, верувам дека покажавме политичко единство и кохерентност без преседан и имам намера тоа да продолжи, истакна Руте.
Тој нагласи дека негови приоритети се зајакнување на одбраната и зголемување на одбранбените трошоци и производство, со цел, не да се предизвика војна, туку да се спречи. Руте потсети дека НАТО сојузниците ги зголемија трошоците за одбранат и дека две третини од нив веќе издвојуваат најмалку два отсто од својот БДП за одбранбени потреби.
– Тоа е добро и го поздравувам, но да бидам искрен, два проценти не е ни близу доволно и за да останеме безбедни во годините што доаѓаат и сојузниците требаат да разгледаат одбранбена потрошувачка значително поголема од два отсто, истакна Руте, нагласувајќи дека „безбедноста не доаѓа бесплатно“.
Тој ги повика европратениците да ги поддржат овие напори за зголемување на трошоците за одбрана, потенцирајќи дека безбедноста на Европа ќе биде многу поголема само ако мал дел од средствата што сега се трошат за пензии и здравствена и социјална заштита се пренаменат за обезбедување на многу посилна одбрана.
– Инвестициите во нашата обрана се инвестиции во нашата безбедност и безбедноста на нашите деца и внуци, нагласи Руте.
Тој истакна дека иако европската одбранбена индустрија зајакнува, таа е се уште мала, премногу фрагментирана и расте доста споро, па затоа ги поздрави напорите на ЕУ за зајакнување на одбраната и на базата на воената индустрија преку обезбедување инвестиции и иновации во овој сектор, со што, според него, ќе се зголеми безбедноста на Европа.
– Трансатлантската одбранбена индустриска соработка не прави сите посилни. Во време кога Русија, Кина, Северна Кореја и Иран ја зајакнуваат меѓусебната одбранбена соработка на нивоа без преседан, би било чин на самоповредување ако ставаме нови бариери меѓу сојузниците во НАТО, рече Руте.
Според него, неопходно е избегнување на дуплирање на постоечките структури и неоправдано губење на време и ресурси, па затоа НАТО и ЕУ мораат да работат заедно и да се надополнуваат во зајакнување на безбедноста и справувањето со кибер нападите, саботажите, шпионажата, дезинформациите, инструментализацијата на миграција и останатите непријателски активности.
– НАТО тоа не може да го прави сам. Треба да работиме заедно за да ја искористиме нашата сила и стручност за да го зачуваме нашето население безбедно… Затоа треба да ја зајакнеме нашата одбрана. Сега сме безбедни, но за да бидеме безбедни и за пет години, мора уште денес да почнеме да трошиме повеќе за зголемување на одбранбеното производството, за зајакнување на отпорноста и за поддршка на Украина, заклучи Руте.