Мисајловски: Условот од два отсто од Буџетот за одбраната исполнет, 32 отсто одат на модернизација

Модернизација и опремување на Aрмијата, обезбеден услов од два проценти од Буџетот за одбраната, како и зголемување на стандардот на вработените и пополнување со помладите во Армијата се трите столба кои се приоритет на Министерството за одбрана и АРМ кои ги најави министерот за одбрана Владо Мисајловски на денешниот предновогодишен брифинг со новинарите.

Од наредната година започнува постапка за прием на нови 300 војници.

-Во однос на буџетот би сакал да информирам и да истакнам дека условот за минимум 2 проценти наменет за одбраната е испочитуван. Гледано во пари тој изнесува 329 милиони евра, од кои 32 проценти, односно 106 милиони евра се наменети за модернизација и опремување на Армијата. Гледано во однос на 2024 година тоа се 18 милиони евра повеќе, истакна Мисајловски.

Модернизацијата и опремувањето, како што истакна министерот е процес, кој се реализира согласно планирањето на Армијата и согласно сите цели на способности. Испораката на сите 96 „ЈЛТВ“ возила и возилата „страјкер“ треба да заврши до крајот на годината, а исто така до крајот на 2025 треба да пристигнат и нарачаните системи „Боран“ и „Мистрал“.

Како многу важен столб, Мисајловски го истакна и човечкиот капацитет за кој рече дека е врвен приоритет, кој е вклучен во стандардот на вработените и пополнување со помладите во Армијата.

-Сакам да информирам дека во овие пет, односно шест месеци исплатени се 99 проценти согласно Колективниот договор. Како Министерство издвоивме околу 14 милиони евра директно да се исплатат средства на сите вработени изминатите години и тоа е навистина огромна заслуга за сите од раководството. Зборувам за 14 милиони евра коишто од 2018 година по различни основи не биле исплаќани и навистина сум горд што можам да кажам дека 99 проценти ќе бидат и се исплатени средствата до крајот на оваа година. Ова значи многу за сите вработени бидејќи во минатото и сега имаме огромни тужби по различни основи. Само оваа година преку шест милиони евра поради неисплатени обврски кон вработените, појасни министерот.

Мисајловски на брифингот за следната година најави и започнување на постапка за прием на нови 300 професионални војници.

-Следната година ќе ги објавиме сите овие податоци, 300 нови професионални војници и секој оној што сака да биде дел од Армијата се разбира ќе го погледне огласот и ќе се пријави. Со тој начин зголемуваме припадници во Армијата, но и ја подобруваме нашата борбена готовност. Продолжуваме и со прием до 60 граѓани со цивилни факултети, а исто така, ќе завршиме и со постапката за прием на питомци и она што е дополнителни вработувања се разбира за оние категории што се најпотребни во МО, истакна Мисајловски.

Додаде дека наредната година ќе се инвестира во најголем дел од капацитетите на МО, кои се во лоша состојба.

-Домот на АРМ, јас очекувам дека следната година ќе има една убава вест каде што ќе можеме да започнеме целосна реконструкција, која би се спровела етапно. Сега ги правиме проектите, но мораме да ги подобриме условите насекаде во Армијата. Модернизација пред се, најмногу средства ќе се одвојат, над 32 проценти во Буџетот, но исто така Колективниот договор и се’ она што е по закон да се исплаќа и се разбира да вложуваме во сите капацитети, појасни Мисајловски.

Во однос на задолжителен воен рок министерот рече дека во овој момент не размислуваат на таа тема, бидејќи нема такви иницијативи.

На новинарско прашање за дополнителна помош за Украина Мисајловски рече дека веќе ги информирал медиумите дека поминал еден пакет на затворена седница на Влада и дека сега се во фаза на завршување на таа постапка и потпишување меморандум.

– За нови пакети во овој момент не се разговара, но ќе ги разгледаме сите опции. Доколку негде можеме да помогнеме ќе помагаме, но мој став и мој приоритет ќе биде пред се модернизација и целосно фокусирање во овој момент на нашата македонска Армија, додаде Мисајловски.

Тој појасни дека  во делот на модернизација влегуваат и осум хеликоптери.

-Тоа е најголемиот договор што го имаме во Министерството, потпишан на 249 милиони. Согласно договорот од крајот на следната година треба на одреден периодичен акциски план да пристигнуваат тие хеликоптери. Но, многу сме внимателни со овој договор. Ги разгледуваме сите оние детали, навистина ми е  жал што ова денес ќе ви го кажам, но ќе ви го кажам. Пробуваме секој еден договор, секој еден документ да го погледнеме стручно да го реализираме. Но, она што во овој момент и повеќе месеци пробуваме да го добиеме и од сите служби оние инволвирани за да се склучи овој договор требаат две фази. Тоа се’ е поминато на влада и тука нема дилема. Првиот дел е технички аранжман помеѓу земјите, зборувам во тој процес помеѓу Македонија и Италија и вториот кога пристапувате со договор со држава или со компанија да потпишете договор. За жал ќе констатирам тука дека техничкиот аранжман што е потпишан помеѓу министрите не е заверен во Министерството и тоа е еве вака проблем што мора да најдеме начин како тоа правно да го затвориме, а од друга страна да продолжиме со онаа прва конференција со компанијата за потоа да започнеме ефективно да работиме на сите прашања и ова прв пат го отворам тука пред вас, но мора правно детално во секој еден детаљ од договорот да се влезе. Зборуваме за огромен договор и зборуваме за домаќинско работење. Јас само така ќе работам, нагласи Мисајловски.

Министерот информираше дека веќе се прави ревизија на сите постапки во рамки на службите на АРМ.