Стејт департментот на Соединетите Американски Држави денеска соопшти дека воведува санкции против поранешниот заменик-претседател на Владата на Северна Македонија Артан Груби и судијата на Апелацискиот суд Енвер Беџети поради нивна вмешаност во значителна корупција.
Според соопштението, Груби и Беџети примале мито со цел да ги поткопаат судските процеси поврзани со кривичната осуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Мијалков беше санкциониран во 2022 година за значителна корупција според Секцијата 7031(в) од Законот за надворешни операции и поврзани програми на Стејт департментот.
Покрај санкциите за Груби и Беџети, забрани за влез во САД се воведени и за членовите на нивните семејства.
Овие мерки се дел од глобалната иницијатива за борба против корупцијата и злоупотребите на човековите права, која се спроведува по повод Меѓународниот ден за борба против корупцијата и Денот на човековите права.