Средба Димитровски – Блинкен: Поддршка од САД за откочување на европскиот пат

Заменик министерот за надворешни работи Зоран Димитровски денеска на маргините на Министерскиот совет на ОБСЕ во Малта, остварил куса средба со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен.

Димитровски на неговиот фејсбук профил објави дека се заблагодарил на поддршката од Вашингтон за европските интеграции на земјава и изразил уверување дека со помош на САД, кои се наш стратешки партнер, во дијалог со Софија ќе се надминат пречките за нашите европски интеграции и ќе се овозможи забрзано интегрирање во Европската унија.

– Државниот секретар на САД Блинкен го нагласи нашето партнерство во НАТО, се заблагодари за улогата што Македонија ја има како активен партнер во Алијансата и вети дека на својот наследник од новата администрација ќе му ги пренесе пораките за продолжување на поддршката на интеграцијата на Западен Балкан и МКД во ЕУ, како и на мирот и стабилноста на регионот, наведува Димитровски во објавата на ФБ.

Димитровски, во својство на претседавач со ОБСЕ во 2023 и член на ОБСЕ Тројката, претседавал со втората сесија на Министерскиот совет во Малта, на кој присуствуваат шефови на дипломатии и високи претставници на 57 земји учеснички и 11 азиски и медитерански партнери за соработка. 

Во обраќањето пред министрите, тој ја осудил руската агресија врз Украина и се придружи на повиците до Руската Федерација да ги повлече своите сили и да стави крај на војната и страдањето на населението.

– Оваа војна мора да прекине. Храбрите и отпорни граѓани на Украина заслужуваат достоинствен и праведен мир, а правдата мора да надвладее. По завршувањето на агресијата, ОБСЕ ќе биде во можност целосно да ја реализира својата мисија на продлабочување на дијалогот, изградба на доверба и промовирање на сеопфатна и неделива безбедност, истакнал Димитровски. 

Тој ја нагласил и улогата и конкретниот придонес на нашата држава како поранешен претседавач за функционалноста на ОБСЕ и нејзината релевантност. 

Во рамките на денешното учество, Димитровски зборувал и на панел дискусијата посветена на 20 годишнината од усвојувањето на Акцискиот план за родова еднаквост на ОБСЕ, при што ја истакнал заложбата за конзистентна имплементација на политиките и процесите за овозможување на родова еднаквост низ регионот на ОБСЕ.