Мицкоски-Касаноф: Европските интеграции остануваат врвен стратешки приоритет, САД цврсто стојат зад Северна Македонија

САД отсекогаш биле наши блиски сојузници и пријатели. Како што тоа беше случај и претходно, така и денес, во услови на променета геополитика, остануваме како земја да бидеме посветен сојузник и партнер на САД.  Ова партнерство е цврсто втемелено на взаемна почит, доверба и заеднички цели, истакна премиерот Христијан Мицкоски на заедничката прес-конференција со заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан.

Претставникот на американскиот Стејт департмент истакна дека САД стојат цврсто зад Северна Македонија во решавањето на реформите кои што ќе ја зацрвстат економијата, инфраструктурата, како и јавниот и приватен сектор, но и заедниците и ќе ја подготви за нејзиното природно место на припадност во ЕУ. Тоа, кажа Касаноф, вклучува владеење на право и промена на законите. 

– Наша задача е да продолжиме да ги надоградуваме овие односи, да ја продлабочуваме нашата соработка и да обезбедиме дека придобивките од ова партнерство ќе ги почувствуваат сите наши граѓани. Цврсто стоиме на страната на демократијата, мирот и просперитетот и ќе продолжиме да ги спроведуваме сите потребни чекори за заеднички напредок, инспирирани, меѓу другото и од пријателството со САД, рече премиерот Мицкоски на заедничката прес-конференција.

Средбата со Касаноф ја окарактеризира како искрена и важна и која беше важна потврда за тридецениското партнерство помеѓу двете земји, која се темели на заеднички вредности и визија за подобра иднина. 

-Разговаравме за нашите европски интеграции, зајакнување на владеење на правото и економскиот развој, кој што претставува приоритет на нашата влада. Овие приоритети не се само национални цели, туку претставуваат предуслов за стабилност и напредок на целиот регион. Европските интеграции остануваат наш врвен стратешки приоритет. Работиме неуморно на реформите кои ќе обезбедат владеење на право, транспаретност и ефикасност на институциите, и заштита на човековите права и слободи, рече Мицкоски.

Премиерот кажа дека во економската сфера Владата работи на создавање на поволна деловна сфера кој ќе го поттикне економскиот раст. Верува дека соработката со САД ќе игра значајна улога во подобрување на овие, како што кажа, за нас исклучително добри резултати.

Касаноф истакна дека му било чест да се сретне со премиерот за да се потврди силното партнерство меѓу Северна Македонија и САД. Според него, разговорите биле продуктивни и мошне опсежни, поткрепени од заедничките вредности кои ги спојуваат нашите нации.

-Сржта на нашите разговори се однесуваше на поддршката на САД за аспирациите на Северна Македонија за целосна евроатланска интеграција како и реформите и придобивките кои ќе дојдат со пристапувањето кон ЕУ. Ние ги препознаваме предизвиците со кои се соочи Северна Македонија за да го постигне полноправното членство во НАТО и од неа се бара уште за да пристапи кон ЕУ. САД стојат цврсто зад Северна Македонија во решавањето на реформите кои што ќе ја зацрвстат економијата, инфраструктурата, како и јавниот и приватен сектор, но и заедниците и ќе ја подготви за нејзиното природно место на припадност во ЕУ. Тоа вклучува владеење на право и промена на законите, рече Касаноф.      

Премиерот Мицкоски, како што кажа тој, добро ја сфаќа моќта на корупцијата за поткопување на довербата и за него борбата за корупција е од клучна важност за оваа влада и ние го цениме тоа.

-Како сојузници во НАТО нашето партнерство никогаш не било посилно и честитам на Северна Македонија како и на премиерот за исполнување на двата проценти од БДП за одбраната, но и тековната поддршка за Украина во однос на инвазијата од страна на Русија што е навистина сериозен придонес и многу го цениме, рече Касаноф. 

Според него, иднината на Северна Македонија е навистина светла и САД ќе останат покрај нас до исполнување на нашите цели. 

Касаноф одговарајќи на новинарско прашање рече дека премиерот е апсолутен посветен на прашањето за евроинтегративниот процес, додека пак Мицкоски нагласи дека тие како Влада сакаат процесот не само да почнет, туку да почне и да заврши. 

Во однос на проширувањето на црната листа со лица од Северна Македонија, заменик-помошник државен секретар на САД за Западен Балкан, рече дека не може да кажува детали, но дека се работи за нив.