Подготвени сме да разговараме за се што е принципиелно за државата и граѓаните, но ултиматуми не прифаќаме:Мицкоски од Брисел

Премиерот Христијан Мицкоски, кој е во посета на Брисел, во изјава за медиумите по денешните средби со новиот комесар за проширување Марта Кос и со новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта, рече дека Владата останува фокусирана на реформите и дека е подготвена да разговара за се што е принципиелно за државата и граѓаните, но дека ултиматуми не прифаќа. 

– И на двете средби во исклучително пријателска, и би рекол срдечна и конструктивна атмосфера разговараме за сето она што ние досега го имаме поминато како предизвик во минатото, за сето она кое што ние требаше и се откажавме во името на европските вредности, но истовремено ги реафирмиравме нашите ставови дека ултиматуми не прифаќаме, дека сме подготвени да разговараме и подготвени сме да разговараме онолку колку што е потребно за да најдеме начин како да го отвориме првиот кластер, брзо да го поминеме тој процес на преговори и да станеме земја членка во Европската Унија, изјави Мицкоски.

Порача дека Владата останува посветена на обезбедување подобар живот за граѓаните и дека како дел од таа агенда е и инспирацијата државата да биде дел од европското семејство.