Премиерот Мицкоски на работна вечера со Кошта и останатите лидери од Западниот Балкан 

Премиерот Христијан Мицкоски вечер во Брисел ќе присуствува на неформална работна вечера што за лидерите од земјите од регионот на Западниот Балкан ја организира новиот претседател на Европскиот совет, Антонио Кошта. 

Покрај Мицкоски, како што соопшти Советот на ЕУ, на вечерата се поканети и косовската претседателка Вјоса Османи, претседателите на Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседавачката на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цијановиќ и премиерите на Албанија и на Косово, Еди Рама и Албин Курти. 

Пред вечерата најавени се билатерални средби на Кошта со Мицкоски, Рама, Цијановиќ, Вучиќ и Курти, додека за утре претпладне е предвидено претседателот на Советот на ЕУ да се сретне со Османи и Милатовиќ. 

За утре беше најавувана и средба на лидерите на земјите од Западниот Балкан со високи претставници на ЕУ, на која главна тема требаше да биде имплементацијата на Планот на Европската комисија за раст на регионот, но таа е откажана. 

Според новиот портпарол на ЕК за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие, одлагањето на средбата нема да влијае на процесот на исплата на првите средства во рамките на Планот за раст на Западниот Балкан. 

– Работиме (на реализација) на овој процес што е можно поскоро, рече Мерсие, додавајќи дека засега не е утврден нов термин за одржување на откажаната средба.  

Инаку, покрај со Кошта, предвидено е Вучиќ и Курти денеска да имаат одвоени средби и со претставничката на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас. Иако, како што најави главната портпаролка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската комисија, Анита Хипер, средбите сами по себе не се дел од процесот на дијалог меѓу Белград и Приштина што се води со посредство на ЕУ, сепак се очекува на нив да стане збор за процесот на нормализација на односите меѓу Србија и Косово, како и за најновите тензии предизвикани од нападот врз каналот за вода во Зубин Поток во северно Косово што се случи во петокот.